Според повеќе здравствени извори, некои болести навистина можат да се пренесат преку допир — дури и со едноставно ракување или допирање на заеднички површини.
Најчестите болести што се пренесуваат преку допир на заразени раце припаѓаат на групата респираторни и цревни инфекции.
Грипот е еден од најпознатите примери. Овој вирус може да преживее на површини со часови, па доволно е да допреме предмет на кој се задржал, а потоа да го допреме лицето. Слично е и со обичната настинка. Риновирусите се задржуваат на дршки, прекинувачи и работни површини, па лесно влегуваат во дишните патишта кога со допирање на лицето внесуваме вирус во организмот. Затоа, покрај миењето раце, треба повремено да се бришат и површини што често ги користиме.
Норовирусот е особено заразен и предизвикува гастроентеритис со повраќање и дијареја. Често се шири брзо на места каде што престојува голем број луѓе, како што се болници и училишта. Кај децата е особено важно да им се објасни колку е важно миењето раце.
Стафилококата е бактерија која природно живее на кожата и во носот, но може да предизвика инфекции ако влезе во рана или порез. Се пренесува преку контаминирани раце, па добрата хигиена е најдобрата заштита.
Стрептококата предизвикува различни инфекции, меѓу кои се стрептококната ангина, шкарлатина и кожни инфекции. Се шири преку директен контакт со заразена кожа или слузница, па хигиената на рацете и избегнувањето близок контакт со заболени значително го намалуваат ризикот од пренос.
Хепатитис А го зафаќа црниот дроб и најчесто се пренесува преку контаминирана храна или вода, но и преку контакт со заразени лица и површини. Најдобра заштита се чисти раце и вакцинација.
Ротавирусот е еден од најчестите причинители на гастроентеритис кај малите деца и може да опстане на површини со денови, па се лесно пренесува во градинки и игралишта.
Пандемијата на ковид-19 ни покажа колку е важно да имаме чисти раце. Иако вирусот се пренесува главно преку капки, долго може да опстојува и на предмети што ги допираме секојдневно, па редовното миење и дезинфекција на рацете остануваат клучни мерки за заштита.
Текст: Убавина и здравје