Билки што спречуваат инфаркт

Поради постојан стрес, физичка неактивност и консумирање брза храна, дури и доста млади луѓе честопати се соочуваат со срцев удар. Одамна е познато дека е полесно болеста да се спречи отколку да се лечи и да се регенерира организмот.

Лековитите билки може да помогнат за спречување срцев удар – тие значително ја подобруваат состојбата на крвните садови и срцевиот мускул, го намалуваат нивото на шеќер и лошиот холестерол во крвта и спречуваат формирање плаки.

Ја подобруваме работата на срцето

Витаминските мешавини ја подобруваат работата на срцевиот мускул, ги прават крвните садови еластични и го нормализираат крвниот притисок.

* Измешајте две лажици глог, шипинка, јаребика и суви кајсии со една лажица суво бело грозје, истурете го тоа во термос и налејте еден литар врела вода. Оставете го така прекуноќ, па исцедете го. Пијте го во текот на денот.

* Едно лажиче црвен кантарион прелејте во термос со 150 мл врела вода, оставете го да отстои еден час, а потоа исцедете го. Земајте по 50 мл трипати на ден пред јадење. Превентивниот третман трае 14 дена.

За превенција од инфаркт или за закрепнување по инфаркт

Едно лажиче шебој (лат. Erysimum) прелејте во термос со 250 мл врела вода. Оставете го да отстои два часа, па исцедете го. Чувајте го во фрижидер. Земајте по една лажица трипати на ден. Третманот трае 14 дена.

Фото: Pixabay

Против тахикардија и болки во срцето

Одвар против стенокардија (стегање на срцето): едно лажиче жалфија прелејте во термос со 150 мл врела вода. Оставете да отстои еден час, а потоа исцедете го. Пијте по 50 мл трипати на ден. Жалфијата е природен аналог на нитроглицеринот, го зајакнува срцевиот мускул, ја ублажува болката, ја подобрува циркулацијата и ја отстранува напнатоста.

Го нормализираме срцевиот ритам:

* Свежа гагамија (лат. Lycopus europaeus) исечкајте со ножички и наредете ја во тегла, без притискање. Прелејте ја со квалитетна вотка. Оставете ја на темно место 21 ден, одвреме-навреме протресете ја. Оваа тинктура е блага, но има одличен ефект во случај на тахикардија. Земајте од пет до дваесет капки трипати на ден.

* Една лажица мишјакиња (лат. Stellaria media) прелејте во термос со 300 мл врела вода. Оставете го тоа да отстои два часа, па исцедете го. Пијте по 100 мл трипати на ден, 20 минути пред јадење. Третманот трае три недели.

Со примена на овие едноставни рецепти, срцето и крвните садови можете да ги заштитите од сериозни заболувања, како што се срцев и мозочен удар.

Го намалуваме шеќерот

Петнаесет грама пченкарна свила прелејте во термос со 300 мл врела вода. Оставете да отстои два часа, а потоа внимателно исцедете. Пијте по 100 мл два-три пати на ден. Третманот трае 14 дена.

Ги чистиме крвните садови и ја зголемуваме нивната еластичност

  1. Го исфрламе вишокот холестерол

* Одвар: една лажица цветови од костен прелејте во термос со 600 мл врела вода, оставете го тоа да отстои два часа, па исцедете го. Целото количество испијте го во текот на денот. Третманот трае 10 дена.

* Тинктура: 150 г свежи млади пупки од бор прелејте со 500 мл вотка. Оставете ја на темно место 14 дена, одвреме-навреме протресувајте ја. Земајте по 10 капки трипати на ден. Третманот трае 21 ден.

  1. Запираме атеросклероза

Три лажици иситнети плодови од глог прелејте со 500 мл вода. Откако ќе зоврие, варете на тивок оган додека количеството на течноста се намали наполу. Кога ќе се олади, внимателно исцедете го. Чувајте го во фрижидер. Земајте по едно лажиче од одварот трипати на ден, пред јадење. Лекувањето е ефикасно, но долготрајно – трае минимум три месеци.

  1. Им помагаме на крвните садови

Ризом од оман (лат. Inula helenium) исечкајте и густо наредете го во тегла, но не притискајте го. Преку тоа налејте квалитетна вотка. Оставете го на темно место 21 ден, одвреме-навреме протресете го. Од шест до осум дена земајте по едно лажиче трипати дневно. Тинктурата можете да ја додадете и во чај.

Го регулираме притисокот

Медуниката (лат. Filipendula ulmaria) дејствува нежно вазодилататорно (ги шири крвните садови), а чајот од оваа билка ги смирува отчукувањата на срцето и се бори против високиот крвен притисок. Едно лажиче цветови од медуника прелејте во чајник со 150 мл врела вода. По 20 минути исцедете го. Дневно можете да пиете по две-три шолји од овој чај.

Многу повеќе за спречување и лекување разни болести можете да прочитате во специјализираното списание за унапредување на здравјето „Руски доктор“.

Текст: Алjeвтина Кремнева, билкарка

Фото: Pixabay, Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.