Златни совети за нега на косата: Применете ги!

Еве што велат експертите

„Од радост косата се витка, а од тага се крши“, вели рускиот народ. И тоа е вистина: стресот може многу да му наштети на организмот, а како последица на тоа може да настрада и косата… Но, колку и да имате години, добро е да знаете како правилно да ја негувате косата и да ја одржите здрава и убава. За тоа зборува дерматологот Светлана Кокоева.

Кои прехранбени производи придонесуваат за зачувување на здравјето и убавината на косата?

Правилната исхрана за убавина на косата мора да вклучува: живинско месо, соја, мешунки, јаткасти плодови и билни масла, богати со незаситени масни киселини (ленено, конопово, маслиново, сончогледово, пченкарно), интегрален леб, листен зеленчук. Корисни се и гравот, брокулите, жолчките, црниот дроб, бубрезите, рибјата икра, квасецот.

> Доколку имате сува кожа, потребно е во мениото да вклучите уште и производи што содржат сулфур и бакар: лигњи, козици, краставици, тиквички, зелка, жолчки, лук и кромид.

Сулфурот се применува и надворешно – во облик на масти, како и во состав на тинктури против првут.

За убавината на косата се важни и витамините А, Е, Д, Ц и од Б-група. Има смисла повремено да земате витамински комплекси, особено зиме и рано напролет, кога нашата храна е сиромашна со витамини.

Како правилно да ги користиме шампоните, маските и балсамите за коса?

Потребно е шампон да нанесувате еднаш-двапати во текот на миењето: првиот пат добро втријте го, а потоа темелно исплакнете го. Доколку претходно сте ставале на косата маслена маска, нанесете шампон двапати. Ако не е во прашање медицински шампон, не треба долго да го држите на косата, а медицинскиот применувајте го по упатството.

Во текот на едно миење не треба да нанесувате и маска и балсам. Во случај косата да ви е мрсна, се препорачува балсамот да го ставите што подалеку од коренот на косата. Ако имате сува коса, балсамот нанесете го и на коренот, држете го една-две минути, а потоа добро исплакнете го.

Како средства за плакнење по миењето на косата многу се делотворни одвари од коприва, камилица и ајдучка трева, кои на косата ѝ даваат сјај, мазност и свиленкаста текстура. Тоа е добитна комбинација. Патем, за разлика од балсамот, одварите од тревки не треба да се плакнат со вода.

Кога станува збор за маските, доволно е да ги ставате еднаш неделно, притоа подобро е да користите природни – билни масла, јајца, мед итн.

Кои се специфичностите на нега на бојадисана коса?

За бојадисаната коса се препорачуваат специјални шампони и балсами.

>Бојадисаната коса секогаш е сува и затоа е потребно да се негува. За исхранување се советува хранливата маска да ја нанесувате по должината на целото влакно, но и на коренот, за да ја обновите нејзината структура.

Покрај тоа, при редовно користење лакови, гелови и спрејови, косата се суши. Затоа повремено дозволете ѝ на косата да се одмори од овие средства или, пак, редовно ставајте хидратантни и хранливи маски за коса.

Многу е добро и некое време косата да ја миете само со жолчка, која ја подобрува нејзината структура. Исто така корисно е и ‘ржен леб да оставите да отстои во ладна вода, да го втриете во темето, а потоа да го измиете. Така ќе ја нахраните косата со витамини од Б-групата.

За да не се суши косата, почесто чешлајте ја: околу четириесет пати додека седите пред телевизор, на пример. Не само што притоа се масира кожата на главата туку и маста што ја лачи кожата рамномерно се распоредува по косата. Оваа маст е добра храна, која ѝ недостига на бојадисаната коса, а која со текот на годините сѐ повеќе се троши.

Треба ли да употребуваме средства за нега на косата од иста линија?

Не е задолжително шампонот, регенераторот, маската и бојата за коса да бидат од ист производител. Важно е да ви одговара секое средство што го користите.

Наш предлог: InSight линија за нега на бојадисана коса (depileve.mk)

Извор: Руски доктор

Фото: Pixabay, Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.