Скратени патчиња што ќе ве одведат до целта – ставата што е идеална за вашиот тип тело

Насоки за вашиот режим на исхрана

И покрај големиот број популарни диети, никој не успеал трајно да се ослободи од вишокот килограми благодарение на нив. Затоа ги нарекуваат јојо-диети – бидејќи по нивното завршување обично враќаме повеќе килограми отколку што сме загубиле.

Зошто? Имено, за време на диетата се откажувате од нездравите, но и од здравите намирници. Можеби губите килограми, но нервозни сте, гладни и незадоволни. И кога ќе стигнете до саканата бројка? Пак продолжувате да го јадете сето она што сте го јаделе пред диетата и повторно ќе се здебелите. Но имаме добра вест!

Постои режим на исхрана за време на кој ќе можете да ослабите и да продолжите да ја јадете саканата храна. Да, добро прочитавте!

Ако навреме ги сфатите вашите потреби, доколку го слушате своето тело и ја користите пирамидата на исхраната, во чија основа се наоѓаат овошје и зеленчук, мешунки, житарки, па додадете малку продукти од животинско потекло, здрави маснотии, а на крајот, како круна на диетата – малку се засладите – наскоро нема да имате проблеми со линијата.

За да постигнете енергетска рамнотежа, која се менува од ден на ден, според официјалните препораки – јаглехидратите треба да сочинуваат повеќе од половина од дневната доза калории, односно од 55 до 65 отсто.

Јаглехидратите ги делиме на неколку групи: моносахариди (гликоза, фруктоза, галактоза), дисахариди (сахароза, лактоза, малтоза), олигосахариди (мешунки), сварливи полисахариди (скробни намирници) и несварливи полисахариди (влакна), а сите нив организмот ги користи како погонско гориво дури откако ќе ги разгради до молекули на гликоза, која е основната метаболичка единица на нашиот организам.

Значи, исфрлувањето на шеќерите од исхраната е нелогичен потег – но важно е од кој извор ги земате.

Исто така, покрај јаглехидратите, мора да ги внесувате и калориите што му ги обезбедуваат градивните елементи на организмот, па се препорачува консумирање 30 отсто протеини, како и резервни маснотии (некои витамини се растворливи исклучиво во масти!), кои во исхраната треба да бидат застапени до 15 отсто.

Прв чекор – контрола на калориите

Сè што ви е потребно е малку математика. Ако се препорачува дневно да се консумираат 2.200 калории, тогаш од таа бројка треба да одземете 500 калории дневно. Кога ќе помножите со седум дена во неделата, се добива минус од 3.500 калории, што е еднакво на половина килограм помалку од телесната тежина.

За да продолжи вашето тело да согорува калории, добро би било еден ден да „исечете“ 600 калории од исхраната, а утредента само 400. На тој начин ќе симнувате половина килограм неделно, кој нема да го вратите по завршувањето на диетата.

Втор чекор – нутритивен семафор

Сигурно забележавте дека некои производи имаат нутритивна табела на пакувањето. Меѓутоа, на сè поголем број производи последниве месеци на предната страна на амбалажата се истакнуваат вредностите на јаглехидратите, мастите и протеините по порција (а не во 100 г!), што го олеснува придржувањето до одреден режим на исхрана.

Ако мастите се обоени со црвено, значи дека би требало да бидете внимателни со консумирањето на тој производ.

Портокаловата боја означува умереност, а зелената дека можете безгрижно да уживате во производот, без последици по линијата и здравјето.

Трет чекор – јадете сè!

Ако слатките ви го подобруваат расположението, нема потреба целосно да се откажете од нив за време на диетата. Но не треба ни да претерувате со нивно консумирање! Изберете нискокалорична варијанта на десерт или напивка со нискокалоричен засладувач.

Важно е да постојат повеќе опции, па додека слабеете да не почувствувате дека ви недостигаат омилените вкусови, а најмногу мотивација!

Совет-плус:

Ако не можете без омилениот десерт, стручните лица советуваат барем да го изберете моментот кога ќе го изедете – на пример непосредно по тренингот, кога простите шеќери ќе ги дополнат испразнетите резерви на гликоген во мускулите.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Pixabay.com, Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.