Интимно здравје: Што се случува таму долу?

Бидете вити и здрави

Многу информации прочитавте за негата на косата и кожата. А што е со интимната зона? Дојде ред и на неа!

Сигурно сте запознаени со фактот дека природното производство на колаген, протеин задолжен за волуменот и цврстината на кожата, опаѓа со текот на годините.

Сепак, она што изненадува е фактот што губењето на колагенот се одразува и на вагината, правејќи ја помалку еластична.

Поради стареење на кожата и другите проблеми – како сувост, промена на бојата и зголемување на осетливоста – стануваат поизразени, особено во областа на бикини-зоната.

Како што старееме, нашиот организам произведува помалку естроген, а тој е за вагината она што е лосионот за лицето, велат уролозите. Без доволно количество естроген, вагината и вулвата стануваат суви. Еве што може да преземеме за да ги спречиме непријатностите во интимната зона.

ПРОБЛЕМ: Сувост

ЗОШТО СЕ ЈАВУВА? Постепеното опаѓање на естрогенот, кое се случува во 40-тите години, може да придонесе за сушење на вулвата и вагиналниот канал.

ШТО МОЖЕ ДА ПОМОГНЕ? Нека ви бидат при рака производи за навлажнување на нежната кожа на вулвата. Локалните третмани со естроген на рецепт – кремови, вагиналети или прстени – исто така помагаат во борбата против губењето на колагенот.

Кога се користат според упатството, формулите со естроген може да бидат ефикасно решение со минимален ризик, велат гинеколозите. Во случај на сувост и губење на еластичноста, се препорачува ласерско подмладување на вагината.

ПРОБЛЕМ: Губење на еластичноста

ЗОШТО СЕ ЈАВУВА? Иако сувоста на вагината е главен виновник за чувството на болка за време на сексуалниот чин, примарен причинител е вагиналната атрофија – состојба во која, поради загубата на колагенот, епителот на вагината се истенчува и станува крут и сув, вели Синди Баршоп, сопственичка на центар за интимно здравје во Њујорк.

ШТО МОЖЕ ДА ПОМОГНЕ? Хидратантни средства за сува вагина можат да помогнат во случај на губење на еластичноста и опуштање на кожата. Се покажа дека локален естроген, вагинален хидратантен крем и ласерски третмани го засилуваат производството на колаген во вагиналниот канал, а повеќе колаген осигурува растегливост и еластичност на кожата во тој дел.

ПРОБЛЕМ: Иритација

ЗОШТО СЕ ЈАВУВА? Стареењето на кожата плус неурамнотежена pH-вредност, предизвикана поради опаѓањето на естрогенот, може да предизвика осетливост на кожата на вагината, како и габични и бактериски инфекции.

ШТО МОЖЕ ДА ПОМОГНЕ? Избегнувајте ригорозни средства за миење на вагината, кои можат да ја нарушат рамнотежата меѓу добрите и лошите бактерии.

Ако сте склони на чести бактериски и габични инфекции, избегнувајте редовна примена на вагинални хидратантни кремови и масла што содржат глицерин, парабени, фталати или пропилен-гликол.

Маслото од кантарион има смирувачко, антибактериско и антимикробно дејство на кожата и слузокожата, додека, пак, пантенолот придонесува за брза регенерација на вагиналната слузокожа.

ФОТО: SORA SHIMAZAKI / PEXELS

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.