Иако промените во столицата најчесто не се причина за паника, нејзината густина, изглед и мирис можат да дадат одредени информации за дигестивното здравје.
Терминот „фантомска столица“ се користи за столицата која по празнењето толку брзо тоне што изгледа како да исчезнала без трага. Самата појава не мора да значи дека постои здравствен проблем, бидејќи и пловечката и столицата што тоне се среќаваат кај здрави луѓе. Истражувањата покажуваат дека на тоа најмногу влијаат гасовите што ги создаваат микроорганизмите во цревата.
Пловечката столица може да содржи поголема количина заробени гасови, меѓу кои и метан што настанува при дејството на микроорганизмите во дебелото црево. Кога овие гасови ќе се отстранат, густината на пловечката и онаа што тоне станува слична. Сепак, во одредени случаи пловечката столица може да содржи и повеќе масти, особено ако е масна, има исклучително непријатен мирис или тешко се испира.
Некои истражувања ја поврзуваат пловечката столица со одредени дигестивни состојби, меѓу кои и синдромот на иритабилно црево, а забележана е и кај дел од луѓето со дијабетес тип 1. Сепак, тоа не значи дека столицата што тоне автоматски е „поздрава“. Научниците сметаат дека важна улога има цревниот микробиом, бидејќи различни микроорганизми создаваат различни количества гасови при разградувањето на храната и влакната.
Зголеменото создавање гасови, пак, не мора да биде лош знак, особено ако човекот се храни со повеќе влакна. Колоректалната хирургиња Пенелопе Де Лакавалери советува луѓето да обрнуваат внимание на бојата, обликот и конзистентноста на столицата. Повремена промена најчесто не е причина за загриженост, но доколку трае подолго или се појават крв, многу светла или црна столица, необјасниво слабеење, болки или долготрајни промени во празнењето на цревата, потребно е да се побара лекарски совет.
pexels – toalet