Каде грешиме во депилирањето?

Избегнете ги најчестите стапици!

Иако многумина од нас се депилираат, или се бричат, уште од основно училиште, долгогодишното искуство не е гаранција дека не правиме почетнички грешки. Ви претставуваме некои од најчестите депил-стапици и ви помагаме да ги избегнете

ГРЕШКА 1: Прескокнување на пилингот

Ексфолиација е најдобра превентива за враснати влакненца, без разлика на начинот на нивно отстранување. Доколку се борите со враснати влакна, направете пилинг со некое нежно средство од оваа категорија. За да ја спречите оваа непријатна појава, секој ден употребувајте лосион за тело со АХА-киселини.

Овие препарати го омекнуваат слојот мртви клетки, со што се спречува задржување на влакната под кожата. Ако враснатите влакненца ви се појавуваат по депилација со топол восок, втривајте АХА-лосион два дена пред и три дена по депилацијата.

ГРЕШКА 2: Правење гримаси при кубење на веѓите

Средувањето на веѓите не е миг да правите гримаси пред огледалото. Кревањето на веѓите ја нарушува нивната природна линија на раст и оневозможува нивно симетрично обликување. Најдобро е лицето да го опуштите најмногу што можете. Ако ви пречи болката предизвикана од корнењето, делот под веѓите истријте го со коцка мраз.

ГРЕШКА 3: Бричење рано наутро

Бричењето прикрај на утринското туширање ни заштедува време, но не дава рамномерни резултати. За време на ноќниот сон, нозете отекуваат, што значи дека одреден слој влакненца е вовлечен во кожата. Најдобро е да се бричите навечер.

ГРЕШКА 4: Депилација во топла купка

Престојот во топла купка исто така предизвикува отекување на нозете, па затоа бањањето и бричењето не треба да се изведуваат истовремено. Доколку сепак инсистирате на тоа, бричете се во првите 10 минути по влегување во кадата, бидејќи колку повеќе чекате, толку повеќе нозете ќе ви изгледаат како кактус кога ќе ги допрете!

ГРЕШКА 5: Избегнување крем/пена за бричење

Овој препарат има двојна улога: спречува иритација и овозможува отстранување на влакненцата поблиску до коренот. Кремот за бричење се нанесува спротивно од растот на влакната, така што тие се поткреваат и може полесно да се отстранат.

ГРЕШКА 6: Несоодветна заштита на кожата

Препаратите со акутан и со ретиноли дејствуваат само ако ги користите редовно. Сепак постои една важна причина да не ги применувате, а тоа е депилација со восок. Дерматолозите препорачуваат да се престане со употреба на козметички препарати на база на ретинол во деловите што се депилираат, една недела пред третманот.

Овие материи можат да ја омекнат кожата и да ја зголемат нејзината осетливост, поради што постои ризик заедно со влакненцата да се отстрани и слој од кожата.

ГРЕШКА 7: Чести депилации со восок

Поребата да се повтори депилацијата е сосема разбирлива. Сепак обидете се да се воздржите. Помеѓу две депилации со топол восок мора да поминат барем 4 недели за влакненцата да ја постигнат потребната должина. Правило е влакненцата на нозете и на препоните да бидат долги 6 мм, а подебелите влакна околу 1 см.

ГРЕШКА 8: Неправилна депилација во домот

Оваа постапка во козметички салон изгледа многу едноставно. Но ако се обидете да го направите тоа во домашни услови, постои една клучна работа што мора да ја имате на ум: кожата секогаш затегнете ја во спротивна насока. Ако не го направите тоа, последиците ќе бидат големи и болни подливи.

ГРЕШКА 9: Депилација со восок во „оние“ денови

Ако сакате да избегнете засилена болка, избегнувајте да се депилирате за време на менструација.

Хормонската нерамнотежа и зголемениот доток  на крв се само некои од промените за време на менструалниот циклус поради кои се снижува прагот на болка.

Речиси сите жени чувствуваат поголема непријатност при депилирање непосредно пред, за време и веднаш по менструација. Најдобро е да се депилирате на средина од циклусот.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.