Формула за витост: Заштедете 500 калории на ден

Фото: Pixabay

Ако се обидувате да го фатите последниот воз за враќање во форма пред годишниот одмор, внимавајте! Не верувајте им на брзите диети што ветуваат драстични резултати и големи промени

Кога станува збор за брзи диети, можеби и ќе дојде до промена, но сигурно нема да му годи на вашиот организам. Ќе помине летото, а килограмите ќе се вратат. Се прашувате како да ослабите тогаш… Како во сè друго, така и во исхраната, најдобро е да бидете умерени. Затоа, единствената вистинска диета е онаа со која ќе губите 500 калории на ден. Умерениот режим на исхрана нема да ја наруши функцијата на организмот, а подразбира од препорачаната дневна доза од 2.200 калории да одземете 500 калории. Во преостанатите 1.700 калории имате слобода да консумирате и слатко и солено, но умерено!

Топ-стратегии да „заштедите“ 500 калории во текот на денот

Не јадете набрзина. Нутриционистите препорачуваат оброкот да ви трае најмалку 20 минути. На тој начин најдобро го стимулирате метаболизмот. Освен што ќе го активирате лачењето на дигестивните ензими, многу полесно ќе го препознаете моментот на заситување и нема да се прејадувате.

Уживајте во храната. За жал, често не размислуваме за изборот на намирниците, а особено за големината на порциите. Токму тоа доведува до прејадување, па и до вишок килограми. Затоа, потрудете се приоритет да ви биде изборот на квалитетна храна, како и контролата на порциите што ги јадете.

Нека ви помогне нутритивниот семафор. Кога внимавате што јадете, полесно постигнувате енергетска рамнотежа во организмот, затоа што дневното мени го кроите според сопствените потреби, внимавајќи на калориите, а воедно уживајќи во храната без откажување. Затоа, следниот пат кога ќе отидете во продавница, внимавајте на нутритивниот семафор на состојките, кој ви покажува колку калории, но и масти, шеќери и протеини се содржани во нив.

Не откажувајте се од ниедна намирница. Ако одлучивте да бидете поумерени во консумирањето слатки, обичниот шеќер заменете го со помалку калорична варијанта. Доколку не можете без десерт, омилениот мафин пригответе го со стевија или со друг нискокалоричен засладувач.

Спијте доволно. Високото ниво на стрес многу лесно ќе ги попушти стегите при изборот на храната, но и нејзиното количество. Обидете се да сте наспани, бидејќи квалитетниот сон е неопходен за тенка и вита става.

МАЛИ ТРИКОВИ ДА ГО НАМАЛИТЕ КОНСУМИРАЊЕТО КАЛОРИИ:

  • Заменете го обичното млеко со бадемово, бидејќи содржи околу 30-40 калории помалку од кравјото.
  • Маслото додава по 300 калории на оброк, па користете го во мали количества.
  • Кога сте на диета, сечете потенки парчиња леб и јадете 1-2 за оброк. Само едно подебело парче леб може да додаде 100 калории.
  • Наместо прелив, додајте лимонов сок во салатата и ќе заштедите дури 200 калории.
  • Ако сте љубител на газирани пијалаци, пијте една чаша минерална вода со ручекот.
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.