Лила Филиповска: „Сè што правам – правам умерено и не претерувам во ништо!“

Тајната на нејзината убавина

Фото: Принтскрин Инстаграм

Нашата најпозната водителка Лила Филиповска е лице што сите го познаваат. Нејзината популарност не е врзана само за ТВ-екраните, земајќи предвид дека има огромен број следбеници и на социјалните мрежи. А поради долготрајноста на нејзиниот младешки изглед, со неа разговаравме на кој начин се негува и кои се нејзините мали „тајни“ за разубавување.

На што се должи твојот младешки изглед?

Првенствено на мојот младешки дух, затоа што очигледно е вистинита изреката дека како се чувствуваш, така и изгледаш. На второ место се гените, а на трето мојот начин на живот, кој го практикувам со години – редовен и долгочасовен сон, секојдневје без цигари и алкохол, умерена исхрана и физичка активност. Совршената формула за мене е сè што правам, да правам умерено и да не претерувам во ништо.

 

 

View this post on Instagram

 

This day was completely crazy… But, the night is still young 👻 #night #life #lifestyle #love #fashionpost #lovemylife

A post shared by Lila (@lilafilipovska) on


Дали твојата кожа на лицето појавува знаци на „страдање“ од професионалната шминка што ја носиш за време на повеќечасовните снимања на твојата емисија?

Можам да кажам дека сум ѝ благодарна на природата што ми подарила кожа каква што е мојата. По сите овие години работа, моето лице одлично „се држи“. Сепак, никогаш не ми се случило да легнам со шминка на лицето, во исклучително лесни случаи ми се има случено со сценска шминка да продолжам во град или на некој приватен настан, па и тогаш сум ја коригирала – сум вадела вештачки трепки, на пример, или сум го отстранила дебелиот слој на пудра што вообичаено го нанесуваме за снимањата. Мојата секојдневна шминка драстично се разликува од професионална. А во домашна атмосфера или кога сум на одмор, го одморам лицето од секаква шминка.

Ја спомена домашната атмосфера, па дали би ни ја открила твојата дневна рутина за нега на лицето и на телото?

Отсекогаш сум велела дека препаративната козметика е многу поважна од декоративната, односно, за мене е многу поважно да одвојам повеќе време и средства за квалитетни производи за нега отколку за шминка. Јас веќе 20 и кусур години го почитувам своето тело. По снимањата и настапите, секогаш брзам дома за да се ослободам од високите потпетици, тесните тоалети и од тешката шминка, да се истуширам и „изнегувам“ и да се одморам – тоа е мојата рутина од која не отстапувам. Дома имам завидна колекција на производи за нега, последниве години на природна база. Вљубеник сум во кокосовото млеко и во аргановото масло.

Како ја негуваш косата во домашни услови?

Колку што се грижам за лицето, толку се грижам и за косата, затоа што и таа е дефинитивно изложена на голем број агресори од надворешната средина. Она што ми е најважно е косата секогаш да ми биде чиста. Дури и кога ја носам врзана, настојувам да биде измиена. Ја негувам со шампон Revalid, маски и пакувања што содржат арганово масло и резултатите се јасно забележливи. Задолжително пред секое термичко третирање на косата – со фен, фигаро или преса – нанесувам препарат за заштита на влакното од висока температура. Тврдам дека, доколку не го правев тоа, одамна ќе останев без коса.

 


Дали се плашиш од годините?

На моменти се прашувам кога поминаа годините, но веднаш сфаќам дека всушност и не поминаа. Јас се чувствувам исто како и пред минимум десет години. А многумина ми велат дека така и изгледам, некои дури и подобро. Всушност, јас и не би сакала да се вратам во 20-тите години од животот, затоа што најубавиот период ми почна по 30-та година. Сметам дека по 35-та година созреав духовно и навистина почнав животот да го живеам со полни гради. Исчезнаа голем број недоумици, стравови, прашалници, сè ми стана некако појасно. Сега не би рекла дека се плашам од годините, јас секоја нова година ја прегрнувам со широко раширени раце.

Според тебе, која жена е убава?

Убава жена е реализирана жена, жена што го живее својот сон. Најважно за секој човек е да ги оствари своите цели или барем активно да работи на нивно остварување. Тоа е движечката сила што нè влече напред, а кога ги вкусуваш плодовите од својот труд, тогаш чувствуваш голема среќа и задоволство и токму тоа е она што нè прави среќни. Среќната жена е секогаш насмеана, а насмевката е таа што сите нè разубавува.

Разговарала: Ј. Стојменовиќ

Фото: Инстаграм @lilafilipovska

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.