Разговор со фитнес-експерт: Кои се придобивките од вежбањето HIIT кардио?

Бидете вити и здрави

Разговаравме со Димитар Мишев (@dime.mishev), сопственик на танцовиот и фитнес-клуб „Сонриса“ (@tancovfitnesklubsonrisa)

Познато е дека кардиотренинзите се најефикасни за согорување калории, но ако ви здодеа постојаното трчање или ви треба нов предизвик, пробајте HIIT кардио! Станува збор за интервален тренинг, со висок интензитет, кој нема да ви одземе многу време, а ќе ви помогне да ги постигнете посакуваните резултати.

„Кога зборуваме за интервален тренинг, мислиме на претходно осмислен тренинг, при кој точно се знае кога се вежба, а кога се одмора. Најчесто користиме ‘табата-тајмер’ за интервалниот тренинг. Тренингот со висок интензитет подразбира вложување максимален напор во интервалот за вежбање, без разлика дали правиме полесни или потешки вежби“, ни појасни фитнес-инструкторот Димитар Мишев.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dimitar Mishev (@dime.mishev)


Вежбите се приспособуваат во зависност од физичката подготвеност на вежбачот, а еве што друго треба да знаете за овој тип тренинзи…

Може ли да се изгради мускулна маса со HIIT?

Димитар ни откри дека овој тип тренинг претежно е наменет за согорување калории и топење масти: „Може да се изгради мускулна маса ако соодветно се комбинираат вежбите, најчесто тие што се за нозе. Но други типови тренинзи многу полесно градат мускулна маса.“

Сигурно ќе ви се допадне тоа што еден интервален тренинг со висок интензитет не треба да трае повеќе од 15 до 25 минути и доволно е да се практикува 3-5 неделно, што значи дека изговорот „немам време“ не важи во овој случај. Па, кои се придобивките од редовното вежбање HIIT кардио? „Редовното вежбање HIIT, особено наутро на празен стомак, значително го забрзува метаболизмот, согорува калории и топи масти. Исто така, се лачат хормони како естроген, ХГХ, тестостерон, ирисин и други, кои имаат голема улога во секојдневното психофизичко расположение. Освен тоа, ја подобрува работата на срцето и крвниот притисок“, порачува Димитар, а ние ве охрабруваме да пробате!

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dimitar Mishev (@dime.mishev)

Вежбајте со насмевка!

Димитар ни даде предлог за три вежби HIIT што несомнено ќе ви го подобрат расположението, а можете да ги испробате и дома!

1. Jumping Jacks

Оваа вежба се изведува со скокање до позиција на широко раширени нозе, додека рацете одат над главата, а потоа се враќате во положба на споени стапала, со рацете покрај телото.

2. Burpees

Застанете исправено, со стапалата во ширина на рамениците и со рацете покрај телото. Скокнете и застанете во положба на клекнување, држејќи го грбот неутрален. Ставете ги рацете на подот, истегнувајќи ги право надолу. Клоцнете ги стапалата наназад, за да бидете во положба на висок „планк“. Спуштете го телото на подот, држејќи ги рацете на место или направете склек. Додека го подигнувате телото, клоцнете ги стапалата нанапред за да се вратите во положба на клекнување. Скокнете нагоре и вратете се во почетната позиција.

3. Jumping Squats

Застанете со стапалата во ширина на рамениците и со прстите малку свртени нанадвор. Свиткајте ги колената, притискајќи ги колковите наназад, како да сакате да седнете на стол. Туркајќи од петиците, скокнете право нагоре. Слетајте со нежно свиткани колена и вратете се во положба на клекнување.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, Oleksii Bulgakov/jacoblund/iStock via GETTY IMAGES

Фитнес-совети од Емилија Колоска: Кои се најдобрите вежби за обликување на струкот?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.