ВНИМАНИЕ, прочистете го организмот!

Одморете си го организмот, подмладете си го телото и зајакнете го имунитетот!

Ако во последно време често се чувствувате премалено, имате проблеми со кожата или со варењето, можеби е време за некој од методите за детоксикација – чистење на телото од токсините.

Детоксикација е нешто што секој може и треба да си го дозволи за да увиди дека ниедна болест не може да го совлада неговиот организам, кој е здрав и силен. Текстот продолжува по огласот…

Како се таложат отровите?

Отровите во нашиот организам доаѓаат преку храната и водата што ги консумираме, воздухот што го вдишуваме, преку хигиенските и козметичките препарати што ги употребуваме, како и преку разните хемикалии од околината, како што се средствата за чистење и сл. Особено сега кога зимата е зад нас, а со неа и намаленото движење, обилната храна и некој килограм плус.

Ретоксикација VS детоксикација

Ретоксикација е последица на долготрајно таложење на отпадни материи и отрови во нашиот организам, кои предизвикуваат зголемена киселост и недостиг на кислород, па ја оптоваруваат функцијата на внатрешните органи и претставуваат плодна почва за развој на бактерии и вируси. На тој начин предизвикуваат полесни или потешки болести – во зависност од тоа колку е загаден нашиот организам.

Загадувањето и чистењето се природни циклуси. Човековото тело е мошне интелигентно и има природен механизам за исфрлање на отпадните материи – преку црниот дроб, бубрезите, белите дробови и кожата. Меѓутоа понекогаш тој механизам е преоптоварен, па телото е поосетливо на болести.

Постојат многу методи за детоксикација, од едноставни – за решавање на помали проблеми – до сложени – како што е долгорочно планирање на исхраната – кои се применуваат при посериозни тегоби. Без разлика за кој метод на чистење ќе се одлучите, запомнете дека е важно дневно да се пијат 2-3 литри чиста вода, затоа што водата е важен дел од процесот на детоксикација.

Со детоксикација ги чистиме крвта и клетките, ја поттикнуваме младоликоста на надворешните и на внатрешните органи и го стимулираме природниот механизам на лекување.

Храна за чистење на црниот дроб

Познато е дека црниот дроб е лабораторија на организмот. Ако претераме со консумирањето алкохол, го преоптоваруваме црниот дроб, кој не е во состојба да го преработи целото количество, при што се покачува нивото на адреналин, кој се задржува во организмот, а тоа резултира со анксиозност и со вознемиреност. Куркума е зачин со интензивно жолта боја, потекнува од фамилијата – ѓумбир, а позната е и како добар чистач на црниот дроб.

Расте во Индонезија, Кина, Индија и во други тропски краишта, а често се применува и како антивоспалителен агенс за лекување разни болести. Таа ги намалува отечените канали на црниот дроб, така што може да биде корисна за лекување хепатитис, цироза и жолтица.

Исто така, содржи важни витамини и минерали, како што се железо, манган, калиум, витамини Б6 и Ц.

Активната состојка во куркумата е куркумин – природен жолт пигмент. Куркуминот има позитивно дејство врз организмот, ја подобрува работата на мозокот и на срцето, но претставува и силен блокатор на канцерогените клетки. Истражувањата покажаа дека куркуминот дејствува врз ракот како и паметните лекови – ги уништува канцерогените клетки, а здравите не ги допира.

Познат е и по своите антиоксидантни и антибактериски својства. Според клиничките истражувања, може да помогне во третман на рак на простата, дојка,  матка, дебело црево,  црн дроб, бели дробови, на кожа… Ја подобрува функцијата на имунолошкиот систем така што ги заштитува имунолошките клетки од сопствените отрови. Куркумата можете да ја земате така што една лажичка прашок ќе растворите во чаша вода и ќе ја испиете.

Пост за чистење на целиот организам

Всушност за време на програмата за детоксикација, поважно е она што не го јадете отколку она што го јадете. Колку помалку јадете и колку повеќе пиете вода, толку побрзо ќе се прочистите. И самиот грчки писател Плутарх сугерирал: „Наместо лек, еден ден постете!“ Некогаш луѓето постеле по една недела и така ги одржувале здравјето, виталноста и младешкиот изглед.

Постењето е најбрз начин за ослободување на крвните и ткивните отрови, со што крвниот и лимфниот систем се ослободуваат од вишокот токсини. Со држење диета можеме да го прочистиме и да го обновиме дигестивниот систем, но и целиот организам.

Нашиот метаболизам постојано работи, никогаш не се одмора. Со постење, метаболизмот добива заслужен одмор, а нашето тело се прочистува од насобраните отрови и нечистотии. Кога постите, вашето тело почнува да ги согорува болните, оштетени мртви клетки во организмот, а го забрзува создавањето нови и здрави клетки. Можете да примените еднодневен пост – кога еднаш во 15 дена пиете само вода и не внесувате храна, или да постите неколку дена (3-7 дена) кога пиете природни овошни сокови за посилно чистење на организмот.

За време на постот, срцето и крвните садови помалку се оптоваруваат, се подобрува дишењето, па сите клетки во организмот побрзо и подобро се снабдуваат со кислород, се намалува нивото на холестеролот во крвта, се зацврстува кожата, исчезнуваат мигрените и алергиите и сл.

Исхрана што го помага процесот на детоксикација

Од друга страна, пак, одредени хранливи состојки можат активно да го помогнат процесот на детоксикација, па ако одлучите да јадете за време на програмата за прочистување, изберете намирници што ќе ви ги овозможат токму тие состојки. Најважни хранливи состојки што му се потребни на организмот за прочистување на крвниот систем се ензимите, минералите и елементите во траги, како и витамините. Треба да се избегнуваат животински протеини, рафиниран шеќер и скроб, а овошјето е секогаш најдобар избор.

Во многу диети јаболкото е важна намирница, која ќе ви помогне во слабеењето. Еден плод на јаболко со средна големина содржи само 80 калории. Јаболкото е богато со пектин, силен цревен детоксикант, а сокот од јаболко ги намалува воспалението на ткивата и температурата, кои можат да се појават за време на детоксикација.

Танинската киселина, која се наоѓа во јаболкото, го подобрува метаболизмот, па спречува таложење на маснотии во црниот дроб. Бидејќи содржи многу калиум, јаболкото поттикнува исфрлање на течностите од организмот. Едно јаболко содржи 90% вода и воопшто не содржи масти, па гасне жед и го енергизира организмот.

Друг производ од сирово јаболко што може да се примени во детоксикација на организмот е јаболковиот оцет. Уште од древните времиња бил познат како лековите намирница. Славниот Хипократ уште во 400. година пред Христос многу болести лекувал токму со помош на јаболков оцет.

Тој во себе содржи повеќе од 90 разни состојки – витамини, минерали, ензими… Научниците докажаа дека  влијае позитивно врз нашиот организам, го зајакнува имунитетот, па затоа претставува важна намирница за одржување на виталноста.

Јаболковиот оцет помага и во процесот на детоксикација, ги разградува маснотиите, го поттикнува метаболизмот побрзо да согорува калории и помага во отстранувањето на отровите и на нечистотиите. Две супени лажици јаболков оцет, помешани со мало лажиче сиров мед во чаша со топла вода, може да се земаат еднаш до двапати дневно, пред оброк, најдобро на празен желудник, за чистење на желудникот и за регулирање на pH-вредноста во целиот дигестивен тракт. Ова е особено корисно за оние што страдаат од гастритис.

Цитрусите, како што се портокал, грејпфрут и лимон, даваат голем придонес во алкализација и во чистење на организмот, но кога се јадат сами, цели или во сок. Малку цеден лимон ќе ви помогне кога чувствувате мачнина во желудникот, а една лимонада пред јадење ќе го забрза метаболизмот и ќе ја одржи вашата вита става. Свеж грејпфрут е многу богат со салицилна киселина, која ги отстранува насобраните калциумски кристали во зглобовите и ги намалува болките во коските.

Сончогледово масло

Сè попопуларен метод на детоксикација е гаргара за сончогледово масло, кој потекнува од традиционалната индиска медицина позната како ајуверда. Со примена на овој метод ќе ги отстраните штетните материи од организмот, со што ќе ги подобрите имунитетот и функцијата на внатрешните органи.

Наутро, едно лажиче нерафинирано сончогледово масло полека се мати во устата, 15-20 минути. Кога ќе ја исплукате течноста, устата измијте ја со вода и измијте ги забите со паста. Ова ги извлекува отровите од целиот организам. Постапката може да се повторите неколку пати во текот на денот (1-3 пати), секогаш на празен желудник, а се препорачува да се користи ладно цедено нерафинирано сончогледово масло.

Тоа во себе содржи многу природни витамини (А, Е, Б1, Б2, Б6 и Д), минерали (калиум, магнезиум, железо, фосфор, селен, калциум и цинк) и полинезаситени масни киселини. Селенот и витаминот Е од ова масло се сметаат за важни антиоксиданти кои го неутрализираат штетното дејство на слободните радикали во организмот.

Никако не заборавајте

Никако не го заборавајте најважното – вежбите на дишење. Преку потта се отстрануваат само 30% од штетните материи, додека преостанатите 70% отрови од организмот се елиминираат преку правилно дишење. На секоја клетка, за да биде млада и здрава, ѝ е потребен кислород.

Денес забораваме правилно да дишеме, бидејќи земаме воздух преку градите и на тој начин користиме само 30-40% од капацитетот на белите дробови. Длабоко дишење е едноставна вежба што го прочистува целиот систем за дишење, а истовремено ја прочистува и крвта, го зајакнува имунитетот и ја отстранува напнатоста од умот.

Се изведува едноставно: седнуваме, ги исправаме грбот, главата и вратот; дланките ги вртиме нагоре, ги испружаме на колената и длабоко вдишуваме. Земаме воздух од стомакот, потоа ги полниме со воздух и белите дробови. Додека вдишуваме, стомакот оди нанадвор, а при издишување – навнатре.

Дишењето е бавно и се одвива низ носот. По 5 минути вежбање на длабоко дишење ќе се чувствуваме позитивно и полни со енергија.

Текст: Бојана Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.