4П-медицина: превенција, предикција, персонализација, партиципативност

Фото: Thinkstock Photos

Секоја болест е излегување од рамнотежата на целото битие. Со примена на сите стари и нови сознанија, можеме да му застанеме на патот на стресот и да научиме да водиме здрав живот

Сигурно дека никој од нас не сака продолжување на животот во смисла на бесконечна старост и негово претворање во долги, здодевни децении на третата доба во кои единствено ќе се занимаваме со лекување и со одржување на самиот живот. Сите ние всушност сакаме нешто друго – квалитетен живот и продолжување на младоста. Не само во естетска смисла, туку и суштината на животот.

Новиот здравствен концепт – 4П-медицина – претставува своевидна иднина на здравјето и зборува за новитетите во антиејџингот, посебна медицинска гранка која станува сè поактуелна. Нешто повеќе на оваа тема дознавме од предавањето на д-р Клод Дале, претседател на Светската асоцијација на медицината против стареење.

Терапиите за подмладување се познати уште од времето на старите Египќани и Грци. Уште од дамнешно минато, човекот тежнеел кон вечна младост и убавина, употребувајќи разни кремови и препарати, еликсири и мевлеми, а крајната цел била да се унапреди физичкото, духовното и менталното здравје. Во современата доба, унапредувањето на медицината подразбира пропагирање за подигање на свеста за важноста од превенција, пред сè на тешките заболувања.

Фото: Getty Images

Посебен слух за медицината против стареење имаат луѓето што суштински се занимаваат со себе и на кои не им е тешко да го сменат својот животен стил, вели д-р Клод Дале. Според него, 4П-терапијата опфаќа превенција, предвидување на болеста, персонализирана и партиципативна медицина. П1 е клучот на медицината и подразбира редовни здравствени прегледи, П2 се однесува на одредување на генетичките предиспозиции и на семејната анамнеза, како што се невродегенерации, метаболно хормонално нарушување, болести на срце, тумори и слично. П3, персонализирана медицина, е индивидуална терапија која се одредува за секој поединечно, во зависност од годишната доба. И П4, партиципативна медицина, која подразбира активно учество и упатеност на пациентот во севкупниот процес на лекување.

ПРЕВЕНЦИЈА – БАЗА НА ЗДРАВЈЕТО

4П антиејџинг медицината не ја сочинуваат инвазивни методи на надворешниот дел на телото, туку персонализирана програма приспособена на пациентот во согласност на анализите и на неговите потреби, што подразбира спојување на медицината против стареење со преостанатите гранки – кардиологија, физијатрија, нутриционизам, генетика, ендокринологија, неврологија, општа медицина, истакнува д-р Дале.

Примената на 4П-медицината може да биде мошне значајна во областа на онкологијата, бидејќи онколошките болести се во пораст последниве децении. Порастот на онколошките заболувања е поврзан со последиците од општото стареење на популацијата и на околностите во кои живееме. Свесни за фактот дека превенцијата е база на здравјето (П1), сигурно е само дека ако ги применуваме мерките за превенција на болестите за кои сме предиспонирани, можеме да очекуваме дека нашиот организам ќе одговори позитивно. Свесноста за тоа дека сме одговорни за своето здравје е почеток на секое П.

П1 се редовни годишни контроли, кои во најголема мера се однесуваат на прегледи на дојка и на гинеколошки прегледи кај жените, PSA кај мажите и ултразвук на абдомен – за сите, како и повремена проверка на крвната слика. Значајни се и информациите за хормоналниот статус, за состојбата на инсулинот, нетолеранцијата на храна, но и за нивото на одредени витамини, како што се вит. Д и фолна киселина.

П2 претставува предвидување на потенцијалните заболувања: малигни, метаболички и невродегенеративни.

Во светот, рутински се прави анализата BRCA1 и BRCA 2 на генетички мутации, чие присуство укажува на потенцијално развивање на карцином на дојка, јајници, но и на малигнитети на гастроинтестиналниот тракт. Овие малигнитети се мошне агресивни, а почести се во младоста, па ова генетско истражување е реална иднина – од капка крв или од плунка за 24 часа ќе дознаеме дали ќе бидеме соочени со тешка болест или ќе имаме среќа во текот на животот со медитеранска исхрана да го одржуваме здравјето до длабока старост.

Фото: Thinkstock Photos

БУДИСТИЧКАТА МУДРОСТ ВО СОВРЕМЕНАТА МЕДИЦИНА

Користењето нови биолошки параметри открива значајни ендокринолошки и метаболички причинители на болести, зад кои всушност стои стресот – на кој сме секојдневно изложени. Најголем извор на стрес се смрт на блиска личност, раѓање дете, губење работа, нехармонични меѓучовечки односи во семејството или во околината, немаштија, развод, природни катастрофи… Симптоми на хроничен стрес се умор, премаленост и нервоза, кои повеќето од нас веќе ги имаат, а можат да бидат придружени и со безволност, немотивираност, несоница, забрзана срцева акција и чести осцилации на крвниот притисок. Искуствата на научниците дека речиси сите болести се психосоматски и дека се последица на нашите мисли и емоции.

Психо-невро-ендокриноимунологија (PNEI) го докажа токму она што го тврдат и будистичките монаси, а тоа дека самите ги создаваме болестите. Одредена мисла или емоција предизвикува синџиреста реакција во нашиот организам, од лимбичкиот систем во мозокот, преку невротрансмитерите и ендокрините хормони до имунолошкиот систем, и на тој начин почнува патот за создавање болест. Се вели дека интензивната болка со времетраење подолго од 40 дена може да предизвика тегоби во одреден орган, кои подоцна доведуваат до развој на болест. Затоа се истакнува дека за здравјето на телото е неопходно да имаме здрави мисли.

Денешните истражувања покажуваат дека со помош на персонализирана медицина успешно се лекува современиот пациент. Основата на персонализираната медицина е истражување на болеста на молекуларно ниво за да се обезбеди соодветна терапија за одредена група пациенти. Многу е важно да се знаат сите детали од животниот стил на пациентот, од тоа каде живее, колку е загадена неговата животна средина, каква вода пие, колку спие, како се храни колку е физички активен, генетското стебло на пациентот, болестите од кои страдале неговите родители и другите членови на семејството. На тој начин е возможно да се даде детален совет за факторите што треба да се коригираат и да му се понуди на пациентот персонализирана терапија.

ДА ЗАКЛУЧИМЕ!

Здравјето е главно во наши раце, а не во рацете на лекарите до кои не можеме да дојдеме – бидејќи листите на чекање се предолги, приватните интервенции прескапи, а спасоносните болници се некаде во странство, за што најчесто се жалиме. Врз основа на анализата на семејното стебло веќе сега секој од нас може да знае кои фактори го оптоваруваат неговото здравје, дури и ако не можеме да ги направиме скапите генетски анализи во швајцарските лаборатории. Од нашата волја зависи како животен стил ќе водиме. Ако и покрај тоа се најдеме во ситуација да мора да се лекуваме – да се присетиме колку се важни целото наше битие, внатрешниот мир и рамнотежа, па така ќе им помогнеме на лекарите да нè излекуваат.

Фото: Getty Images

Навики што ќе ви го спасат животот:

  • Правилна исхрана со повеќе растителни одошто животински производи
  • Редукција на јаглехидрати и соли
  • Урамнотежена исхрана во зависност од возраста, годишната доба, географската ширина на која живееме
  • Исхрана во согласност со тестот за нетолеранција
  • Умерена физичка активност
  • Здрав сон од минимум 6-8 ласа на ден
  • Избегнување цигари и алкохол
  • Намалување на стресот

ПЛУС суплементи: коензим Q10 во доза од 100 мг, аспирин во ниски дози и витамини на младоста – Д, Б9 и Б12. Постојат препораки и за консумирање „метформин“, лек што со децении се користи за лекување дијабетес тип2, а во ниски дози е прогласен за еликсир на младоста.

Подготвиле: Лидија Ќулибрк и Дијана Михаиловиќ

Фото: Guliver/Getty Images, Thinkstock Photos

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.