Летна шминка: Посебен акцент на лицето – висок сјај

Високиот сјај е есенцијата на летната шминка, а толку ви е блиску, само на пет чекори…

ЧЕКОР 1: Негата пред сè!

Во почетокот најважно е да не го заборавите типот на вашата кожа. Доколку е мрсна, употребете прајмер или тонер за контрола на продукцијата на себум (наш предлог: дневен крем Normaderm Phytosol, Vichy, 1.310 ден.).

Нанесете го на сува кожа со тапкање со памучен тупфер. За постигнување свеж изглед, користете производи што ја рефлектираат светлината, а не ја мрсат кожата. Од друга страна, ако кожата ви е сува, примената на седефести препарати ќе резултира со невоедначена текстура. Во тој случај, прво нанесете квалитетна подлога, како што е серум со хијалурноска киселина (наш предлог: дневен бустер за силна и полна кожа Minéral 89 Vichy, 1.204 ден.), или лесен гел-крем, кој совршено ја хидрира кожата, а брзо се впива во неа.

ЧЕКОР 2: Прв слој на сјај

Блескав изглед може да се постигне со примена на два производа од категоријата на хајлајтери. Во оваа фаза, нанесете го првиот, седефестиот хајлајтер (наш предлог: Healthy Mix Glow Primer Bourjois, 1.115 ден.), кој е всушност основа за нанесување на течната пудра, тонираниот или ББ-крем на површината на кожата на лицето, дури и да сте употребиле прајмер што ја впива маснотијата во претходниот чекор.

ЧЕКОР 3: Интензивирајте го резултатот!

Нанесете ја подлогата за шминка. Потоа додајте малку руменило на јаболчиците и размачкајте го дијагонално – кон слепоочниците. Топлите тонови, како кајсија и праска, ќе го истакнат сјајот на кожата. Кожата побрзо ќе ја впие течната пудра, а изгледот ќе биде поприроден на светлина. Но доколку имате мрсна кожа, подобра опција се производи во прав, затоа што подолго време се задржуваат на кожата.

ЧЕКОР 4: Време е за другиот хајлајтер

Хајлајтерите со златен или бронзен тон се достапни во вид на прав или крем, а содржат и седефести честички. Меѓутоа, за разлика од претходните генерации вакви производи, новите хајлајтери не креираат интензивен светкав ефект, туку многу посуптилен сјај. На тој начин нивната примена придонесува за многу поприроден изглед.

Крупните честички на минерали или седеф може визуелно да ги зголемат порите и брчките. Но новите хајлајтери содржат ситни честички. Овие формули се идеални за прекуден, а хајлајтерите во прав – за вечерни излегувања и за Инстаграм!

ЧЕКОР 5: Природна завршница

Втријте го вториот хајлајтер на истакнатите делови – јаболчиците, лакот на веѓите, по должината на носот, над линијата на горната усна, како и на врвот на брадата. Така ќе ги истакнете коските на своето лице. Ако користите хајлајтер само на еден дел, на пример на јаболчиците, тоа ќе резултира со неприроден изглед.

Ставете малку хајлајтер на врвот на прстот и нанесете го на деловите што сакате да ги нагласите. Така нема да ја нарушите преостанатата шминка. Од истата причина, пудрата во прав нанесувајте ја со широка четка, затоа што не собира премногу прав на влакната.

Целата шминка заокружете ја со кармин во боја на праска на усните.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images, PR

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.