ИМАТЕ ПРОБЛЕМ? Стоп за опаѓањето на косата по корона!

Фото: Getty Images

Според податоците од Кина, повеќе од 25% од пациентите што се третирани од ковид-19 во болница забележале прекумерно опаѓање на косата шест месеци по прележаната болест. Покрај регулирањето на нивото на железо и витамин Б, постојат уште неколку важни правила што ќе ви ги вратат густината и квалитетот на косата.

Проблемот со губењето на косата по коронавирусот стана една од најчестите причини за посета на ендокринолог. Постојат теории што објаснуваат зошто ја губиме косата по прележување на ковид-19:

* Кога вирусот ќе влезе во телото, сите ресурси се насочуваат да се борат против него, што може да ги занемари „помалку важните“ процеси (исхраната на скалпот, квалитетот на косата…).

* Вирусот со себе носи не само ризик од згрутчување на крвта туку и ја нарушува исхраната на ткивата, што може негативно да влијае на растот на косата.

* Секоја болест, вклучувајќи ја и инфекцијата со коронавирус, предизвикува недостиг од одредени витамини и елементи. Недостигот од железо и витамините Б е особено опасен.

* За време на корона никако не може да се исклучи ефектот на стрес. Во овој случај стресот не е поврзан само со болеста туку и со целата ситуација поврзана со пандемијата.

* Опаѓањето на косата може да се гледа и како несакано дејство од долготрајната употреба на лекови како што се одредени антибиотици и кортикостероиди – настанува интоксикација на целиот организам и се нарушуваат основните метаболички процеси.

ШТО ДА СЕ ПРЕЗЕМЕ

Ако сакате да ѝ помогнете на вашата коса да заздрави од сериозна вирусна болест, тогаш ви препорачуваме да го промените вашиот начин на живот.

* Променете ја исхраната

Прво, важно е да се „претресе“ исхраната и да се состави балансирано здраво мени. За да подготвите рационално мени, прво мора да го одредите дневното внесување калории. Според количеството на калории, направете мени што вклучува намирници богати со железо, витамини Б и Д, цинк, протеини и есенцијални масни киселини.

Не заборавајте да ги исфрлите од исхраната солената, мрсната, пржената, брзата храна и газираните пијалаци, како и индустриските шеќери. Внесувајте непреработени производи чие потекло го знаете.

* Имунитетот горе, стресот долу

Второ, почнете да го зајакнувате имунитетот и обидете се да ги ограничите стресот и негативните емоции. Работата и животот под стрес играат клучна улога во борбата против опаѓањето на косата. Кога го намалувате нивото на стрес, телото ја регулира хормоналната нерамнотежа. Спорт, јога, прошетки на отворено и здрав сон во континуитет ќе ви помогнат да се справите со оваа задача. Многу е важно да си легнете пред 23 часот навечер и да спиете следните осум часа. Имено, во тоа време се произведуваат посебни хормони чија цел е обновување на имунитетот.

* Правилна нега на косата

Третото правило е нежно обликување на косата и правилна нега. Користете мек чешел за чешлање на косата. Не кинете ги прамените и полека чешлајте ги. Особено внимателно чешлајте ја влажната коса, бидејќи е многу кршлива. Мијте ја косата најмногу трипати неделно, и тоа само со нежни шампони, без сулфати и парабени, а по миењето нанесувајте хранливи маски. Барем неколку месеци престанете со агресивни хемиски процедури, како што се извлекување прамени, белење, минивал, често боење итн., бидејќи тие само ќе ја влошат состојбата на косата и ќе придонесат за нејзино губење. Не заборавајте да ја навлажнувате и негувате косата. Хидратантните средства ја обновуваат и негуваат оштетената коса и спречуваат понатамошно оштетување. Тоа може да бидат домашни маски или купени хидратантни препарати.

* Масирајте ја главата

Масажата на главата, доколку се прави редовно, придонесува за подобрување на циркулацијата на крвта и хранливите материи. Опаѓањето на косата значително се намалува доколку кожата се збогатува со хранливи материи за време на масажата на главата. Затоа, пред масажата, капнете неколку капки рицинусово или бадемово масло на рацете и правете кружни движења со рацете, минимално притискајќи ја кожата. Оваа едноставна масажа совршено го стимулира растот на косата.

* Време е за потстрижување

Ако сте уморни од опаѓање на косата, обидете се да ја скратите косата. Кратката фризура ќе го прикрие оштетувањето на косата. Исто така, колку е пократко и полесно влакното, толку е полесно да се задржи на главата. Новата, млада коса брзо ќе го скрие недостигот од густина и ќе ѝ даде на фризурата атрактивен изглед. Ако кратка фризура не ви одговара, тогаш има смисла да размислите за брановидна коса. Имено, кадравата коса изгледа побујно, додека правата ги нагласува недостатоците. Но избегнувајте да користите пегли и преси за виткање. Тоа може да го постигнете со самолепливи виткачи или со меки папилоти.

* Колаген и пантенол

Витамините, минералите и колагенот дефинитивно можат да ѝ помогнат на косата. Колагенот ги храни влакната однатре и ја намалува можноста за нивно опаѓање. Од витамините, корисни се биотин (Б7), витамин Ц, витамин Е, железо и цинк. Овие додатоци во исхраната немаат многу контраиндикации, но подобро е да се консултирате со лекар пред да ги земете. Пантенолот е исклучително корисна состојка за косата, затоа погледнете ги етикетите и изберете производи што го содржат или нанесете го независно од тоа (прашајте го вашиот аптекар).

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.