Со храната против високиот крвен притисок

Што можете да направите за своето здравје

Овој често скриен проблем може да ви го загрози животот. Но со соодветна исхрана можете да спречите појава на висок крвен притисок

За хипертензија главно размислуваат лицата на кои им е дијагностициран овој проблем. Меѓутоа секој би требало да води сметка за ова, бидејќи одржувањето нормален крвен притисок е од клучно значење за долг живот. Милиони луѓе страдаат од ова нарушување на циркулацијата, а од година во година нивниот број расте. Истовремено, високиот крвен притисок многу полесно се дијагностицира денес, што ги зголемува шансите навреме да ги смените животните навики.

Скриен проблем

Високиот крвен притисок обично не предизвикува јасни симптоми, но ако не се третира со лекови и не се регулира со коригирање на исхраната, може да предизвика трајни оштетувања на мозокот, видот и на бубрезите. Бидејќи срцето и артериите мораат засилено да работат за да ја пумпаат крвта низ организмот, може да дојде до нивно оштетување. Статистиката покажува дека три четвртини од случаите на мозочен удар и околу една петина од инфарктите се предизвикани од хипертензија.

Нормалната вредност на крвниот притисок изнесува 120/80 (или пониска), но повеќето од болните не знаат дека притисокот им е покачен сè додека не направат лекарски преглед, или случајно го измерат притисокот кај својот пријател, или не ги почувствуваат првите симптоми.

Стресот, пушењето и консумирањето алкохол придонесуваат да се појави хипертензија, иако дебелината сè уште е најголем ризик-фактор. Меѓутоа, ако ви е дијагностицирана хипертензија или мислите дека поради телесната маса се наоѓате во ризичната зона, не е потребна радикална редукција на тежината за да почувствувате подобрување.

Според една студија, испитаниците што ослабеле 6 кг во период од четири години го намалиле ризикот од хипертензија за 28 отсто, додека оние што во истиот период ослабеле 2 кг го намалиле ризикот за 22 отсто. Најздрав начин на слабеење е спроведување режим на исхрана, кој се базира на свежи и природни продукти. Дополнителна полза од ваквата диета е редуцирано внесување сол, што е најважна мерка за заштита на здравјето.

Штетноста на солта

Експертите тврдат дека не би смееле да внесуваме повеќе од 6 г сол дневно, иако повеќето внесуваат околу 8,6 г. Состојката на солта што се доведува во врска со хипертензија е натриум хлорид, соединение што е присутно во составот на многу хранливи продукти. Околу три четвртини од вкупното количество сол што го внесуваме преку исхраната се наоѓа во преработената храна.

Затоа е важно секогаш да го проверите составот на продуктите. Тоа предупредување особено се однесува на лебот, житарките, сирењето, сувомеснатите производи и на готовите јадења. Во една британска студија била истражувана поврзаноста на исхраната и крвниот притисок. Воочено е дека крвниот притисок се снижил кај лицата што ги исфрлиле од исхраната заситените масти и ги замениле со овошје, зеленчук, посни млечни производи, интегрални житарки и со риба.

Повеќе минерали

Сепак, експертите предупредуваат дека поентата не е во елиминирање само на одредени намирници, туку дека е важно и вклучување на повеќе минерали во исхраната. Многу студии покажуваат дека калиумот – минерал што ја помага функцијата на бубрезите – може да го неутрализира штетното дејство на солта.

Сепак земањето диететски додатоци не е решение, бидејќи истражувањата покажуваат дека не го снижуваат притисокот кај хипертоничарите. Затоа е подобро да консумирате повеќе намирници богати со овој минерал, како што се банани, кајсии и грејпфрут, мешунки, посно црвено месо и обрано млеко.

Умерено со алкохолот

На организмот му е потребен инсулин за преработка на алкохолот, но повисоко ниво на овој хормон може да предизвика хипертензија. Затоа не консумирајте повеќе од 14 единици алкохол неделно.

Што треба да гледате на пакувањето?

На пакувањето на некои продукти се наведени само нутритивните вредности на натриумот, а не и на солта. За да дојдете до тој податок, помножете го количеството натриум со 2,5. Експертите сметаат дека намирниците со повеќе од 1,25 г сол се нездрави. Оние што содржат 0,25 г сол (0,1 г натриум во 100 г) се прифатливи во исхраната.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Pixabay.com

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.