Медицински педикир: Санирајте ја штетата што летото им ја нанесе на вашите стапала

Апостолките и сандалите со тенка потпетица или платформа може да предизвикаат плускавци, испукани петици, атлетско стапало… Нашиот план ќе ви помогне да ги санирате овие проблеми и да ги направите стапалата убави, меки и мазни.

Грижата за стапалата и санирањето на проблемите што се појавуваат на нив може да ги спроведувате и во домашни услови. Следете го нашиот едноставен, а истовремено и ефикасен план за нега на стапалата!

Подгответе ги стапалата

Наполнете голем леѓен со топла вода, па додајте лажиче сол. Спуштете ги стапалата во водата и оставете ги во неа петнаесетина минути.

Тоа ќе ви ги омекне кожата и ноктите и ќе ги подготви за следниот чекор – пилинг и сечење на ноктите. Извадете ги стапалата од леѓенот и исушете ги со крпа.

Избришете го секој прст темелно за да спречите развој на габички.

Исечете ги и исчистете ги ноктите

Сечете ги ноктите на нозете рамно – така ќе избегнете нивно враснување – а потоа нежно заоблете им ги рабовите во аглите со помош на стругалка за нокти.

Користете рамни ножички, затоа што обезбедуваат максимална контрола на движењата, особено при сечењето на малите нокти.

Важно е да се нови и остри, затоа што, во спротивно, може да дојде до пукање и раслојување на ноктите. Измазнете ги рабовите со нежна кристална стругалка, потоа нанесете масло за кутикули на врвот и околу секој нокт, па со помош на стапче, потиснете ја кожичката.

Не сечете ја, бидејќи тоа може да отвори пат за потенцијални инфекции. На крајот исечете ги заноктиците.

Само нежно и внимателно!

Бидете внимателни! Ако стругањето на стапалата е премногу агресивно, може да поттикне создавање плускавци, а постојните да ги направи уште поголеми и поболни.

Еднаш неделно истругајте ги стапалата со стругалка од не’рѓосувачки челик, бидејќи е поефикасна од синиот камен.

Ако ви се испукани петиците, стругајте ги во насока на пукнатините, никако во спротивната, бидејќи можно е да ги зголемите уште повеќе. На крајот нанесете хидратантен крем.

Решете ги проблемите

Летната сезона е поволна за развој на габичките на ноктите, како и за појава на плускавци и атлетско стапало.

Сите овие проблеми се јавуваат кога има премногу влага, односно кога стапалото ќе се испоти и ќе почне да се лизга во обувките.

Тоа триење предизвикува појава на плускавци, а обувките полни со пот се поволна почва за развој на бактерии и габи, кои може да доведат до појава на атлетско стапало.

Затоа се советува стерилизација на обувките по секое носење, а чевлите и стапалата можете да ги третирате и со спреј за неутрализирање на непријатната миризба на стапалата, кој ги елиминира бактериите и габичките и ги одржува стапалата свежи во текот на денот.

Генерално, настојувајте стапалата да ви бидат суви во текот на денот.

Додека се туширате, ставајте штитници на сите заразени нокти (доколку ги имате) и – пред да ги обуете обувките – убаво исушете ги стапалата.

За санирање на испуканите петици, користете крем со уреа.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images, Unsplash

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.