Иако некои и денес се мачкаат со пиво, маргарин или други домашни „рецепти“ пред сончање, дерматолозите велат дека нема докази дека тие помагаат за потемен тен, а ризикот од изгореници и оштетување на кожата е значително поголем.
Секоја година со почетокот на летната сезона повторно се појавуваат совети за побрзо потемнување на кожата, а меѓу најпознатите се мачкањето со пиво, маргарин или други масни производи. Иако многумина веруваат дека така побрзо ќе добијат бронзен тен, лекарите нагласуваат дека за тоа не постојат научни докази.
Според дерматолозите, користењето пиво на кожата не го стимулира создавањето меланин, и покрај тврдењата дека хмељот има таков ефект. Наместо заштита, кожата останува изложена на штетните УВ-зраци, што го зголемува ризикот од изгореници, предвремено стареење и рак на кожата.
Слично е и со маргаринот и другите масни производи. Тие не содржат заштитен фактор, а поради масната површина можат дополнително да ја зголемат апсорпцијата на сончевата топлина, што може да доведе до посилни изгореници. Експертите предупредуваат дека ваквите практики не се безбедна алтернатива на кремите со заштитен фактор.
Здравствените институции и дерматолозите препорачуваат при изложување на сонце да се користи крем со широк спектар на заштита од најмалку SPF 30, да се избегнува сонце во најтоплиот дел од денот и редовно да се обновува заштитниот слој. Потемнувањето на кожата не е знак за здравје, туку реакција на оштетување предизвикано од ултравиолетовото зрачење.
pexels – leto – bazen – soncanje