Од модел до шминкерка: Разговор за убавината со Моника Алексовска

Бидете убави и негувани

Моника ни ги откри своите тајни на убавината

Од модните писти се префрли зад сцената, и тоа во улога на шминкерка. Моника ни ги откри тајните на убавиот изглед…

 

Како го негуваш лицето?

За време на мојата осумгодишна работа како модел, моето лице претрпе многу шминка, па како резултат на тоа, често се иритираше, се сушеше и ми се појавуваа акни и други недостатоци. Во тој период најважно ми беше убаво да го исчистам лицето од сета шминка пред спиење, но денес, покрај тоа, практикувам уште неколку работи. Во последно време неколкупати на ден прскам кислород на лицето, користам мицеларна вода со природни состојки за длабинско чистење, како и хидратантен крем со алое вера. Кога ќе ми се појават мозолчиња, на тие делови нанесувам масло од чајно дрво, а гледам да пијам и многу вода.

Како почна да се занимаваш со шминкање?

Отсекогаш ме интересирало шминкањето, а пред повеќе од една година решив да завршам курс и потоа веднаш почнав со работа. Кога шминкам, најважно ми е на најдобар начин да ја истакнам убавината на секоја жена. Секогаш сум отворена во разговорот со клиентите, им оставам простор тие да си ја кажат својата замисла, но им давам и предлози за тоа каква шминка најдобро би им прилегала според цртите на лицето.

Која шминка ќе биде вистински тренд периодов?

Розово и свежо руменило, бронзер, ајлајнер во невообичаена боја, нежни нијанси на сенки за очи, како розова и виолетова, златни нијанси, црн ајлајнер за очи, волуменозни трепки, бордо и богато црвен кармин, природни веѓи, минимална шминка со свежа, здрава и хидрирана кожа, умерен хајлајтер. Имаме огромен избор, некои трендови треба да ги прифатиме, но не мора слепо да ги следиме.

Кои се најголемите грешки што ги прават младите девојки при шминкањето?

Најголемата грешка е претешката шминка на нивното младо и нежно лице. Со тешките и неквалитетни пудри и сенки предвреме го стареат лицето и го прикриваат младиот и свеж изглед наместо да уживаат во него. Доколку имаат проблеми со кожата на лицето, најдобро е да се обратат кај дерматолог, а не да нанесуваат еден тон пудра. За помладите, кои сега започнуваат со шминкањето, топло препорачувам негувана и хидрирана кожа, коректор на местата каде што е потребно, сјај или кармин за усни во понежна боја, средени веѓи и трепки.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.