Домашна аптека за бојадисана коса

ВНИМАНИЕ! Бојадисаната коса не сака сушење со топол воздух, затоа користете фен само во краен случај

На сите жени што сакаат да ја менуваат бојата на косата им откриваме како да ги зачуваат влакната здрави со наједноставни и евтини препарати

Многумина со право сметаат дека убавата фризура и негуваните нокти се одраз на женската нега и убавина. Меѓутоа, и покрај најдобрите третмани, главниот проблем по долгогодишно бојосување на косата е тоа што бојадисаната коса, за жал, може да биде уништена. Силните алкални концентрации што ги нанесуваме невозможно е да се измијат од главата и од косата доста долго потоа и затоа е исклучително важно веднаш по бојадисувањето на косата да почнете со соодветни лековити третмани.

Најдоброто го нуди природата, па послушајте ги советите на нашата козметичарка и за малку пари во својот дом дозволете си себеси професионална нега на скалпот и на косата, која се базира на руски народни лекови.

СПРЕЧУВА ОПАЃАЊЕ

Ситно исечкајте половина црвено луто пиперче (чили) и прелејте со половина чаша вотка или ракија. Оставете го на суво ладно место не помалку од седум до десет дена, па исцедете го. Земете 1/8 од добиеното количество од тинктурата и разблажете со 10 такви делови топла, претходно зовриена вода. Тинктурата втријте ја во коренот на главата, а по неколку минути измијте ја. Немојте да го спроведувате овој третман почесто од два- трипати неделно.

СТИМУЛИРА РАСТЕЊЕ

Земете два јајца (доколку косата ви е долга, ќе ви бидат потребни три- четири), одвојте ги белките од жолчките и внимателно пенесто изматете ги само жолчките. Додајте едно до две лажичиња сок од лимон. Нанесете ја пената само на влажна коса. Втривајте ја смесата со кружни движења по целата кожа на главата во траење од пет минути. По масажата измијте ја со топла вода.

ЗА МЕКА И СВИЛЕНКАСТА КОСА

Втривајте во кожата на главата масло од чичка еднаш неделно.

ЈА ХРАНИ КОСАТА СО ВИТАМИНИ

Измешајте по едно лажиче иситнети листови од жалфија, тегавец, коприва, оригано, цветови од руса. Прелејте ја мешавината со шолја врела вода, оставете да отстои еден час, па исцедете. Во чајот додајте 300 г издробен прав црн леб и сето тоа добро измешајте го. Втријте ја топлата смеса во кожата на главата, замотајте ја косата во крпа и држете ја маската час и пол до два. Потоа измијте ја косата со топла вода.

ГО ЗАЈАКНУВА СКАЛПОТ

Земете кефир стар три-четири дена и, пред да ја измиете косата, исцедете ја отстоената сурутка, а густата маса внимателно втријте ја во коренот на косата. Замотајте ја главата во крпа и држете ја маската не пократко од еден час, потоа измијте ја со топла вода. Процедурата практикувајте ја еднаш- двапати неделно.

БАЛСАМ ЗА КОСА БЕЗ СЈАЈ

Исцедете сок од еден лимон и разблажете го со топла зовриена вода така што водата ќе биде многу кисела. Нанесете го на измиена коса, не морате да го плакнете. Другиот начин е да растворите две супени лажици јаболков оцет во литар топла вода. Нанесете го на измиена влажна коса, па измијте го по десетина минути.

КОРИСНА МАСАЖА НА ГЛАВАТА

Многу благотворна за косата и за кожата на главата е масажата на главата, која би требало да се спроведува секојдневно и да трае од пет до десет минути. За масажата можете да користите разни средства: кремови, балсами, гелови. Исто така, масирајте ја кожата на главата и во текот на миењето на косата кога ќе ја нанесете маската (како што го прават тоа во фризерските салони). Масажата треба да биде интензивна, но движењата не треба да бидат премногу груби. Особено треба да се биде внимателен ако бојадисаната коса е многу оштетена или случајно има некакви оштетувања на кожата на главата. Со прстите притискајте ја кожата на главата, посебен акцент ставете на тилот и на темето, стимулирајќи ги нервните завршетоци (како некаков вид акупресура).

Текст: козметичарка Рената Бардина

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.