Повторното замрзнување на сладоледот не влијае само на вкусот и текстурата, туку може да претставува и ризик за безбедноста на храната. Експертите советуваат секогаш внимателно да го проверите производот пред да го купите или изедете.
Во летните месеци сладоледот е омиленото освежување, но високите температури го зголемуваат ризикот производот да се одмрзне за време на транспортот или складирањето. Доколку потоа повторно се замрзне, неговиот квалитет значително се намалува, а во одредени случаи може да се зголеми и ризикот од развој на бактерии ако предолго бил изложен на повисоки температури.
Еден од најочигледните знаци е присуството на ледени кристали под капакот или на самата површина на сладоледот. Тоа најчесто укажува дека дел од производот се стопил, а потоа повторно замрзнал. Исто така, ако сладоледот има зрнеста, груба текстура наместо кремаста, голема е веројатноста да поминал низ ваков процес.
Внимавајте и на пакувањето. Ако кутијата е деформирана, омекната или има траги од истечена содржина што повторно се замрзнала, подобро е да не го купувате производот. Кај сладоледите на стапче, слојот мраз на амбалажата или променетата форма исто така можат да бидат знак дека ладниот синџир бил прекинат.
Експертите советуваат сладоледот да биде последниот производ што ќе го ставите во количката и што побрзо да го пренесете дома, особено во жешките денови. Доколку целосно се стопи, не се препорачува повторно да се замрзнува, бидејќи покрај влошениот квалитет може да се зголеми и ризикот од бактериска контаминација.
pexels – sladoled