САЛОН ЗА УБАВИНА во домашни услови

Жените што се навикнати на професионални третмани за нега на кожата, поради стравот од инфекција со коронавирус се лишени од тоа задоволство. Од друга страна, многу дами не можат да си го дозволат тоа поради финансиски тешкотии. Сепак, салон за убавина може да се направи и во својот дом – во бањата или трпезаријата.

Ви ги претставуваме петте топ -процедури за убавина и здравје на кожата што лесно можете да ги правите во домашни услови.

Парафински пакувања

Кожата на женските раце е изложена на најголемо влијание на хемикалии (детергенти и средства за чистење), на недостиг од влага во организмот, на сончева светлина и ветер. Ако сте пресадувале цвеќиња или сте правеле генерално чистење, на вашите раце им е потребна итна помош. Наместо парафинска терапија во салон, предлагаме да направите парафинско пакување дома.

За тоа ќе ви треба парафин (се продава во секоја аптека), пилинг за кожа, хранлив крем, четка за нанесување парафин, најлонски ракавици за еднократна употреба, фротирска крпа или ракавици со еден прст.

Прво треба да се направи пилинг на рацете. Ако немате специјален пилинг за раце, користете пилинг што е за лице или за тело. Тријте ги рацете додека се исушат, а потоа намачкајте ги со крем. Растопете го парафинот на водена пареа, изладете го малку и внимателно нанесете го на рацете со четка.

Ставете ракавици, завиткајте ги рацете со во фротирска крпа (или ставете волнени ракавици со еден прст). Држете ги 20 минути, а потоа внимателно отстранете ја ракавицата заедно со парафинот. Ако има некој што ќе ви помогне, тогаш направете ја постапката на двете раце истовремено.

Ензимски пилинг

Длабинско чистење на кожата на лицето не се препорачува во домашни услови.

Но добра алтернатива е пилинг на база на ензими.

>>> Билните ферменти што влегуваат во составот на зрнестото и другото овошје одлично помагаат во борбата против комедоните (мали мозолчиња), прекумерниот сјај на мрсната кожа, воспалението на кожата, зголемените пори и пигментните дамки.

Папајата, мангото, ананасот, кивито и бананата содржат големо количество папаини, кои влегуваат во составот на многу популарни пилинзи.

Од плодот (сосе семките) направете кашичка и нанесете ја на кожата на лицето, па малку измасирајте го.

Оставете ја маската да дејствува од три до седум минути. Потоа измијте ја со топла вода. Можете да ја практикувате најмногу трипати неделно.

Вакуумска самомасажа

За зголемување на тонусот и подобрување на циркулацијата, во салоните се користат разни техники за масажа со апарати. За да се борите против целулитот дома, да го подобрите протокот на лимфата и да се ослободите од вишокот течност, ќе ви помогнат обични силиконски тегли (банки). Нанесете масло за масажа на телото, а потоа можете да ја започнете постапката – самомасажа.

„Залепете“ ја тегличката на проблематичната зона (се прави вакуум). Потоа полека поместувајте ја по кожата без да ја одлепувате од телото, важно е теглата да не стои на едно место. Постапката трае околу десет минути, а потоа можете да нанесете крем против целулит.

!Не се препорачува масирање на областите кај лимфните јазли, пазувите и внатрешните површини на бутовите. Оваа масажа е контраиндицирана и во случај на варикоза, тромбофлебитис, тумор.

Фото: Getty Images

Маска од алги

Ако редовно ставате маски од алги, целата природна моќ на кафените и црвените алги (тие содржат алгинат) ќе ви помогнат во борбата за затегната и еластична кожата на лицето. Ефектот е веднаш забележлив. Една лажица морски алги во прав прелејте со две-три лажици вода за да набабрат, додајте една-две капки етерично масло, по една капсула витамини А и Е и хијалуронска киселина.

Можете исто така да додадете малку брашно за густина. Со таквата маска, најдобро е да легнете и да се одморите, за да не истекува. По 30 минути, внимателно отстранете ја со влажен тупфер, исплакнете го лицето со ладна вода и уживајте во резултатот!

Облоги од лековита кал

Сакате ли да ги изненадите сите со вашата затегната фигура? Немојте да бидете мрзливи – направете лековити облоги од кал. Денес не е тешко да се набави лековита кал или специјални маски за тело што ја подобруваат циркулацијата, го зајакнуваат тонусот на кожата и ја поправаат нерамномерноста. Нанесете тенок слој кал на проблематичните зони и завиткајте ги со фолија.

Потоа завиткајте се во топло ќебе и легнете 20-30 минути. Исплакнете ја калта со топла вода, а потоа нанесете крем за тело.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.