Откинавте бенка? Без паника! Тоа не мора да заврши со рак на кожата

Doctor inspecting woman patient skin

Зошто треба редовно да ги набљудуваме нашите бенки, што да правиме ако оштетиме некои од нив и зошто меланомот е најопасниот вид на карцином

Ирина А. Черепанова, дерматолог, онколог

 

Што се однесува до бенките воопшто, кога би требало да посетиме лекар?

Лекар треба да посетите ако имате бенки што ве загрижуваат, односно ако забележите какви било промени на нив.

А ако ништо не нѐ боли и ако нема промени?

Одвреме-навреме прегледајте ги своите бенки, особено поголемите и средните. Тие се сметаат за најопасни (но има и исклучоци). Слушајте го вашето тело. Опасните бенки најчесто се појавуваат на нозете (кај жените) и на грбот (кај мажите), а потенцијално опасни се оние на стапалата, вратот, ушите и на стомакот.

Велат дека меланомот е малиген тумор, кој е многу агресивен и кој се развива брзо…

Тоа е точно. Туморот брзо расте длабоко во ткивата и може да има метастази уште во првите два месеци. Затоа, колку побрзо се открие и отстрани меланомот, толку се поголеми шансите заболениот да избегне сериозни последици. Се советува да се оди на дерматолог најмалку еднаш годишно за целосен преглед на телото.

Дали треба да одиме на лекар ако откинеме бенка? Многу луѓе се во паника поради тоа, па е вкоренето верувањето: ако сте оштетиле бенка, ќе имате несреќа – ви следува рак на кожата…

Не треба да се плашите и да паничите ако откинете бенка. Мислењето дека по повреда на бенка сигурно ќе се развие карцином е – мит. Случајната повреда не води секогаш кон малигнитет, сето тоа зависи од тоа каква била бенката: обична или атипична, т.н. диспластичен невус, кој може да се развие во малиген тумор. Степенот на опасност може да го утврди само лекар. Во случај да повредите бенка, не заборавајте да посетите доктор и да ги поставите сите прашања што ве мачат.

Се јавува ли меланом кај децата?

Многу ретко, но има случаи. Меланомот сепак се јавува кај помлади активни луѓе, на возраст меѓу 20 и 50 години. Во структурата на сите облици на карцином, меланомот е присутен во 5-10% од случаите, но смртноста од него е максимална: 60-80% од пациентите со тумор на кожата умираат од меланом.

Може ли рак на кожата да предизвикаат ламбите што се користат при маникир?

По сушењето на гел-лакот со УВ-ламби, ризикот од карцином што се јавува под ноктите се зголемува. Точно, денес се користат модерни диодни ламби и тие се помалку опасни. Значи, кога одите на маникир, прашајте со какви светилки ги сушат ноктите. УВ-ламбите се исти како оние во солариум и треба да се менуваат периодично.

Дали е точно дека во периодот кога сонцето активно свети треба да користиме кремови со заштитен фактор за да ги заштитиме бенките?

Да, задолжително користете кремови за сончање со висок фактор на заштита на кожата (од 35 до 50+), особено во лето, за време на ваш престој на море или на планина, и сончајте се разумно. Покрај заштитата на кожата, тие ги штитат и бенките. Главниот фактор во развојот на меланомот е навистина прекумерната изложеност на сонце.

По кои знаци може да се посомневаме на меланом?

Ако бенката се зголемила многу за неколку месеци или недели. Потоа промени на бојата – ако потемни или осветли. Субјективно чувство во областа на бенката – болка, јадеж, протекување. Воспаление, црвенило на бенките. Паѓање на влакната од бенката. Штом ќе забележите вакви промени, веднаш посетете дерматолог.

Се чини дека кај меланомот нема скриени облици?

Тој може да биде маскиран само во случај на некои дерматолошки заболувања, како што се псоријаза или дерматитис од одредена форма. Во овие случаи, чиревите, кои се инаку карактеристични за рак на кожата, изгледаат како споменатите заболувања. Тогаш дерматологот мора да земе дел од кожата за анализа, за да се утврди дијагнозата и, доколку е потребно, да се упати на понатамошно лекување кај онколог.

Ризикот од меланом е поголем ако кожата брзо гори или е бела и тешко потемнува.

Броеви и факти

* Најчесто од рак на кожата заболуваат во Австралија и Нов Зеланд, поради озонските дупки. Таму уште во градинките се прикажуваат цртани филмови во кои децата учат како да ја заштитат својата кожа од УВ-зраците.

* Субунгвален меланом (меланом под нокт) се јавува кај луѓето со потемна кожа.

* 59 години – во просек е староста на заболените од меланом.

* 80% од сите меланоми се развиваат на место на бенка.

* 100% е излечив меланомот што ќе се открие во ран стадиум.

* Кај 50% од луѓето со меланом, тој се развива на нозете, кај 20–30% на трупот, кај 10–15% на рацете и само кај 15–20% на вратот и на лицето.

ПОВЕЌЕ СОВЕТИ ЗА ЗДРАВЈЕ ПРОЧИТАЈТЕ ВО НОВИОТ БРОЈ НА МАГАЗИНОТ РУСКИ ДОКТОР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.