Рецепти за никогаш повкусна зимница: Пиперка на 3 начина за сите непца

Во ова доба од годината црвената пиперка, богата со ликопен, се купува на вреќи за да се приготват ајвар, пинџур и лутеница.

Пиперката е вистински пријател на кардиоваскуларниот систем – помага во намалување на крвниот притисок, богата е со витамини А и Ц, како и со антиоксиданси, а се препорачува и кај лица со катаракта, бронхијална астма и остеоартритис.

Ајвар со морков

Состојки:

  • 6 кг црвени пиперки

  • 1 кг модар патлиџан

  • 1 кг домати

  • 1 кг моркови

  • 750 мл масло

  • 1 лажица шеќер

  • конзерванс

  • сол

Приготвување:

Добро измиените и исушени пиперки, модар патлиџан, домати и моркови испечете ги на скара или во рерна. Печениот зеленчук излупете го и сомелете го. Додајте една третина од маслото и пржете на средна температура. Времетраењето на пржењето зависи од тоа колку течност ќе пушти зеленчукот.

Повремено мешајте, а по половина час додајте уште една третина масло. Продолжете да мешате докрај.

Пред самиот крај на пржењето, кога лажицата ќе почне да остава трага на дното, додајте сол, конзерванс, остатокот од маслото и шеќерот.

Ароматичен пинџур

Состојки:

  • 3 кг црвена слатка пиперка

  • 2 кг домати

  • 1 кг модар патлиџан

  • 2–3 чешниња лук

  • 3–4 главици кромид

  • по една врзопче магдонос и целер

  • сол, масло, оцет

Приготвување:

Пиперките испечете ги, излупете ги и исечете ги на јуфки. Доматите испечете ги или сварете ги, излупете ги и испасирајте ги, па додајте ги во пиперките. Во масло пропржете ситно сечкан кромид, додајте пиперки и домати и варете до саканата густина.

На крај додајте сечкан лук, оцет, целер, магдонос и сол. Кратко промешајте и сипете во тегли.

Совет плус: Некои додаваат шеќер за посладок вкус, а оцетот ќе го „смири“ пинџурот ако не е доволно сварен или е воденест. Интересна варијанта е додавање кедрови јатки.

Огнена лутеница

Состојки:

  • 4 кг модар патлиџан

  • 4 кг црвени месести пиперки

  • 3–10 мали лути пиперчиња

  • 0,5 л масло

  • 120 г шеќер

  • 300 мл јаболков оцет

  • една главица лук

  • сол

Приготвување:

Излупете го модриот патлиџан и кратко обарете го во врела вода. Исцедете и исечете го на стапчиња. Пиперките и лутите пиперчиња измијте ги и добро избришете ги. Печете ги во рерна загреана на 220°C, повремено вртејќи ги. Печените пиперки оставете ги да се „одморат“, па излупете ги, исчистете ги од семки и исечете ги на ленти.

Во тенџере загрејте половина од маслото и пржете го модриот патлиџан додека да омекне, потоа додајте ги пиперките. Пржете мешајќи, па додајте шеќер, оцет, ситно сечкан лук и сол. Варете на тивок оган уште половина час.

Врелата смесата сипете ја во тегли и ставете ги во рерна на 80°Ц околу половина час. Откако ќе ги извадите, прелијте ја лутеницата со преостанатото масло, добро затворете и оставете да се олади.

Совет-плус: Лутината зависи од видот на пиперчињата – најдобар вкус даваат малите црвени чили-пиперчиња, повеќе од зелените феферони.

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе