КАРЦИНОМ: што и кога да проверувате

Време е да се прегледате

Дијагнозата во ран стадиум овозможува да се спасат девет од десет пациенти!

Европејците редовно одат на систематски прегледи, тоа го налага нивниот здравствен систем. Во Русија и кај нас, за жал, обично се живее по принципот „додека болеста не тропне на врата…“. Ајде да ги подигнеме нашата здравствена свест и култура! Во новата рубрика на списанието „Руски доктор“ ќе дознаете кои анализи и колку често треба даги правите за да не ги пропуштите раните стадиуми на болеста.

Рубриката ја отвора една од најсериозните и најактуелни теми – дијагностика на најчестите видови рак. Како да се заштитите открива лекарката и терапевтка Евгенија Анатолјевна Медведева (Минск).

РАК НА ДОЈКА

Ослободете се од вишокот килограми, оставете ги пушењето и алкохолот, посетувајте гинеколог (вклучувајќи и палпирање на млечните жлезди т.е. рачен преглед на дојките) еднаш годишно заради превенција, а по 40-та година еднаш годишно правете мамографија – и, ете, веќе не сте во зоната на ризик.

Сепак, во 15–20% случаи ракот на млечните жлезди има наследен карактер. Доколку некој од вашите блиски (мајка, сестра, баба) боледувал од оваа болест, има смисла да направите тест на гените БРЦА1 и БРЦА2. Ако во гените се откријат дефекти и мутации, значи дека постои ризик од појава на рак на дојка и на јајници. Патем, откако ги добила резултатите од овој тест, кои покажале висок ризик од појава на рак, глумицата Анџелина Џоли ги отстрани превентивно млечните жлезди, т.е. целите дојки. Сепак, не треба да донесувате толку радикални одлуки, но неопходно е да ги исклучите факторите на ризик и редовно да се прегледувате.

РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТА

Доколку болеста се открие во ран стадиум (уште подобро во периодот на претканцерогените промени во клетките), шансите за победа се многу високи. Во текот на прегледот гинекологот ќе земе брис од грлото на матката и цервикалниот канал заради цитолошко испитување. Исто така потребно е да се направи тест на присуство на онкогени типови хуман папилома вирус (ХПВ 16 и 18, кои предизвикуваат 98% од сите случаи рак на грлото на матката). Ова овозможува смртноста поради ова заболување да се снижи за 70%.

Помеѓу 20-та и 30-та година е потребно да се прегледувате еднаш на три години, а по 30-та година еднаш годишно.

РАК НА ДЕБЕЛОТО ЦРЕВО

Заради скрининг на рак на дебелото црево (колоректален канцер), на луѓето по 50-та година им се препорачува колоноскопија (ендоскопско испитување на дебелото црево) на секои пет години. Доколку кај крвните сродници е дијагностициран колоректален рак, онколошка дијагностика треба да се прави еднаш годишно. Покрај тоа, секоја година треба да се прави и анализа на столицата на скриено крвавење.

Важно е да се знае дека позитивниот резултат не укажува секогаш на рак: крвавење може да предизвикаат полипи, бенигни тумори, чиреви, како и други заболувања на гастроинтестиналниот тракт. Затоа, по таквите резултати, лекарот ќе препорача дополнително испитување. Доколку, пак, се потврдат сомнежите, во првиот стадиум лекувањето на колоректалниот рак може да се ограничи само на мала хируршка интервенција на дебелото црево.

Кој има АЛЕРГИЈА, подобро се ШТИТИ ОД РАК

Рускиот институт за рак дошол до следното откритие: ризик од појава на рак на грлото, крајниците, хранопроводот и грлото на матката кај пациентите со алергија на прашина и полен е намален за третина во споредба со здравите луѓе. Според зборовите на научниците, полинозата го активира процесот на имуни потраги по опасни елементи. Како резултат на тоа, имунолошкиот систем ги пронаоѓа канцерогените клетки и ги уништува уште додека не стигнале да формираат вистински тумор.

Текст: Руски доктор

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.