АНЕМИЈА: БОЛЕСТ СО МНОГУ ЛИЦА

До анемија често доаѓа поради различни скриени крвавења (на пример, во случај на чир на желудникот).

Анемијата (кај народот позната како слабокрвност) не подразбира само „меланхолично“ бледило и снижен хемоглобин. Ова заболување е поврзано со намалено количество еритроцити (црвени крвни зрнца) во крвта, а како последица на тоа страда целиот организам, бидејќи сите органи почнуваат да чувствуваат недостиг од потребните супстанции. Наведуваме некои важни совети што ги даваат руски стручњаци – што да се јаде, како да се подобри внесот на железо и како да се направат „железни“ јаболка

Во првата фаза на болеста анемијата не се манифестира, освен во вид на извесна слабост и замор, но потоа процесот се одвива толку брзо што лекувањето може да биде практично бескорисно. Порано анемијата воопшто не се лекувала и затоа се сметала за малигна болест. За жал, денес анемијата се лекува само доколку навреме посетите лекар. Меѓутоа, факт е дека дури и во големите градови, со голема можност за дијагностика, луѓето повеќе сакаат да одолжуваат сѐ додека нивната снеможеност не стане неподнослива, па ги испраќаат на реанимација.

БОЛЕСТ СО МНОГУ ЛИЦА

Се разликуваат неколку вида анемија. Најчести се микроцитна анемија (недостиг од железо) и анемија со дефицит од витамин Б12. Покрај неквалитетната исхрана, основни фактори на ризик за развој на анемија се периодот на интензивен раст кај децата и младинците, обилни крвавења (покрај редовно обилни циклуси, при породување и операции), климакс, бременост. Во сите овие ситуации човечкиот организам има зголемена потреба од железо. А доколку мајката страдала од анемија, новороденчето исто така ќе има недостиг од хемоглобин во крвта, што, секако, неповолно се одразува на неговото здравје и општ развој. На една бременост мајчиниот организам троши вкупно околу 600 мг железо. Ако, пак, жената роди второ и трето дете, и тоа со кратки паузи, резервите железо практично се исцрпуваат, бидејќи сепак не се безгранични.

АНЕМИЈАТА ПОРЕТКО ГИ ПОГОДУВА МАЖИТЕ

Мажите имаат повеќе среќа од жените. Тие во просек губат само еден милиграм железо дневно и затоа поретко се соочуваат со анемија, но таа не ги заобиколува. Тешките физички напори, повредите, болестите, стресот, премореноста… доведуваат до претерана потрошувачка на железо и предизвикуваат слабокрвност дури и кај посилниот пол.

КАКО ДА СЕ ОТКРИЕ АНЕМИЈАТА ВО РАН СТАДИУМ

При анемија со дефицит од витамин Б12, која особено ги погодува „чистите“ вегетаријанци, човекот изгледа многу лошо: блед е, неговата кожа има жолтеникава нијанса, постојано чувствува студ, особено во прстите на рацете (покрај тоа, прстите често му треперат, а понекогаш и се лупат), потоа почнуваат болки во мускулите, грчеви, се нарушуваат сетилата за мирис и за вкус, јазикот му е како попарен. Освен тоа, таквата анемија по правило е проследена со ослабен имунитет и чести настинки, како и со гастритис. По оваа фаза, доколку не се преземе ништо, доаѓа до „дупки“ во памтењето, а потоа до негово целосно губење, нарушување на ориентацијата во просторот, делумна и тотална парализа, како и до целосна атрофија на мускулите.

Сосема ретките облици на анемија – хемолитички –  се предизвикани од уништување на еритроцитите. Тие може да бидат наследни и стекнати, на пр. при труење со тетраетил-олово, кое се додава во бензинот заради зголемување на октанскиот број. При уништување на еритроцитите се создава посебната супстанција билирубин, која ги бои кожата и слузокожата во жолто. На пример, кога заглавувате во сообраќаен метеж, се надишувате издувни гасови и чувствувате слабост и вртоглавица, а кожата ви добива нездрава жолтеникава нијанса. Таквите манифестации на хемолитичка анемија, за среќа, се привремени.

Но, сепак, најраширената анемија е поврзана со дефицит од железо. Доколку губењето железо почнува да преовладува над неговото стигнување во телото, нивото на хемоглобинот во крвта паѓа под 120 мг/л, што е минимална граница. Тогаш има и помалку еритроцити отколку што е потребно: 4 х 1.012 по литар кај мажите и 3 х 1.012 кај жените. Од тоа страдаат органите и ткивата што чувствуваат недостиг од кислород, па се нарушува нивната работа.

За да го откриете дефицитот од овој важен микроелемент, доволно е да направите општа анализа на крвта од прст. Меѓутоа, дури ни задоволителниот резултат не гарантира дека немате латентен дефицит од железо, при кој анализата на крвта изгледа како да е сѐ во ред, додека знаците на анемија веќе се забележливи. Доколку не обрнете внимание на овој проблем, наскоро тој сам ќе сигнализира дека е тука.

ШТО ДА ПРАВИТЕ

Ако кај себе или кај некој близок (особено кај постарите луѓе) сте ги откриле набројаните симптоми, не одложувајте го испитувањето, туку веднаш посетете го својот лекар за да ги направите неопходните анализи. Тие може да бидат неопходни за преглед кај хематолог, кој ќе ја утврди прецизната дијагноза така што ќе одреди дополнително испитување за да исклучи, на пр., леукоза или леукемија („обичната“ анализа практично не разликува запуштена анемија од рак на крвта). За преглед кај специјалист ќе мора да чекате помеѓу еден месец и три месеци, а кога е во прашање ваква тивка и подмолна болест, важни се и недели, понекогаш и денови… Затоа, не губете време!

ЕДНОСТАВНО Е ДА СЕ БИДЕ ЗДРАВ!

Не заборавајте во превентивни цели редовно да употребувате производи богати со железо и витамин Б12, како и со витамин Ц, кој е потребен за апсорпција на железото. Овој последниот особено многу го има во калинките, јаболката, хелдата, говедскиот и свинскиот црн дроб, магдоносот, мирудијата, целерот, печурките, грашокот, гравот, спанаќот, киселецот, зелената салата. Со витамин Ц исто така се богати и цитрусите, слатката пиперка, еребиката, брусницата, зелката. А витамин Б12 има во месото, особено во бубрезите, како и во млечните производи. За да го пополните опасниот недостиг од драгоценото железо, лекарот ќе ви пропише лек што го содржи, како и дополнителни препарати што ја подобруваат неговата апсорпција. Бидејќи железото најдобро се апсорбира во кисела средина, комплексите што содржат железо пијте ги со кисел сок (од грејпфрут, портокал, лимон, калинка, јаболко), со одвар од шипка, со коктел од брусница, но никогаш со базна минерална вода и млеко. Овде мораме да дадеме важна напомена: доколку пиете и антибиотици, временски одвојте ги од внесувањето на железото бидејќи антибиотиците се пијат со вода.

Исто така, уште една важна работа: хелдата и овесот се богати со железо, но доколку со хелдина каша пиете млеко или со него правите овесна каша, корисното железо од овие производи нема да премине во крвта. Правило е железото никогаш да не се зема со млечни производи. Ист ефект даваат јајца и јак чај – имено, танинот, кој влегува во неговиот состав, ја кочи апсорпцијата на овој толку потребен елемент.

 

КЛУЧНА ФОЛНАТА КИСЕЛИНА

Доколку претерано консумирате месни производи и слатки и не му посветувате доволно внимание на зеленчукот – може да бидете жртва на анемија настаната поради недостиг од фолна киселина. Неа ја има во зеленишот, зелените листови од млада зелка и други билки. Меѓутоа, лесно е да се избегне овој вид слабокрвност: потребно е да јадете од сѐ по малку, да бидете умерени и да не се откажувате од ништо. Запаметете: каква било крајност во исхраната не води кон ништо добро!

 

ЗНАЦИ ДЕКА ВИ ФАЛИ ЖЕЛЕЗО

Симптоми на микроцитната анемија (недостиг од железо) може да бидат бледило, замор и чести главоболки. Кај децата нагло слабее успехот на училиште, лошо го памтат градивото, стануваат нервозни и каприциозни. Возрасните исто така стануваат раздразливи. Покрај тоа, миркоцитната анемија се карактеризира со срцебиење и прелетување на ситни „мушички“ пред очите. Потоа се јавуваат прободувачки и остри болки во срцето.

 

„ЖЕЛЕЗНИ“ ЈАБОЛКА

по рецепт на руски натуропати

Сте загризале јаболко и по некое време тоа потемнело како да го покрила ’рѓа. Тоа значи дека т.н. двобазно железо, споено со два атома кислород, преминало во оксидиран (трибазен) облик. Накратко, јаболкото оксидирало. А така железото се апсорбира многу подобро! За да го активирате овој процес, руските натуропати предлагаат да исцедите сок од јаболко и да го оставите во широка чаша два-три часа, додека потемни. Или, пак, навечер прободете јаболко со виљушка на многу места и изедете го за појадок. Или можете да направите пире од свежи рендани јаболка.

 

ПОВЕЌЕ СОДРЖИНИ ПОВРЗАНИ ЗА ВАШЕТО ЗДРАВЈЕ ПРОЧИТАЈТЕ ВО МАГАЗИНОТ “РУСКИ ДОКТОР“

 

 

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.