Подгответе ги стапалата за отворени обувки

Бидете здрави и убави!

На петиците им е потребна редовна нега исто како и на другите делови од телото. Грижете се за нив, ослободете се од испуканата кожа и од плускавците, бидејќи топлите денови се тука, а со нив и сандалите, папучите…

Задебелувањето на кожата на стапалата (кератоза) често преминува во плускавец, најчесто на петиците, по должината на рабовите на стапалата или под прстите. Перничињата што се појавуваат под прстите ги ограничуваат нивните движења, а како последица на тоа се нарушува крвотокот во стапалото или доаѓа до атрофија на нервните завршетоци.

При создавањето на плускавците може да се намали осетливоста на стапалата, да се јави чувство на болка при одење, а поткуцнувањето може да предизвика деформација на стапалата и ортопедски проблеми.

Значи, доколку имате кератоза, треба да ја лекувате. Во ваков случај, пред сѐ, е препорачлив медицински педикир. Но не треба да заборавите ни на специјален крем за нега на стапала.

* Против испукани петици: во 100 мл маслиново масло сварете главица кромид, потоа извадете ја и во врелото масло додајте 100 г прополис, кој брзо ќе се растопи, па тргнете го од огнот. Со добиената емулзија мачкајте ги испуканите петици додека зараснат. Наместо прополис, можете да користите пчелин восок.

* За лекување свежи плускавци искористете тегавец. Облога од каша од свежи листови или сок од тегавец го отстранува воспалението и ослободува од болката.

* Против задебелувања помага секојдневно полевање на нозете со ладна вода.

* Плускавецот добро го отстранува лепиња направена од лажиче прополис со мека конзистенција и половина лажиче путер. По бања со сапун и сода (едно-две лажичиња сода бикарбона на литар вода) ставете таква лепиња на плускавецот, преку неа залепете фластер и оставете да дејствува три дена. Потоа повторно направете бања со сапун и сода и исчистете го плускавецот.

Уште една билка се користи за отстранување плускавци, а тоа е алое вера. Нозете парете ги и на плускавецот нанесете парчиња надолжно исечен лист од алое (од внатрешната страна). Одозгора прекријте со најлонско ќесе и превијте го со завој. Утредента истружете го омекнатиот плускавец, а кожата намачкајте ја со крем со витамин А.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Pixabay, Unsplash

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.