Мое тело – мое сликарско платно: Приказните што се кријат зад уникатните тетоважи

Ги рушиме табуата во убавината

Единаесет дами споделија со нас кои животни моменти (и зошто!) одлучиле да ги овековечат со тетоважа…

Даниела Ѓуровска, модна блогерка

„Кога имате ‘недостиг’ од еден родител во животот, го носите тоа како товар во вашата душа. Две од моите четири тетоважи му ги посветив нему, на мојот татко. За мене тоа не е само боја што засекогаш останува видлива на мојата кожа. На тој начин го пополнувам чувството на празнина кога и да погледнам во тетоважата. ‘A thousandmilesfrommyhome’ е првата реченица од една песна на Боб Дилан што татко ми ја напишал во мало кафено тефтерче и гордо ќе ја носам засекогаш како потпис на вечната љубов, која никогаш не умира.“

Симона Ристовска, фитнес-тренерка

„Мојата тетоважа е приказ на хороскопскиот знак лав, со сите негови елементи: триаголник, круг и сончоглед. Жените родени во знакот лав се вистински кралици, тие се силни и моќни заштитнички, а една од нив е и мојата мајка.“

Јулијана Трифуноска, педагог

„Отсекогаш ме фасцинирала природата на мачките, која ја идентификувам со природата на жената. Мојата тетоважа е еден вид истакнување на нејзината женственост преку мачката.“

Каролина Пандовска, фотографка

„Имам повеќе тетоважи, секоја со свое различно значење, но конкретно оваа е поврзана со мојот духовен развој. Во одреден период од животот почувствував потреба повеќе да се поврзам со природата и успеав да го сторам тоа. Уживам да ги фотографирам пејзажите што ме опкружуваат, но најмногу уживам кога ги впивам со сите мои сетила.“

Јована Нушкова, наставничка

„Мојата прва тетоважа настана по заминувањето на татко ми од овој свет и го носи неговото име – Стефан. Другите нејзини елементи имаат симболично значење и се поврзани со мене. Стрелката значи борец и го опишува мојот карактер, а пердувот значи слобода, бидејќи сакам секогаш да се чувствувам слободно.“

Вероника Царчева, графичка дизајнерка

„Безусловно прифаќање на самиот себеси. Вреднување и самопочит. Вредност што симболизира колку се прифаќаш онаков каков што си, а не каков што ти кажале да бидеш. Љубовта кон самиот себе не е себична, бидејќи никогаш не можеш вистински да сакаш некого, сè додека не се засакаш себеси.“

Ајнур Касо, професорка по англиски јазик и книжевност

„Во турската митологија месечината е симбол на чесноста, ведроста и смиреноста. За мене тетоважата претставува бунт против себе и вредностите што сум мислела дека ме дефинираат и преку неа можам одново да си ги воспоставам моите вредности. Убавата симетрија на тетоважата станува асиметричен детаљ на моето тело и секогаш ме потсетува да ја барам совршеноста во несовршеното секојдневие.“

Мелани Маџароска, правничка

„Оваа тетоважа има големо значење за мене. Посветена е на мојата најдрага личност и претставува симбол на истрајноста и тенденцијата од нечистотијата да произлезе нешто убаво и чисто. И од многуте лоши нешта, секогаш може да излезе нешто добро.“

Маја Ангеловска, финансиска консултантка

„’Не прашувај зошто’ – оваа тетоважа го симболизира моето сфаќање за љубовта. Љубовта не прашува зошто, туку говори од срцето. И никогаш не дава објаснувања. Љубовта не размислува двапати. Или се појавува одеднаш или шепоти од далечина.“

Ива Спасовска, модна дизајнерка

„Значењето на сите мои тетоважи е поврзано со мојата животна приказна, во која никогаш не се откажувам. Кога имам цел, нема простор за отстапки. Другото нивно значење е поврзано со мојата љубов кон самата себе, која ја развивав последниве три години благодарение на многу разни околности и многу сум среќна поради тоа.“

Ивана Спасовска, инструкторка по ритмичка гимнастика

„Тетоважата ја направив 6 месеци после загубата на мојот најдобар другар и на самата тетоважа со знакот на Супермен има мало Ф по неговото име.“

Подготвила: Марија Лукаревска

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.