Топ-продукти што треба да се најдат на вашата есенска трпеза

Бранете се од инфекциите со правилна исхрана

Ненадејниот почеток на есента е шок за нашиот организам, па потребно е да му обезбедиме соодветна одбрана од разни болести што би можеле да го дочекаат неподготвен. Сепак благодарение на продолженото лето, оваа есен е богата со вкусни плодови, одлични за здравјето. Искористете го тоа и „вооружете се“ со витамини и со други материи корисни за имунитетот. Ви ги предлагаме топ-продуктите за оваа сезона, кои ќе ве заштитат од алергии и од инфекции. Освен тоа, тие природно го „загреваат“ организмот, па затоа нивното консумирање е многу важно.

ЈАБОЛКА

Ова овошје содржи флавоноиди, кои се најефикасните антиоксиданси од храната. Освен што го намалуваат ризикот од канцер, јаболката се повеќекратно корисни за здравјето. Тие дејствуваат против воспаленија и антиалергиски, па затоа се одлична заштита од типичните есенски инфекции и алергии. Ова овошје има позитивно дејство и врз кожата – предизвикува подмладување. Изедете едно јаболко со попладневното кафе или ужина и нема да ви треба лекар.

БРУСНИЦА

Ова овошје е многу вкусно, сочно и апсолутно здраво. Достапно е цела есен, содржи малку калории, а големо количество антоцијанин, антиоксиданс што го заштитува срцето. Брусницата поволно дејствува и врз здравјето на непцата, усната празнина, желудникот, мочните патишта и штити од разни видови канцер.

ТИКВА

Ова овошје е едно од најважните есенски плодови. Богато е со антиоксиданси, бетакаротен, витамин Ц и со фолна киселина. Дури и семките се одличен извор на цинк и на омега-3 масни киселини. Со консумирање тиква во овој период од годината ќе постигнете оптимална хидратација на кожата и нејзина мекост, а заштитува и од инфекции.

ЛУК

Тој е најефикасен природен лек. Содржи алицин, хемиска материја што ефикасно дејствува против вируси, бактерии и габи. Со редовно консумирање лук се редуцира нивото на лошиот холестерол и се намалува ризикот од појава на канцер, па дури и значително се подобрува нарушеното расположение! Овој податок е особено важен за лицата на кои сонцето им претставува главен извор на добро расположение.

ПАШТРНАК

Овој зимски коренест зеленчук, карактеристичен за постудените подрачја, спаѓа во семејството моркови. Паштрнакот е богат извор на растителни влакна, витамин Ц, железо и на калциум. Можете да го јадете свеж во салата или да го додадете на разни готвени јадења.

КЕЉ

Тоа е зелен листен зеленчук, кој е најзастапен на пазарите во текот на есента. Кељот го зајакнува имунитетот, ги чисти дишните патишта, штити од алергии и од инфекции. Особено е корисен во случај на стомачни инфекции и инфекции на црн дроб. Богат е со железо, бетакаротен, калциум, калиум и со витамин Ц.

КОМПИР

Освен што е достапен преку цела година, компирот е и исклучително вкусен и корисен за здравјето. Содржи големи количества бетакаротен и витамин Ц, па претставува добра превенција против грип и други инфекции. Бидејќи компирот спаѓа во групата намирници со низок гликемиски индекс, одличен е за дијабетичари. Високата застапеност на растителни влакна ја подобрува дигестијата и спречува опстипација. Компирот е најдобро да се консумира свежо приготвен, додека е сè уште топол.

ЦИМЕТ

Овој зачин, кој во индиската кујна се употребува со векови, е идеален за есента. Во традиционалната кинеска медицина, цимет се користи во третирање настинки, кашлица, мачнини, подуеност, пролив, дијабетес и многу други тегоби. Исто така, за циметот се верува дека ги зголемува енергијата и виталноста, а особено е полезен за луѓето што имаат проблеми со периферната циркулација. Употребувајте го во слатки, чаеви, солени јадења и во кафе.

ЦРН ПИПЕР

Уште еден вид зачинска билка, која истовремено го задоволува вкусот и му користи на здравјето. Додавањето црн пипер во јадењата може да ви помогне на многу начини – го подобрува варењето на храната, редуцира подуеност, ги ублажува гастроинтестиналните тегоби, уништува бактерии и вируси, ги чисти респираторните патишта, го забрзува закрепнувањето од инфекции… Црниот пипер е богат со антиоксиданси и е одличен додаток во исхраната, особено за време на студениот период од годината.

ЃУМБИР

Оваа корисна билка создава топлина во организмот, што ја прави идеална намирница во студените денови. Ѓумбирот можете да го консумирате како чај, во бисквити или како зачин во јадења. Ефикасно дејствува во случај на настинки, кашлица, болки во грлото, ублажува стомачни тегоби и мачнина, дури и алергиски реакции. Најновите истражувања покажуваат дека ѓумбирот дејствува и противвоспалително, поради што е одличен во третман на мускулно-коскени тегоби.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Pixabay.com

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.