Интимно здравје: Менструална писменост – до кој степен стигнавме?

Дали ja криете влошката во ракавот за никој да не забележи додека одите во тоалет или, пак, се згрозувате од црвена дамка на фармерките?

Ако припаѓате на новата генерација на менструално писмени жени – дефинитивно НЕ правите нешто такво. Но колкумина од нас стигнаа до тоа ниво да зборуваат јасно и гласно за менструацијата, без влакна на јазикот? Само така, низ отворени разговори, циклусите, во сите периоди на созревање на жената, може да станат помалку непријатни. А можеби дури и охрабрувачки…

ДА ПОЧНЕМЕ СО НАЈОЧИГЛЕДНОТО: менструацијата не е најпријатното искуство. Секако, како знак на здравјето и плодноста на жената, таа е од непроценливо значење. Но крвавење секој месец? Покрај тоа, грчеви, промени во расположението, надуеност… Работите дополнително ги влошува фактот што општеството со векови го обвива овој совршено природен процес со превез на стигма, нечистотија и срам. Но крајно време е да се стави крај на тоа, нели?

Знаеме дека се согласувате, иако за многу жени, дури и денес, проблемите почнуваат од првата менструација. Некои девојки се неподготвени за првата менструација, бидејќи нивните родители или старатели не се сигурни како да разговараат на темата. Не најдовме податоци што важат за Македонија, но во компанијата One Poll при истражување за брендот за женска хигиена Thix дошле до заклучок дека денес секој петти родител во Западна Европа вели дека не е подготвен за првата менструација на својата ќерка, а само половина тврдат дека се чувствуваат удобно во моментот кога зборуваат за тоа. Дури и во позрела возраст, жената може да се најде во непријатна ситуација обидувајќи се, на пример, да му објасни на својот директор или менаџер дека не е целосно функционална одреден ден на работа – поради менструални болки. Стигмата сè уште е длабока.

Сепак, срамот од менструацијата не е само непријатност – може да биде и причина за здравствени проблеми. На пример, жената може да страда од болка, но наместо да му се пожали некому, или да му се обрати на лекар, ги игнорира симптомите како што се ендометриоза или синдром на полицистични јајници.

За среќа, сѐ повеќе активисти во последно време го користат медиумскиот простор за отворено да зборуваат за циклусот и да ги натераат жените да ги третираат менструациите на нов начин. Дознајте повеќе за некои од инспиративните промени што се случуваат во моментов.

АКЦИЈА ПРОТИВ МЕНСТРУАЛНАТА СИРОМАШТИЈА

Дали мислите дека жените и девојките имаат лоши услови за време на менструацијата само во т.н. неразвиени делови од светот? На пример, во индиската држава Махараштра жените се принудени да спијат во посебни колиби надвор од нивното село додека имаат циклус, бидејќи се сметаат за „нечисти“. Или, да речеме, во Кенија, каде што едно од 10 девојчиња отсуствува од училиште во „оние денови“ поради недостиг од санитарни производи. Но работите не се розови ниту во поразвиените земји.

Менструалната стигма е глобална, а исто така и менструалната сиромаштија. Овој термин се однесува на тежок или невозможен пристап до хигиенски производи, како што се влошки, тампони, чашки, долна облека и лекови против болки, како и основни хигиенски услови, како што се простор за менструална хигиена, пристап до топла вода и сапун.

Немаме конкретни податоци за менструалната сиромаштија во нашата земја, но можеме да го искористиме истражувањето спроведено во Хрватска во текот на 2020 година. Тоа покажа дека 11,9% – над 6.000 анкетирани жени – немаат доволно хигиенски резерви за да можат да ги заменат кога сакаат и кога е потребно, а исто толку жени не можат да си ги дозволат.

Дополнително, дури 36,4% од испитаниците изјавиле дека им се случува да мора да купат понизок квалитет менструални влошки или тампони поради нивната цена. Во Македонија постојат три даночни стапки – ДДВ од 0%, 5% и 18%. ДДВ од 0% за јавни услуги што државата им ги должи на граѓаните, како образование, здравство, култура. ДДВ од 5% се наплаќа за производи и услуги што се неопходни за секој човек – исхрана, лекови, медицински средства, училиштен прибор, производи за бебиња. Иако производите за менструална хигиена се неопходни за секоја жена што има менструација да може да води здрав живот и да функционира нормално во тие денови, влошките и тампоните не спаѓаат во оваа даночна стапка.

Односно, се даночат со 18%. Во многу земји низ Европа се поведени иницијативи против дополнителниот данок, кој во моментов, кога станува збор за Европа, не постои само во Ирска и во Обединетото Кралство. Минатата година беа собрани потписи во веќе споменатата Хрватска, со која се предложи ДДВ за влошки и за тампони да се намали од 25 на 5 проценти, но Владата го одби тој предлог. Како да не е доволно тоа, менструалната сиромаштија е директно поврзана со еколошкиот проблем. Еколошките влошки и тампони се поскапи од стандардните.

Не е потребно посебно истражување за да се заклучи дека голем процент жени не се во позиција да поддржат еколошки подобра опција, без разлика колку би сакале да го сторат тоа. Ќе напоменеме и дека оваа година Неделата на менструалната сиромаштија се одбележува од 23 до 29 мај, а се надеваме дека одбележувањето на оваа појава, за која ретко се зборува, ќе биде поттик за акција што ќе донесе позитивни промени.

МЕНСТРУАЦИЈА И СПОРТ

Во 2019 година, шкотската тркачка на средни патеки Елфиш Мекалган беше на илјадници километри од својот дом во Калифорнија, подготвена да ја заврши својата трка на 10 километри – со доволно време да се квалификува за Светското првенство. Во тој момент беа вложени повеќемесечни тренинзи, а потоа во последните пет кола сѐ се распадна. Не, не стануваше збор за нерамнините на патот. Менструалните грчеви се појавија непосредно пред таа да стигне до целта.

Зошто го спомнуваме ова? Мекалган не молчеше, своето искуство го сподели по трката, во објава на социјалните мрежи. „Кога ќе добијам менструација на денот на трката или неколку дена пред тоа, трчам – ужасно.“ Се чини дека ова беше очајно потребна објава, бидејќи веднаш пристигнаа пораки од други спортистки, кои имале слични искуства, но не зборувале за нив.

Згора на тоа, според некои од нив, тренерите ги охрабрувале да тренираат напорно, што предизвикувало прекин на менструацијата. Со други зборови, се сметало дека не дале сѐ од себе доколку не го загубат циклусот. Едноставно, правилата за машки тренинзи важеа и за жените, бидејќи тренерите не биле доволно едуцирани за барањата на женскиот организам.

За среќа, ако ја премотаме сликата сега, до 2022 година, ситуацијата е поинаква. Дури и светските спортски брендови сега конечно ја вклучуваат менструацијата како еден од факторите за тренинг, како што е пулсот. Минатата година, „Адидас“ започна план за менструален тренинг заедно со линија на облека што не протекува, додека „Најки“ ја создаде програмата NikeSync достапна во апликацијата Nike Training Club.

Се чини дека во последните пет или десет години навистина дојде до промена во начинот на размислување за достигнувањата на жените во фитнесот и спортот. Конечно, беше прифатено дека жените не треба да ги следат истите правила за обука како и мажите. Само кога ќе ја прифатиме нашата физиологија, можеме да станеме многу поуспешни спортистки. И поздрави и посреќни жени.

ПРОИЗВОДИ ОД НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА ЗА ПОЛЕСНА МЕНСТРУАЦИЈА

Мрежестите памучни влошки им претходеа на непропустливите, а доколку не се менуваа навреме, постоеше опасност од дамки на панталоните. Следуваше период на не многу пријатните големи, дебели влошки, а денес веќе можеме да им се заблагодариме на ултратенките влошки, менструалните чашки и практичните и еколошки тампони од органски памук.

Помладата генерација не само што очекува анатомски подобри производи, кои ќе обезбедат заштита и удобност при носењето, туку сега се важни и органските и еколошките опции. Дополнително, компаниите што стојат зад новите, иновативни производи честопати преземаат активна улога во разбивањето на стигмата на менструацијата, почнувајќи од начинот на кој се рекламираат производите. Со нетрпение очекуваме дополнително да го дестигматизираме феноменот што е природен за телото на жената како дишењето или отчукувањата на срцето.

И се надеваме дека ќе најдеме начин сите заедно, секој во својата микросредина, да бидеме гласот што сосема отворено зборува за тоа и со тоа да придонесеме менструалната писменост побрзо да се издигне на повисоко ниво.

Пресвртни моменти

АНТИКА

Менструалната крв се сметала за сосема нормална и ништо не се преземало за да се запре крвавењето низ облеката. Дури се верувало дека жените имаат посебни моќи за време на менструацијата.

ДО 19 ВЕК

Постојат докази дека жените од повисоките класи користеле платнени влошки, направени дома, но преостанатото мнозинство сè уште не го користеле ниту тоа.

1888 година

Се појавуваат првите хигиенски влошки за еднократна употреба, направени по моделот на завои што се користат за запирање на крвавењето кај ранетите војници. Тие за првпат се појавиле во САД, во производството на „Џонсон и Џонсон“.

КРАЈ НА 19 ВЕК

Викторијанските жени почнале да ја врзуваат облеката на еластични „хигиенски појаси“, слични на трегери, врзани околу половината. Овој производ се појавувал во рекламите за менструална хигиена до 70-тите години на минатиот век!

1933 година

Остеопатот Ерл Хас регистрирал патент за тампон, кој го нарекол „Тампакс“. Тој прв се досетил на парче од компресиран памук да додаде лентичка, за жените да не мораат со прсти да го допираат раскрвавениот материјал.

1985 година

Актерката Кортни Кокс првпат го изговори зборот менструација на националната телевизија на САД кога се појави во реклама на „Тампакс“. Пред тоа, за менструацијата се зборуваше исклучиво во форма на еуфемизам, како „оние денови“.

2002 година

Менструалните чаши полека влегуваат во мејнстримот, а се појавува и првата силиконска чаша. Пред тоа, чашките биле правени од латекс.

2017 година

Bodyform ја објави првата реклама со менструална крв, со слоганот: „Менструацијата е природна појава, исто така треба да е и покажувањето крв“. Дотогаш за таа цел се користела сина течност.

2018 година

Шкотска стана првата нација во светот што усвои закон за борба против менструалната сиромаштија. Хигиенските производи во оваа островска земја се продаваат без данок, а се бесплатни за најсиромашните.

2019 година

Сликата што укажува на менструација (црвена капка) е воведена на апликациите за Android и iOS – детаљ што дополнително го нормализира разговорот за циклусот во секојдневната дигитална комуникација.

2021 година

Велика Британија го укина т.н. данок на тампони, а многу земји од Европската Унија го намалија на минимум 5%. Во Македонија во 2022 година, за жал, нема ниту анкета поврзана со менструалната сиромаштија. Се надеваме на промена.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images, Pexels

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.