Маникир: Решенија на 5 најчести проблеми со ноктите

Старо сценарио: тенки, слаби и кршливи… ново сценарио: здрави и уредни нокти! Еве како да ја постигнете оваа замена на сценаријата.

ПРОБЛЕМ 1: Кршливи нокти

РЕШЕНИЕ: сушењето на ноктите придонесува да станат кршливи, а секојдневно нанесување квалитетно масло за нокти (препарат што содржи масло од јојоба или од авокадо), како и наменско средство за нивно зајакнување, може да помогне во голема мера.

Ноктите содржат 18% вода, а кога тоа количество ќе падне под 16% – што е честа појава во зимскиот период – тие стануваат лесно кршливи.

Значи, важно е да ја одржуваме нивната оптимална влажност – да консумираме големи количества вода и да го зголемиме внесувањето цинк, кој е исклучително важен за растот на ноктите. Богати природни извори се семки од тиква и леќа.

ПРОБЛЕМ 2: Ноктите се разлистуваат и лупат

РЕШЕНИЕ: направете мини-маникир на неделна основа: втријте малку масло во ноктот и околната кожа, а потоа истружете го работ на ноктите со нежна стругалка (оваа постапка е исто што и отсекување на испуканите врвови на косата!).

На овој начин, отсечениот дел на ноктот повторно ќе порасне.

Исто така, третман со кератин, со траење од две недели минимум, ќе осигури навлегување на хранливите состојки низ плочката на ноктот, условувајќи здрав раст.

Кога чистите во домот, секогаш носете заштитни ракавици, затоа што водата навлегува меѓу слоевите што се разлистуваат и ја влошува состојбата на ноктите.

Лакирајте ги ноктите, бидејќи дури и безбојниот лак може да ги заштити. Се разбира, не заборавајте да се храните здраво, бидејќи голем број студии докажаа дека недостигот од магнезиум во организмот предизвикува лупење и разлистување на ноктите.

Затоа, на вашето мени треба да има доволно спанаќ, блитва и мешунки.

ПРОБЛЕМ 3: Меки и тенки нокти

РЕШЕНИЕ: ако имате меки нокти, кои лесно се виткаат, зголемете го консумирањето витамин А (кој го има во зелен и портокалов зеленчук).

Исто така, земајте и витамин Д во форма на суплементи, затоа што го олеснува впивањето на калциумот, кој, пак, е исклучително важен за здрави и цврсти нокти.

Ако имате тенки нокти, малку можете да направите, бидејќи станува збор за природна условеност. Сепак, нанесување средство за зацврстување на ноктите би можело да помогне.

ПРОБЛЕМ 4: Нееднаква боја/депигментација на ноктите

РЕШЕНИЕ: ако овој проблем се појави без причина, најдобро е да се консултирате со дерматолог за да дознаете за што станува збор. Инфекцијата е само една причина за депигментација на ноктите.

Во случај да е последица на често нанесување лак за нокти, тогаш проблемот се манифестира на површината на ноктите, па доволно е нежно да ги истружете со соодветна стругалка/бафер.

Совет-плус: не потопувајте ги ноктите во лимонов сок, што често се препорачува, затоа што има негативно дејство врз нивната плочка.

ПРОБЛЕМ 5: Кожата околу ноктите е црвена и воспалена

РЕШЕНИЕ: заноктиците се честа неестетска, па дури и болна појава. Може да ги отстраните со остри ножички за нокти, но никако немојте да ги кинете!

Во случај кожата околу ноктите да е многу црвена, воспалена и да ве чеша, се лупи или ноктот се одвојува од подлогата – побарајте стручна помош од дерматолог.

Сите набројани симптоми може да бидат резултат на алергиска реакција на лакот за нокти или на некој друг препарат. Нанесувајте хранлив хидратантен крем на кожата околу ноктите, а кога извршувате домашни задачи, носете заштитни ракавици.

На тој начин спречете појава на секундарни инфекции.

У&З-ИЗБОР:

1. За зајакнување на меки и кршливи нокти: третман Strong Hardener, essence, 129 ден.

2. Хидра-систем: парафински крем за раце и тело со витамини А & E Depileve, 720 ден. (shop.depileve.mk)

3. Со АХА-киселини: крем за регенерација на заноктиците Avon, 290 ден.

4. Хромирани ножички: за сечење тврди нокти и заноктици Belfeet Crisnail, 1.190 ден. (shop.depileve.mk)

5. Стругалка во форма на полумесечина: за блескав финиш на маникирот, Crisnail, 200 ден. (shop.depileve.mk)

Текст: Н. Човиновска

Фото: Getty Images, Unsplash

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.