Како да се спречи дебелеењето?

Да не ви се случи и вам!

Фото: Getty Images

Што всушност значи превенција, на кој начин се спроведува и што превенираме – кои болести настануваат како последица на дебелеењето?

Во Македонија последниве осум години се зголеми стапката на дебелеење кај возрасните и кај децата, а се смета дека најодговорни за тоа се исхраната и намалената физичка активност, поточно повеќечасовното седење пред компјутер, таблет, телевизор или мобилен во комбинација со брза храна.

Истражувањата покажуваат дека секој втор жител не јаде овошје, а секој петти не размислува за здравјето кога купува храна.

Причини за дебелеење:

Зголемено консумирање маснотии и прости јаглехидрати

Намалена физичка активност

Голема достапност на висококалорична храна

Напуштање на традиционалниот начин на исхрана (семејна маса со готвени јадења)

ДЕБЕЛИНАТА – тригер за многу болести. Се проценува дека прекумерната телесна тежина е одговорна за развој дури на 50 болести. Против неа се борат околу 600 милиони луѓе во светот. Најмалку 155 милиони деца на училишна возраст се дебели или на границата на дебелеење.

Дебелите лица што ќе одлучат да го намалат обемот на половината најчесто го прават тоа бидејќи им е нарушено здравјето. Истражувањата покажуваат дека дебелината може да доведе до хронични болести, дијабетес, хипертензија, мозочен удар, карцином (дојка, дебело црево, панкреас, бубрег, простата), да влијае врз работата на белите дробови, но и на коскено-злобниот систем.

Не постои орган врз кој не влијае дебелината. Таа остава негативна трага врз севкупното здравје.

ПРЕВЕНЦИЈА Сето кажано би требало да го имаме на ум кога следниот пат ќе посегнеме по храна. Понекогаш можете да се „почестите“, но пиците, хамбургерите и брзата храна не смеат да станат секојдневје.

НАМАЛЕТЕ ЈА НЕАКТИВНОСТА! Секој ден станете од столчето и вежбајте/одете 60 минути. Колку што ќе внесете, толку ќе мора и да потрошите. За тоа ќе ви бидат благодарни вашето срце, белите дробови, мозокот, бубрезите, коските и кожата…

ДОБИТНА КОМБИНАЦИЈА се влакна и масти! Кога ќе се најдат во дигестивниот тракт, влакната набабруваат. Тие се варат долго време, па се чувствуваме сито. Значи, наполнете ја чинијата со житарки, мешунки, зеленчук и со овошје (немојте да го цедите, јадете го свежо!).

Здравите масти, како маслиновото масло или путерот од јаткасти плодови (во умерени количества!) го подобруваат вкусот, истовремено помагајќи му на организмот да ги впие хранливите состојки од оброкот.

МУДРА ЗАМЕНА Ако понекогаш се „почестите“ со омилениот висококалоричен десерт, нема да се чувствувате лишено од слатко, покажаа истражувањата. Затоа, дозволете си мал грев, кој не смее да има над 150 калории!

ПРИЧИНА: токму тоа мало задоволство ја прави разликата меѓу чувството дека сте на стриктна диета и она дека избраната храна е едноставно ваш животен стил.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.