Летото најчесто го поврзуваме со сонце, одмор и активности на отворено, но за многу луѓе овој период може да донесе и непријатни симптоми како затнат нос, течење, кивање и чувство на отежнато дишење.
Иако ринитисот не претставува сериозна закана за животот, неговото влијание врз секојдневието често е потценето. Зголемената концентрација на полен во воздухот, престојот во климатизирани простории, прашината, честите патувања и наглите температурни промени се само дел од факторите што можат да ја иритираат носната слузница и да предизвикаат појава или влошување на симптомите.
Кај лицата со алергии, реакциите можат да бидат поизразени, што дополнително влијае врз квалитетот на животот. Нарушениот сон, намалената концентрација, заморот и чувството на постојана непријатност се последици со кои се соочуваат многумина.
Што е ринитис и зошто се појавува?
Ринитисот претставува воспаление на носната слузница кое се манифестира со кивање, затнат нос, течење на носот и чешање. Во зависност од причината, може да биде алергиски или неалергиски (вазомоторен).
Кај алергискиот ринитис, имунолошкиот систем реагира на одредени супстанции од околината, а најчести предизвикувачи се:
- полен од дрвја и треви;
- домашна прашина;
- грини;
- влакна и честички од домашни миленици.
Од друга страна, вазомоторниот ринитис не е предизвикан од алергиска реакција, туку од различни надворешни и внатрешни фактори кои ја иритираат носната слузница.
Најчести тригер-фактори се:
- чад од цигари, смог и загадување;
- нагли временски промени;
- студен или сув воздух;
- алкохол;
- силни мириси, парфеми и хемикалии;
- одредени хормонални нарушувања, како хипотироидизам;
- стрес.
Симптоми што не треба да се игнорираат
Ринитисот може да се манифестира со различен интензитет, но најчестите симптоми вклучуваат:
- често кивање и чешање во носот;
- бистар, водест секрет од носот;
- чувство на слевање секрет низ грлото;
- затнат нос и отежнато носно дишење;
- замор, главоболка и нарушен сон.
Долготрајната назална конгестија може значително да го намали комфорот во секојдневието, особено во текот на летните месеци кога климатизацијата и промените на температурата се речиси неизбежни.
Правилната нега на носната слузница е клучна
За ублажување на симптомите важно е, кога е можно, да се избегнува изложеност на познатите предизвикувачи, да се внесува доволно течности и да се одржува правилна хигиена и нега на носната слузница.
Здравата и навлажнета носна слузница претставува природна бариера која помага во одбраната на организмот и овозможува полесно дишење.
Олеснување со комбинација од ксилометазолин и хијалуронска киселина
За намалување на симптомите на затнат нос се користат назални спрејови со соодветни активни состојки, меѓу кои е и комбинацијата од ксилометазолин и хијалуронска киселина.
Ксилометазолинот делува како деконгестив – ги стеснува крвните садови во носната слузница, го намалува нејзиниот оток и овозможува полесно носно дишење.
Хијалуронската киселина, во форма на натриум хијалуронат, придонесува за навлажнување и заштита на носната слузница. Таа помага во намалување на чувството на сувост и иритација и поддржува подобра регенерација на слузницата.
Комбинацијата на овие две активни компоненти обезбедува двоен пристап – олеснување на назалната конгестија и истовремена грижа за влажноста и комфорот на носната слузница.

Летото без непријатности почнува со навремена грижа
Со правилна превенција, препознавање на симптомите и соодветна нега, ринитисот може да се држи под контрола. Така, топлите денови остануваат исполнети со уживање, патувања и активности на отворено – без непотребни ограничувања.
Текст: Убавина и здравје
Фото: PR