СОС! Косата ми опаѓа!

Одговара Ала Борисовна Киршења, лекарка и фитотерапевтка

Ако шампони и витамини не ви помагаат, обрнете внимание на внатрешните органи, бидејќи тие често преку косата укажуваат на проблем. Покрај адекватната терапија применете и некои од народните рецепти

„Дерматологот ми дијагностицира мрсна себореја, ми пропиша витамини, шампон, препарат на база на катран, антимикробна и антиалергиска маст, пивски квасец со цинк. Ништо не помага! Косата и понатаму ми паѓа, а себорејата не поминува. Може ли ова да се запре?“, прашува Даниела од Битола.

Невозможно е непријатните симптоми на мрсната себореја да ги отстраните само со помош на витамини, пивски квасец и препарати за коса.

Проблемот е подлабок: заболувања на внатрешните органи (патолошки состојби на штитната жлезда, хормонски дисбаланс, проблеми со гастроинтестиналниот тракт, инфективни и онколошки болести), како и долготраен стрес и напнатост.

Затоа, пред сѐ, потребно е да направите испитување, бидејќи на основа на резултатите лекарот ќе ви пропише медикаментозна терапија. Како дополнување на тоа можете да користите народни средства. Еве некои од нив.

Сок од чичка. Свеж корен од чичка измијте со ладна вода, изрендајте го и исцедете го сокот. Измешајте го со вода во сооднос 1 : 1, па втривајте го во кожата на главата два-три пати неделно.

Кромид, рицинус и жолчка. Исцедете сок од главица кромид со средна големина, додајте исто толку рицинусово масло и жолчка. Смесата втријте ја во кожата на главата еден час пред миење. Ставете капче или ќеса, а одозгора сето тоа замотајте го со фротирска крпа. Практикувајте го ова еднаш неделно во текот на еден месец.

Одвар од коприва. Помешајте две лажици иситнети суви листови од коприва со исто толку нејзино семе, прелејте со половина литар зовриена вода и оставете на водена пареа да се вари 15 минути. Оладете го одварот, па со него исплакнете ја косата откако ќе ја измиете добро – одварот втривајте го во кожата на главата. Процедурата повторувајте ја два-три пати неделно.

! При користење средства против паѓање на косата не треба да се мие косата со сапун, бидејќи тој го уништува заштитниот слој на кожата. Од шампони, избирајте детски.

Направете домашен шампон: измешајте жолчка, половина лажиче мед, четири-пет капки маслиново масло и десет капки лимонов сок. Матете додека се создаде пена, па додајте лажиче овесни снегулки. Со нежни масажни движења нанесете ја смесата на косата и на кожата на главата, држете ја десет минути, па измијте ја со топла вода.

За боење на проблематичната коса користете природни бои: кана, басма, куркума, дабова кора, лушпа од кромид.

Дабова кора. Четири лажици дабова кора прелејте со половина литар зовриена вода и тоа поклопено варете го на тивок оган 20 минути. Оладете го, па исцедете го. Нанесете го одварот на косата, разделувајќи ја, држете го два часа, а потом измијте го.

Лушпа од кромид. Триста грама сува суровина варете во литар зовриена вода еден час. Нанесете ја на косата, држете ја еден час, па измијте ја.

Текст: Ала Борисовна Киршења, лекарка и фитотерапевтка

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.