Од каде ја црпат силата кралиците на топ-листите?

Енергија од чинијата

Експертите што се грижат за одржување на топ-формата на познатите музички ѕвезди ни ги откриваат најважните тајни на своите клиентки. Копирајте ги!

Напорни утрински тренинзи, подготовки за концерти, ноќни настапи – вака изгледаат работните денови на музичките ѕвезди за време на повеќемесечните турнеи. Како им успева во тие мигови да ја одржуваат енергијата во текот на целиот ден? Тајната на физичката издржливост ни ја откриваат луѓето задолжени за нивната исхрана.

1 Јадете пред да почувствувате глад Долгите паузи меѓу оброците и прескокнувањето на ужините може да предизвикаат премаленост, а чувството на силен глад е предизвикано од ниското ниво шеќери во организмот. Во таква состојба луѓето почесто избираат нездрава храна и се прејадуваат. Затоа е потребно да консумирате мали, но чести оброци. За максимално кревање на енергијата на организмот јадете мешавина од интегрални житарки, корисни маснотии, посни протеини и многу овошје и зеленчук. Идеално е дневно да внесувате минимум 1.200 калории, распоредени во три главни оброци и во три ужини од по 150 калории. Ако сте физички активни, можете да внесувате повеќе калории. Оптимална ужина содржи 60% сложени јаглехидрати и 40% посни протеини.

Неколку идеи: половина грејпфрут и варено јајце; 50 г пилешки гради (салама) и домат; фрапе од половина банана со сезонско овошје и со ленени семки.

2 Јадете луто Како најсилна енергетска инјекција ќе ви послужи оброк зачинет со лута пиперка. Истражувањата покажаа дека лицата што јадат чили во оброците имаат постабилно ниво шеќери во крвта од другите. Една состојка во чилито – капсаицин – го олеснува варењето на храната, поради што организмот побрзо ја троши енергијата. Всушност овој ефект одамна им е познат од луѓето од Кариби. Ријана е нивна најистакната претставничка, која пред концерт јаде лута пилешка супа со неколку вида лути пиперчиња.

3 Намалете го количеството на месо Иако многумина мислат дека ѕвездите јадат само салати и овошје, тоа и не е така. Пинк е позната по тоа што редовно јаде плескавици и шницли. Зеленчукот сам не може да му го овозможи на телото потребното количество енергија. Затоа е подобро во исхраната да вклучите повеќе интегрални житарки, мешунки и посно црвено месо. Јунешкото е одличен извор на хранливи материи, како што се железо, протеини и цинк, а тие се од есенцијално значење за енергијата.

Експертите тврдат дека дури и најмал недостиг на железо во организмот може да предизвика поспаност и чувство на физичка и ментална слабост. Но статистиката покажа дека многу жени не внесуваат доволно количество железо. Тоа е неопходно за транспорт на хранливите супстанции од крвта до клетките на телото. Затоа дневно јадете најмалку 18 мг железо од црвено месо, од јајца или од леќа. Внимавајте месото да не биде мрсно, бидејќи дигестијата на мастите ја одзема енергијата.

4 Јадете јаткасто овошје Гвен Стефани и Алиша Киз бараат од своите помошници во нивните гардероби секогаш да има неколку кесички јаткасто овошје. Овие намирници освен тоа што се добар извор на протеини, тие се богати и со магнезиум, минерал што ги активира клеточните ензими за продукција на енергија. Многу истражувања покажуваат дека недостиг од овој минерал во организмот предизвикува брз замор.

Дневна потреба за магнезиум за жени изнесува 320 мг, а во случај на исцрпеност дозата треба да се зголеми на 500 или на 1.000 мг, бидејќи во такви услови на мускулите им е потребно многу поголемо количество енергија за да се опуштат. Освен индиските ореви и бадемите, добри извори на овој минерал се и спанаќот и печени семки од тиква.

Јадете кога пиете алкохол Ако јадете додека пиете алкохол, тогаш се намалува депресивното дејство на алкохолот. Од друга страна, ако испиете само еден коктел на празен стомак, ќе имате проблеми со сонот. Во почеток алкохолот може да предизвика поспаност, но за кратко време ја поттикнува продукцијата на хормонот на стрес епинефрин, кој ја забрзува срцевата работа и може да ви го наруши сонот. Повеќето ѕвезди што внимаваат на своето здравје го знаат тоа, па избегнуваат алкохол. На пример, Џенифер Лопез пие само една чашка шампањско и тоа во посебни пригоди.

5 Земајте овошна ужина Следен пат кога ќе почувствувате неиздржлива потреба за слатко изедете овошна салата наместо чоколадо. Овошјето содржи прости шеќери, кои лесно се претвораат во енергија. Но за разлика од слатките, тоа содржи и растителни влакна, кои одржуваат стабилно ниво шеќери во крвта, а со тоа и подолготрајно чувство на ситост. Цитрусното овошје го зајакнува имунитетот. А ако ви здодее изборот кај нас, јадете тропско овошје (манго, папаја и ананас). Тоа е вкусно, егзотично, има малку калории и висок процент на витамин Ц.

6 Пијте кафе со млеко Кофеинот треба да се консумира „стратешки“ – дваесетина минути пред тренинг или кон средина на денот. Студиите покажуваат дека кофеинот, како стимулативна материја, ги зголемува физичката издржливост и брзината на согорување на маснотиите за време на тренингот. Но постојаното потпирање на кафе, како „лек“ за слабост, не дејствува на подолги патеки. Кофеинската „инјекција“ дејствува како краткротраен поттик, но прави подоцна да се чувствувате изнемоштено.

Исто така, големи дози кофеин предизвикуваат анксиозност и несоница. Ако уживате во вкусот на кафето, тогаш подобро консумирајте без кофеин или со млеко – тоа содржи протеини што го ублажуваат дејството на кофеинот. Алтернативно пробајте зелен чај, кој содржи двојно помало количество кофеин од кафето, а има и Л-теанин, аминокиселина што ги намалува ефектите на стресот. Лејди Гага и Аланис Морисет секогаш имаат шише зелен чај зад сцената.

7 Пијте вода (со кокос) За одржување на здравјето и кондицијата потребно е секој ден да се внесува оптимално количество вода. Истражувањата покажуваат дека недостиг на вода во организмот, дури и од 1 до 2 отсто (толкав е недостигот во мигот кога ќе почувствувате жед), може да предизвика забавување на физичките и на менталните функции. На клетките на телото им е неопходна вода за да можат да користат енергија. Експертите советуваат да се пие половина чаша вода секои половина час или осум чаши во текот на денот. Но ако сте многу активни, обичната вода нема да ги задоволи вашите потребни.

За да може течноста да продре во клетките, потребни се електролити (натриум и калиум). Затоа идеално решение е кокосова вода, која ја консумираат Мадона и Џесика Симпсон. Кокосова вода можете да добиете ако потопите две лажички кокосово брашно во чаша вода, а потоа по два часа водата ја процедите. Калиумот е мошне важен минерал за лица што секој ден се занимаваат со физички активности. Ако не ви се допаѓа кокос, јадете банани, и тие содржат доста калиум.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Pixabay, Getty Images

loading...
Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време