Црвенилото не е секогаш одраз на срам

Малите капилари што потсетуваат на пајакова мрежа или купероза не исчезнуваат сами од себе, а постои можност да се рашират доколку не ги отстраните во почетна фаза. Повеќе на оваа тема дознавме во дерматолошката ординација

Црвени или модреникави телеангиектазии, кои потсетуваат на пајакова мрежа, се појавуваат од разни причини. Постојат повеќе видови аномалии на капиларите, од мали телеангиектазии до големи „огнени“ знаци. Некои капилари се присутни од раѓање, други се јавуваат како последица на стареење или под влијание на надворешната средина. Кај двата пола може да претставуваат знак вообичаен за процесот на стареење, но не се ретки ни кај младите, на пример, за време на бременоста или по породувањето, при земање контрацепциски пилули или други хормонски лекови, особено кортикостероиди. Често се појавуваат и со розацеа. Проширените капилари често не претставуваат здравствен проблем, но сепак се естетски проблем, кој може да ја наруши самодовербата. За жал, ни најдобрата шминка не може да ги скрие.

 ЗОШТО СЕ ПОЈАВУВААТ

Телеангиектазии се многу тенки капилари на површината на кожата, кои од разни причини можат трајно да се прошират и да станат видливи. Кај розацеата ги гледаме на лицето, но може да се појават и на други места, на пример на нозете. Многумина страдаат поради црвенилото на лицето (купероза, рубеоза), кое поради разни фактори (топла храна, жестоки пијалаци, јаки зачини, непријатност, телесна активност, промена на средината: топло-ладно) реагира бурно, поцрвенува и пече непријатно. Може да биде резултат на природно тенки ѕидови на капиларите: повреди поради претерано сончање, изложување на неповолни временски услови. До трајно проширени капилари може да дојде и при одредени заболувања (болести на кожата или системски заболувања). Телеангиектазии најчесто се среќаваат кај лица со светол тен и тенка кожа и кај лица со исклучително осетлива кожа.

„ШОКОВИ“ ШТО ЈА ВЛОШУВААТ СОСТОЈБАТА

Сончање (природно или во солариум), изложување на инфрацрвена светлина, работа во многу топли простории, чести посети на сауна, козметички третмани со пареа, миење на лицето наизменично со топла и ладна вода, облози со мраз… сето тоа може да предизвика дополнителни повреди на капиларите. Проблемите најмногу ги погодуваат лицата што живеат во екстремни временски услови, особено ако имаат светол тен и осетлива кожа.

Телеангиектазиите прво се забележуваат на образите, покрај носот, на брадата, ретко странично на лицето. Проблемот станува позабележлив кога ослабените ѕидови на капиларите почнуваат да се шират, стануваат нееластични и остануваат раширени.

Црвено обоените бенигни тумори на крвните садови, кожни хемангиоми, често се јавуваат кај новороденчињата, но, за среќа, 70 отсто од нив спонтано исчезнуваат до седмата година и затоа ретко се третираат со ласер. Во зрели години може да се појават т.н. „сенилни хемангиоми“. Тоа се црвени дамки со големина од неколку милиметри, јасно ограничени, може да бидат малку издигнати, полукружни, со виолетова нијанса.

Огнениот знак (nevus flammeus) е присутен уште од раѓање на детето, а како што расте – расте и тој знак и никогаш не исчезнува сам од себе.

КАКО МОЖЕ ДА ГИ ОТСТРАНИМЕ?

Класична електрокоагулација и слична, а посовремена, радиофреквентна коагулација.

Постапка при која со тенка игличка се боцка кожата на неколку места над проширениот капилар, за да му се доближиме, а потоа со помош на електрична или радиофреквентна енергија капиларот се коагулира. Методот е болен, по него кожата поцрвенува, отекува и се појавуваат крастички. Ако не се изведе правилно и дојде до инфекција, подоцна се појавуваат малу лузнички. Ако се изедува со нестерилни игли, можно е пренесување на инфективни заболувања (хепатитис Б, Ц, ХИВ…).

IPL-третман (интензивна пулсирачка светлина)

Овие апарати емитуваат интензивна светлина и почетен инфрацрвен спектар: светлина што се филтрира низ одредени филтри, а потоа се апсорбира во одредена насока (на пример во хемоглобинот во капиларите). Повеќето апарати истовремено дејствуваат и врз други хромофори (кожниот пигмент меланин). Поради слабата селективност, ефектот е послаб и потребни се повеќе третмани за отстранување на капиларите. Некои посовршени апарати (selective wavelenght technology SWT) имаат вградени филтри што спречуваат апсорпција на светлината во другите делови на пигментот, со исклучок на оние што сакаме да ги уништиме. Кај проширени капилари, светлината се апсорбира само во црвено-модрите пигменти во внатрешноста на капиларот, додека, пак, во меланинот апсорпцијата е значително помала.

Постапка при капиларна мрежа

Најчесто се користат пулсирачки „dye“ и KTP-ласер. И двата имаат краток пулс со одредена бранова должина (со зелена боја), кој се апсорбира во црвена боја – кога станува збор за проширени капилари, тоа се одвива во еритроцитите што содржат хемоглобин. За време на постапката се испушта топлотна енергија што ги уништува капиларите.

Ласер или друг високоенергетски извор на светлина е светлосен зрак со голема енергија. За време на постапката преку држачот на апаратот се пренесува силен сноп светлосни зраци на кожата и низ неа. Светлосната енергија доведува до терморегулација во раширениот капилар – со произведената топлина се уништуваат крвните елементи и васкуларниот ѕид. Една недела по постапката, телото едноставно го разградува уништениот капилар.

По ласерски или SWT-третман, кожата е црвена и отечена, но тоа поминува по неколку часа, најдоцна по неколку дена (доколку се уништени повеќе капилари). Постапката е ефикасна и не е опасна доколку се изведе стручно. Успехот на ласерското отстранување проширени капилари на лицето зависи од големината, односно дијаметарот и длабочината на капиларите, како и од локализираноста на лицето. Капиларите умеат да бидат доста „жилави“, па потребно е постапката да се повтори (обично два-три пати). Меѓу две постапки се прави пауза од 4 до 6 недели. Постапката е амбулантна и не е потребна анестезија.

ШТО МОЖЕТЕ ДА ОЧЕКУВАТЕ?

Успехот од лекувањето на капиларна мрежа со ласер или со друг високофреквентен извор на светлина зависи од бројот, големината и длабочината на проширените капилари. Повеќето пациенти би требало да направат најмалку два-три третмани за да ги отстранат телеангиектазиите или розацеите од лицето. Временското растојание меѓу два третмани изнесува 4-6 недели. За лекување сенилни хемангиоми обично е доволен еден третман, а најтешко се отстрануваат проширени капилари околу носот и на носот, на страничните делови од вратот, кои се последица на повеќегодишно изложување на сонце (интерфоликуларна еритроза – Civatte).

Изгледот по третманот зависи од индивидуалната осетливост на кожата на пациентот и од големината на третираната област. Нуспојавите се минимални. Може да дојде до црвенило, мала отеченост, помали крастички и слично. Сите промени се повлекуваат по неколку дена.

За поголем успех на постапката, многу е важно кожата да не ја изложуваме на сонце пред третманот и најмалку четири недели по него.

Подготвиле: Зала Грилц, Метка Адамич

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време