Нов мирисен бонтон: Време е стариот парфем да го носите на нов начин!

Носењето мириси во слоеви можеби изгледа комплицирано, но ако знаете како се прави тоа – многу е едноставно.

Пазарот е евидентно преплавен со парфеми. Секоја година се промовираат новитети. Затоа не изненадува што жените кои му се верни на истото шишенце со години посакуваат промена. Сепак, во морето мирисни ноти, тешко е да се избере токму онаа што ќе ги задоволи сите ваши критериуми. Па зошто тогаш, наместо со деновите да ги душкате мирисите барајќи го идеалниот, да не го смените начинот на кој го носите својот парфем?!

Принцип на повеќе слоеви

Експертите велат дека клучот е во повеќеслојноста – што не значи да нанесете два различни парфеми. Станува збор за вклучување на мирисот во други аспекти на вашата нега за да го манифестирате најдобриот ефект на одредениот парфем.

Освен што ќе го направите парфемот попостојан, одредени трикови ќе ви помогнат да го приспособите својот мирис кон различните годишни доба, или да го носите на уникатни начини. Всушност, начинот на кој го носите парфемот е важен колку и самиот парфем, а овие трикови ќе го истакнат најдоброто во него.

Едноставен почеток

Парфемите со една до две мирисни ноти се многу популарни во последно време, а идеални се за примена на принципот на повеќе слоеви. На пример, Gucci Flora Garden Collection се темели на пет мириси: гарденија, тубероза, мандарина, темјанушка и магнолија.

Секој од парфемите истакнува мирисна нота на една врста цветови.

Едноставноста го прави прифатлив и ги задоволува дури и најпрефинетите вкусови. Мирисите што во основа содржат мириси на кокос, ванила и кедар лесно се нанесуваат во слоеви и одлично се согласуваат со други мирисни ноти. Од друга страна, експертите советуваат дека принципот на повеќеслојност не се применува доколку со години носите парфем што станал ваш заштитен знак, на пример Chanel No. 5.

Впечатливите парфеми треба да останат впечатливи. Во тој случај, гелот за туширање, млекото за тело и дезодорансот мора да бидат без мирис или со многу дискретна мирисна компонента, која нема да ги измени основните ноти на парфемот.

Запознајте ја категоријата на парфемот

Кога избирате препарат за бањање и за нега на тело, најважно е да се управувате од тоа да бидат од истото парфемско семејство со вашиот парфем.

Истото важи и за цитрусните и цветните мириси. Затоа, најдобро би било доколку вашите препарати за нега бидат од истиот бренд како и вашиот парфем.

 

„Удавете го“!

Многу жени го менуваат парфемот при преминот од едно во друго годишно време, што е генерално правило при носење мириси. Зимата бара потопли, потешки и пополни мириси. Сепак, тоа не значи дека треба да купите нов парфем.

Доволно е да вклучите зимзелена нота во својата нега.

Купете лосион за тело со мирис на бор или ела и така ќе остварите богата основа, а на вашиот парфем ќе му додадете потопла нота.

Важна е и подлогата!

Иако мирисот на гелот за туширање не е долготраен, сепак влијае врз специфичноста на парфемот што го носите. Пената за туширање создава на кожата нежна, миризлива подлога.

Затоа, најдобро е да се туширате со гел што е од истиот бренд како и вашиот парфем или да користите некој со неутрален и нежен мирис, во кој доминираат зелени и цитрусни ноти.

Не заборавајте ја хидратацијата

Без разлика на тоа дали избирате варијанта без мирис или користите лосион што го потенцира мирисот на вашиот парфем, најважна е оптималната хидратација на вашата кожа. Колку е повлажна, толку и мирисот подолго време ќе се задржи на неа. Во составот на хидратантните препарати се наоѓаат и маслени состојки кои спречуваат испарување на молекулите на водата и на парфемот од кожата.

Испрскајте ја косата

Речиси не постои жена што не сака при движење на главата да се шири префинет мирис. Мирисите на шампонот и на регенераторот кратко време се задржуваат во косата, па затоа слободно напрскајте ја со парфем. Поради специфичниот состав, косата често подобро емитува мирис одошто кожата. Сепак, внимавајте на процентот на алкохол во парфемот: ако е висок, може да ги оштети влакната!

Затоа најдобро е да употребувате парфеми специјално дизајнирани да се нанесуваат на косата или растворете малку парфем во шишенце со вода. На пазарот постојат и парфеми без алкохол, како маслените, кои се одлични за коса.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.