Што сè треба да знаете за вакцините

Прашање на избор или обврска?

Стручна соработничка: д-р Анита Вукелиќ

Соочени со епидемијата на ковид-19 и потенцијалната појава на нејзините нови бранови, свесни сме дека единствено откривањето вакцина против коронавирусот може да ѝ стави точка на опасноста од ова заболување. Имајќи ја предвид негативната слика за вакцинацијата, која последниве години е истакнувана во јавноста, многу е важно да се запрашаме колку реално знаеме за вакцинацијата. Што вели за тоа официјалната медицина?

ЗОШТО Е ВАЖНА ВАКЦИНАЦИЈАТА?

Активната имунизација (вакцинација) е најефикасен начин за заштита на здравјето на луѓето од заразни (инфективни) болести. Тоа е постапка со која вештачки се поттикнува создавањето на специфичната отпорност на организмот.

Се темели на контролирано внесување изменети микроорганизми или нивни продукти во човековиот организам за да се активира имунолошката реакција, т.е. создавање специфични антитела, кои остануваат во организмот во форма на имунолошко помнење.

При евентуален повторен контакт со конкретниот микроорганизам, против кој е применета таа вакцинација, организмот реагира со посилна, секундарна имунолошка реакција, која многу поефикасно го заштитува од појавата на инфекција во однос на примарниот имунолошки одговор, кој би настапил во случај да не е спроведена вакцинацијата.

Вакцините нè заштитуваат од 25 сериозни и опасни болести, како што се сипаници, детска парализа, тетанус, дифтерија, менингитис, грип, карцином на грлото на матката предизвикан од некои типови ХПВ…

ПО КОЈ ПРИНЦИП ФУНКЦИОНИРА?

Вакцините се биолошки препарати сочинети од изменети микроорганизми, нивни продукти или метод на генетички инженеринг.

На тој начин, во целост е оневозможена нивната способност да предизвикаат заболување, а благодарение на стимулирачките антигени, поттикнувањето на имунолошкиот одговор е зачувано. Токму средбата на имуните клетки со антигените од вакцината овозможува создавање мемориски клетки, кои се подготвени за брза реакција во случај на повторна средба со истиот антиген, па го заштитуваат организмот од конкретното заболување.

Создавањето мемориски клетки се случува и при повторна средба со микроорганизмот, што исто така заштитува од повторна појава на инфекцијата, но за да се случи тоа – потребно е да се прележи конкретната болест. Со вакцинацијата се „заобиколува“ заболувањето, па мемориските клетки се создаваат без развој на болеста.

ЗОШТО НЕКОИ ВАКЦИНИ ОБЕЗБЕДУВААТ ТРАЕН, А НЕКОИ САМО ПРИВРЕМЕН ИМУНИТЕТ?

Траењето на имунитетот кон конкретната болест зависи од имунолошкиот одговор на домаќинот и од имуногените својства на микроорганизмот, т.е. од променливоста на неговите антигени. Колку е посилен и побурен примарниот имунолошки одговор (оној што се создава при првата средба на организмот со микроорганизмот), толку подолго ќе се задржат мемориските клетки во организмот и ќе обезбедат подолготрајна заштита од таа инфекција.

Што се однесува до променливоста на антигените на микроорганизмот, некои вируси (на пр. вирусот на грип) имаат способност за брзи промени на своите својства, па потребна е почеста вакцинација против нив. Затоа против вирусот на грип секоја година се прават нови вакцини, кои го поттикнуваат организмот за создавање антитела што обезбедуваат заштита од очекуваниот најзастапен сој од тој вирус за конкретната година.

Ако станува збор за микроорганизми со ниска стапка на мутација на антигенските способности, каков што е случајот со предизвикувачот на тетанус, ревакцинациите се спроведуваат во многу подолг временски интервал за само да се „поттикне“ имунитетот на реакција против тој микроорганизам со т.н. бустер-дози.

КОИ СЕ ПРИДОБИВКИТЕ ОД ВАКЦИНАЦИЈАТА?

Нема сомнеж дека активната имунизација е еден од најголемите успеси на современата медицина! Светската здравствена организација проценува дека вакцините спасуваат два-три милиони животи годишно. Исто така, ставот на СЗО е дека со спроведување на вакцинацијата не се заштитуваат само луѓето што на тој начин стекнуваат имунитет туку и оние што поради одредени причини (хронични заболувања, алергии, имунокомпромитирани лица…)

не можат да се вакцинираат, па зависат од другите – вакцинираните, за да останат безбедни од заразата што може да се спречи со активната имунизација. Иако некои болести многу ретко се присутни во општата популација, микроорганизмите што ги предизвикуваат продолжуваат да кружат во некои делови на светот. Освен тоа, во денешно време и заразните болести лесно ги поминуваат границите и може да ги заразат оние што не се заштитени. Затоа, постојат две основни причини за вакцинирање – заштита на поединецот и заштита на општеството.

КОИ СЕ РИЗИЦИТЕ?

Несаканите реакции што може да се добијат по вакцинацијата се делат на неимунолошки и имунолошки. Имунолошките компликации, кои може да се сериозни, се јавуваат само кај лица што имаат вродено или стекнато нарушување на имунолошкиот систем.

Во општата популација, кај луѓето со функционален имунолошки систем, несаканите реакции на вакцината се неимунолошки и може да бидат локални, во форма на отоци, црвенило, болка на местото на убодот, или општи – во вид на покачена телесна температура или слаба клиничка слика на болеста, а кои се со минлив карактер.

Она што останува по вакцинацијата е способноста на организмот при следната средба со истиот микроогранизам да се избори на соодветен начин, без појава на заболување и на негови компликации, кои може да бидат опасни по живот. Се разбира, постојат одредени контраиндикации од примена на вакцините, кои може да бидат општи – за сите вакцини – или специфични – само за одредени видови вакцини, а тие по траење може да бидат привремени и трајни.

Препораките за начинот и времето на спроведување на вакцинацијата, за растојанието меѓу одредените дози и за видовите вакцини ги регулира Правилникот за имунизација и за начин на заштита на лековите во согласност со Законот за заштита на жителите од заразни болести, според епидемиолошката ситуација во конкретниот регион, па секој лекар што ја спроведува имунизацијата треба да внимава на сите тие аспекти и да постапува во согласност со прописите.

ШТО Е КОЛЕКТИВЕН ИМУНИТЕТ?

Колективен имунитет е индиректен облик на заштита од заразните болести, кој се јавува како резултат на имуноста на поголемиот дел од популацијата на конкретната инфекција, без разлика дали тој имунитет е постигнат со прележување на болеста и со заболување на поголемиот дел од популацијата или е резултат на вакцинација.

Затоа, и малиот број лица што немаат стекнато имунитет на таа болест остануваат на индиректен начин „заштитени“ од заразување. Имено, кај популацијата во која поголемиот број поединци поседуваат имунитет на конкретната болест мала е веројатноста за пренесување на болеста на оние што се незаштитени.

ДАЛИ ВАКЦИНАЦИЈАТА ТРЕБА ДА БИДЕ ИЗБОР ИЛИ ОБВРСКА?

Придобивките од активната имунизација на жителите на една држава не се однесуваат само на зачувување на здравјето на поединецот од заразните болести. Тие придонесуваат и за заштитата на групите што од одредена причина не можат да ја примат вакцината што би им дала соодветна заштита, бидејќи – ако нема болест, нема ни нејзино пренесување и загрозување на осетливите групи.

Исто така, од економска гледна точка, со вакцинацијата и спречувањето на развојот на инфекциите и компликациите од нив се растоварува здравствениот систем – во тој случај не доаѓа до заболување или тоа е изразено во помала мера, па пациентите не бараат хоспитализација и дополнителни медицински мерки. Сите овие аспекти придонесуваат за понатамошен развој на здравствениот систем, давајќи „простор“ за нови процедури и начини на лекување на болеста за кои сè уште не постои соодветна превенција.

Во некои држави, како што се Данска и Финска, вакцинацијата не е задолжителна, но сепак повеќе од 90% од луѓето се вакцинирани благодарение на колективната свест за придобивките од вакцинацијата. Вакцините се најефикасни во превенцијата од болестите што порано беа смртоносни, па потребно е јасно да се објаснат сите предности од вакцината, и тоа не само за поединецот туку и за популацијата генерално.

Вакцините што нè заштитуваат од туберколоза, хепатитис Б и полиовирус се задолжителни и благодарение на нив тие болести се мошне ретки кај општата популација. Исто така, постојат и вакцини што не се во рамките на задолжителна вакцинација, како што е вакцината против грип. СЗО им ја препорачува и таа вакцинација на сите лица постари од шест месеци, а особено на ризичните групи (лица со заболување на белите дробови, кардиоваскуларни болни итн.), бидејќи за нив и „обичниот грип“ може да претставува сериозна животна опасност.

Друга таква вакцина е и вакцината против хуманиот папилома вирус, кој е познат предизвикувач на карцином на грлото на матката. Американскиот центар за контрола на болестите препорачува вакцинирање на девојчињата на возраст од 11-12 години против овој вирус.

ШТО СЕ ЗНАЕ ВО МОМЕНТОВ ЗА ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ КОРОНА?

Имајќи предвид дека станува збор за сосема нов сој вирус, тешко е да се предвиди времето потребно за изработка на делотворна вакцина против САРС-КоВ-2. Според неофицијалните податоци, големите фармацевтски компании во Европската Унија и САД, како и во Кина и во Израел, веќе спроведуваат тестирања на потенцијалната вакцина врз здрави доброволци.

Имајќи ги предвид фазите на клиничките испитувања, кои е потребно да се спроведат и да се одобрат од етичките комитети, изработката на квалитетна вакцина не може да се очекува пред есента/зимата, а некои проценуваат дека ќе пристигне дури идната година.

Дотогаш, сè зависи од нас, а тоа е да ги спроведуваме сите општи мерки што се однесуваат на заштитата од капчести инфекции генерално – одржување растојание меѓу луѓето, неопходни контакти и често миење на рацете!

Текст: Убавина и здравје

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.