КОРИСНО: Измијте ја косата со пиво! Да, добро прочитавте!

Плус: маски против ќелавост

Активните состојки на пивото ги обновуваат оштетените влакна и ја зајакнуваат нивната структура, се борат против првутот, ја прават косата послушна, силна и сјајна.

Љубителите на природната убавина знаат дека пивото е одличен производ за нега на косата. Уште во старо време убавиците ја миеле косата со пиво, а во многу земји тоа го прават и денес.

Едноставно во вашиот обичен шампон додајте пиво или измиената коса исплакнете ја со пиво, а можете да пробате уште поинтересни рецепти – со комбинирање на пивото со други здрави производи побрзо ќе постигнете резултати. За нега на косата најдобро е нефилтрирано темно пиво, но на девојките со светла коса не им се препорачува да го користат.

За да ѝ дадете сјај на косата, загрејте половина литар пиво и, откако ќе ја измиете косата со шампон, топлиот пијалак нанесете го на неа. Втријте го во коренот на косата, оставете да дејствува десет минути, а потоа исплакнете ја косата со топла вода.

Загрејте чаша пиво и измешајте го со лажица маслиново масло. Намачкајте по целата должина на косата и оставете да отстои 30 минути. Маската со пиво ќе ви овозможи во домашни услови да го решите проблемот со расцепените врвови и добро да ја хидрирате сувата коса.

Во половина чаша пиво додајте жолчка и добро изматете за да добиете хомогена маса. Нанесете ја на главата и втријте ја во кожата. По половина час, измијте ја маската со топла вода.

Маска за подобар раст на косата: Две лажици суви коприви прелејте со шолја врела вода и држете го тоа на пареа 20 минути, а потоа изладете го и процедете го. Измешајте ја одварот со половина чаша пиво и додајте едно лажиче сенф. Смесата втријте ја во коренот на косата, па завиткајте ја главата со кеса и крпа. Држете ја околу еден час и потоа измијте ја.

Хранлива маска за јакнење на косата: Во половина литар загреано пиво потопете 100 г ‘ржан двопек и оставете да отстои три часа. Добиената каша нанесете ја на измиена коса и покријте ја прво со кеса, а потоа со крпа. По 45 минути измијте ја косата со топла вода и јаболков оцет.

* Маска против опаѓање на косата и ќелавост: Измешајте по една лажица од корен од чичка и иџирот, две лажици сува коприва, едно лажиче зелен чај, додајте едно лажиче масло од репка и 20 капки тинктура од лута пиперка. Сето тоа прелејте го со шолја врело (но не превриено) пиво и внимателно мешајте пет минути. Потоа во смесата додајте три-четири лажици ‘ржани трици, за да се згусне маската, и оставете ја да отстои еден час. Тогаш смесата ќе стане доволно густа и погодна за нанесување.

Нанесете ја смесата на сув скалп и коса, завиткајте се во алуминиумска фолија, ставете крпа преку тоа и држете ја 30-40 минути, додека се излади. Се препорачува нанесување на маската еднаш-двапати неделно, а ефектот е забележлив уште по првото нанесување.

Текст: Б. Стојменовиќ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.