Терапија за нега и разубавување за време на летото

Плус: 3 ефикасни маски од кујната

Секоја годишна доба налага коригирање на режимот на нега. Ви предлагаме неколку едноставни, но ефикасни стратегии за поправање на штетите што сонцето и високите температури ѝ ги нанеле на вашата кожа, како и за одржување на нејзиниот свеж изглед.

ЛИЦЕ & УСНИ: Елиминирајте ги дамките од сонцето

УВ-зраците стимулираат продукција на меланин, а резултат на тоа се сончевите дамки на кожата. За да ги отстраните, неопходна е секојдневна примена на хидратантен крем што содржи витамин Ц, бидејќи оваа материја го редуцира создавањето меланин и ја намалува направената штета.

Навечер нанесувајте хидратантна маска за лице што ќе ја поттикне регенерацијата на клетките.

Не заборавајте го пилингот – двапати неделно!

Отстранувањето на слојот мртви клетки од површината на кожата е задолжителен дел на здравиот режим на нега, особено важен за време на летото, бидејќи овозможува одржување на блескавиот изглед на кожата.

Ексфолиација може да се изврши со препарати на база на гликолна киселина или со едноставно триење на кожата на лицето со мека крпа за лице.

Кожата чистете ја со масло

Препаратите за чистење на кожата што создаваат пена можат да бидат премногу груби за кожата што била изложена на сонце, бидејќи најчесто го отстрануваат и природниот себум. Затоа е подобро да користите препарати за чистење на база на масло.

Закажете козметички третман

Закажете третман за ексфолиација, хидратација и за регенерација на кожата на лицето, бидејќи тоа е одлична основа за режимот на нега за време на летниот период.

Одржете ја исончаноста

Квалитетен лосион за самопотемнување, кој ќе го нанесувате само на лицето и на вратот, ќе ви овозможи да ја одржите исончаноста и по летната сезона. Пред да го втриете лосионот, задолжително направете пилинг – за да осигурите рамномерност на бојата, а потоа редовно хидрирајте ја кожата.

Ако не сакате да употребувате лосион за самопотемнување, тогаш нанесете бронзер над подлогата за шминка.

Нахранете ги усните

Усните постојано се изложени на дејството на сончевите зраци, па често пукаат и се лупат, и затоа е неопходно посебно внимание да ѝ посветите на нивната нега. Одвреме-навреме направете нежен пилинг на усните со мека четкичка, а потоа намачкајте ги со балсам за усни или со крем на база на пчелин восок.

3 ефикасни маски од кујната

1. За хидратација:

Состојки: 1 до 1,5 домат, мед и малку брашно (колку што е потребно за спојување на смесата).

Начин на приготвување: измијте го и излупете го доматот, па ситно исечкајте го и истолчете го во подлабок сад. Додајте малку мед и брашно, измешајте ги состојките, и смесата нанесете ја на лицето. Накрај кожата измијте ја со вода.

Бенефити: доматот е богат со ликопен и со вода, па оваа маска хидрира и ја обновува кожата.

2. За ревитализација:

Состојки: краставица и белка

Начин на приготвување: краставицата чувајте ја во фрижидер до приготвувањето. Иситнете ја во миксер и додајте ја белката, па мешајте додека добиете компактна маса. Маската нанесете ја на лицето и оставете да дејствува 15-20 мин. Отстранете ја со вода.

Бенефити: краставицата е богата со многу хранливи материи, ја хидрира и ја обновува кожата, а белката е полна со протеини.

3. За избелување на кожата:

Состојки: лажиче сок од лимон, белка и малку брашно

Начин на приготвување: добро измешајте ги сите состојки во мазна смеса, а потоа нанесете ја на лицето. Измијте ја маската штом ќе се исуши. Применувајте ја 2-3 пати неделно.

Бенефити: оваа маска ја избелува и ја омекнува кожата.

ТЕЛО & РАЦЕ

Хидрирајте, хидрирајте и хидрирајте!

Секојдневно пиење вода е исклучително важно во летниот период. Водата ја олеснува детоксификацијата на организмот и спречува задржување на штетните материи, кои во голема мера можат да ги нарушат функцијата и изгледот на кожата.

Водата, исто така, ја надоместува течноста што ја губиме за време на летните активности: пливање, сончање, пешачење…

Користете производи со хијалуронска киселина, која е ефикасен хумектант што ја врзува влагата од воздухот и ја транспортира до клетките на кожата, со што се спречува дехидрација или, пак, успешно се елиминира.

Заменете го лосионот со крем

Преку летото повеќето жени употребуваат лосиони за нега на кожата на телото, бидејќи се помалку мрсни и лесно се впиваат. Сепак, одвреме-навреме се препорачува примена на хранливо млеко за тело, кое создава бариера на површината на кожата, чија улога е да ја задржува влагата во организмот и да штити од екстремните надворешни температури.

Бидејќи кремовите обично содржат повеќе масло од лосионите, жените што имаат мрсна кожа треба да користат хидратантни формули за тело.

Пилингот е задолжителен!

Редовната ексфолиација (двапати неделно) ја ослободува кожата од површинскиот слој мртви клетки, ги чисти и ги отвора порите, што овозможува полесно снабдување со кислород. Ексфолиацијата и хидратацијата се два клучни фактора за одржување совршен изглед на кожата.

Користете СПФ-препарат

Уште еднаш ќе повториме:  УВ-зрачењето е доволно силно за да предизвика оштетување на кожата!

Заштитете ги рацете

По секое миење на рацете задолжително нанесете хранлив крем. На тој начин ќе спречите појава на брчки, дамки и на заноктици. Рацете се најчесто користениот дел од телото, па нивната кожа е најмногу изложена на штетното дејство на разни фактори од надворешната средина.

Текст: Н.Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.