Меланомот само изгледа наивно! Еве како всушност изгледа најреткиот облик на рак на кожата, но истовремено и најопасниот

Изложувањето на сонце е добро, бидејќи овозможува производство на витамин Д, но постои граница, бидејќи преголемото сончево зрачење може да биде штетно, особено за кожата. Меланомот е најреткиот облик на рак на кожата, но истовремено и најопасниот. Дамките со неправилен облик се доволен аларм за дерматолошки преглед.

Постојат класични знаци на предупредување за меланом на кожата, кои го формирале т.н. систем „АБЦДЕ-меланоми“ – од почетните букви на имињата на знаците. На нив треба да се обрне внимание.

А – асиметрија – за да се одреди асиметријата, потребно е да се повлече замислена линија. Оваа линија ќе ја подели „добрата“ бенка на две симетрични половини.

Б – border (раб) – кај меланомот рабовите се неуедначени и испрекинат.

Ц – colour (боја) – промената на бојата е уште еден знак на предупредување.

Д – дијаметар – сомнителните бенки се поголеми од 6 мм. Колку е поголем пречникот, поголем е и сомнежот дека станува збор за малигна дамка. Меѓутоа, и бенките со помал пречник не ја исклучуваат опасноста: познати се случаи со меланом од 1 мм.

Е – evolving (промена) – ова е, по мое мислење, првиот и најважен знак – појава на каква било промена во големината на бенката, создавање краста, пукнатина, првутење, крвавење, ненадејно губење на бенка…

Ако забележите барем еден од овие пет знаци, задолжително посетете лекар – онколог или дерматолог!

Дали обична бенка може да се претвори во малигна?

Може ако тоа место се расчеша или се надразни со облека. Бенката може да се измени и под влијание на силно сончево зрачење. Треба да се бие внимателен кога бенката ќе почне да ги менува бојата, големината и обликот.

Внимателно со сончањето, бидејќи може да биде опасно!

Што сѐ треба да знаете за сончањето…

Претераното сончање е главна причина за настанување на меланом. Денес луѓето можат да патуваат во топли земји и да се сончаат без ограничувања. А тоа е многу опасно! Водете сметка за тоа дека особено се загрозени лицата со светол тен и очи. Тие треба најмногу да се чуваат од сончевото зрачење. Запаметете го и ова: ако до дваесеттата година двапати силно сте изгореле, тогаш имате зголемен ризик од развој на меланом на кожата до крајот на животот.

Колку е опасен меланомот и што може да предизвика?

Од сите смртни случаи од тумор, меланомот ги сочинува речиси половината, бидејќи напредува многу брзо: може да поминат само година и пол или две од првиот стадиум до летален (смртен) исход. На секои пет години бројот на заболени од рак на кожата се удвојува, а во некои земји се утројува. Можеме да кажеме дека владее епидемија од рак на кожата, со оглед на тоа што тој денес опфаќа три-четири отсто од сите злокобни тумори.

Доколку забележиме сомнителен израсток, кому треба да му се обратиме? Прво на дерматолог, а, ако е потребно, тој ќе ве упати на дополнителен преглед кај онколог.

Ако имате многу бенки…

Кој спаѓа во ризичната група што има предиспозиции да заболи од меланом?

Лицата што имаат повеќе од 10–30 бенки, како и оние што прекумерно и неправилно се сончале до триесеттата година од животот, но и оние во чие семејство некој имал рак на кожата.

Битно обележје на онколошките болести е подмолноста, па ни меланомот не е исклучок, бидејќи во раната фаза се развива скришно. Значи, патот од првата до втората фаза на меланомот на кожата трае околу година и пол. Првите вознемирувачки симптоми – како што се крвавење и болка – се јавуваат во најдобар случај на почетокот на втората фаза.

Како се лекува меланомот?

Во раните фази се подразбира хируршко лекување на меланомот. Навремена операција може да излекува дури 92–94% пациенти со меланом во прва фаза. Во понапредните фази на болеста хируршкото лекување се дополнува со профилактички лек – имунотерапија. За жал, секој десетти пациент со меланом на кожата во моментот на поставување на дијагнозата ја има четвртата фаза од болеста. Во тој случај прогнозата е доста неповолна, но и тоа понекогаш може да се реши.

Во борбата против меланом на кожата се појавија високоефикасни препарати што овозможуваат контрола над болеста во 60–80% од случаите. Со помош на современите имунопрепарати, малигните клетки стануваат видливи за имунолошкиот систем на пациентот. Тоа е многу перспективен правец. Но, повторувам: најсигурен начин да се победи некоја болест е да се спречи нејзината појава, а ако не е можно тоа – тогаш треба да се открие навреме.

Подготвил: Максим Вјачеславович Зињкевич, онколог-дерматолог

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.