Овие 3 непријатни мириси на телото може да укажуваат на сериозен здравствен проблем: Не игнорирајте ги!

Не можат да се решат со сапун и вода

Самиот мирис на телото не е доволен за да укаже на одредена болест, но доколку се појават долготрајни и необични промени, не треба да ги занемарувате

Лошиот здив, непријатниот мирис на стапалата или под пазувите, како и сите необични мириси што доаѓаат од телото, најчесто ги поврзуваме со потење, исхрана или недоволна лична хигиена. Сепак, понекогаш ненадејните промени во мирисот можат да бидат знак дека постои одреден здравствен проблем.

Особено внимание треба да обрнете ако мирисот се променил без очигледна причина и ако е проследен со други симптоми, како што се замор, болки, зголемена жед или отежнато дишење.

Телото понекогаш преку вакви сигнали се обидува да укаже дека постои проблем кој бара внимание.

Сладок мирис на здивот може да биде знак за сериозна компликација кај дијабетесот

Еден од мирисите на кои лекарите посебно обрнуваат внимание е необично сладок, овошен мирис на здивот, кој понекогаш се опишува и како мирис сличен на ацетон.

Ваквата промена може да биде поврзана со дијабетична кетоацидоза – сериозна состојба што настанува кога организмот нема доволно инсулин и почнува да ги користи мастите како извор на енергија. При тој процес се создаваат кетони, кои го предизвикуваат карактеристичниот мирис на здивот.

Според експертите, токму присуството на кетони е причина за овој специфичен мирис. Ако, покрај него, се појават силна жед, често мокрење, изразен замор, болка во стомакот, отежнато дишење или ненадејно слабеење, потребно е што побрзо да побарате медицинска помош.

Непријатниот мирис на стапалата не е секогаш последица на потење

Стапалата се дел од телото каде што лесно се размножуваат бактерии, особено кога долго време се затворени во обувки. Но ако непријатниот мирис е силен и упорен, а е придружен со чешање, црвенило, лупење или пукање на кожата, тоа може да биде знак за габична инфекција, позната како „атлетско стапало“.

Дерматолозите објаснуваат дека карактеристичниот мирис настанува поради дејството на габите и бактериите кои се размножуваат на оштетената кожа. Доколку не се лекува, инфекцијата може дополнително да ја ослабне заштитната бариера на кожата и да го зголеми ризикот од бактериски инфекции.

Лош здив наутро, и покрај миењето на забите, може да укажува на нарушување на сонот

Непријатниот здив по будењето не е секогаш последица на лоша орална хигиена. Ако се појавува редовно и е особено изразен, експертите советуваат да обрнете внимание и на квалитетот на сонот.

Една од можните причини е опструктивната апнеја при спиење – состојба при која дишењето привремено престанува во текот на ноќта. Луѓето со овој проблем често дишат преку уста додека спијат, што ја суши усната празнина и создава поволни услови за размножување на бактериите кои предизвикуваат непријатен здив.

Покрај утринскиот лош здив, на апнеја при спиење можат да укажуваат и гласно ‘рчење, чувство дека не сте се наспале и постојан замор во текот на денот. Бидејќи ова нарушување е поврзано со зголемен ризик од одредени хронични заболувања, важно е да се консултирате со лекар доколку симптомите се повторуваат.

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе