Како да го засакате вежбањето? Вака!

Фото: Unsplash

Најдобра стратегија е тренинзите да не ги доживувате како обврска туку како задоволство

Обидете се да размислувате за фитнес-рутината како за пријателот што секогаш сакате да ви биде блиску. Физичката активност треба да ги подига, покрај физичката кондиција, и нивото на расположението и мотивацијата да истраете во тренинзите.

Кога ќе почнете да ги доживувате вежбите на овој начин, тие ќе станат составен и незаменлив дел од вашиот живот. Придобивките од редовната физичка активност се повеќекратни за здравјето, од намалување на стресот и подобрување на расположението до заштита од болести и забавување на процесот на стареење. Текстот продолжува по огласот…

Кога вежбате, расте и нивото на енергија. Само 20-минутно изведување вежби со низок (прошетка) или умерен интензитет (возење статичен велосипед) трипати неделно може да го подигне нивото на енергија за 20%.

На мозокот му се потребни од 4 до 6 недели редовен тренинг за да се приспособи секогаш да се чувствувате енергично. Реално, дали ви е потребна дополнителна мотивација?

СЛУШАЈТЕ МУЗИКА ШТО ВЕ ПРИДВИЖУВА

Научните истражувања покажуваат дека некои песни можат да придонесат за попозитивно  искуство во вежбањето, да ги подобрат физичките перформанси и да го намалат субјективното чувство на тежина на вежбите. Значи, изберете музичка листа што ве придвижува и слушајте ја за време на секој тренинг.

ПРОБАЈТЕ ИНТЕРВАЛЕН ТРЕНИНГ

На многумина им е интересен, бидејќи наизменичното варирање на ритамот на вежбањето дава поголема мотивација да истраете во вежбањето.

ПО ВАША МЕРА

Повеќето луѓе сакаат да се занимаваат со нештата во кои се добри, па затоа утврдете што најмногу ви „лежи“. Потоа, размислете на кој начин таа активност да ја вклопите во секојдневниот живот.

ВОДЕТЕ ДНЕВНИК

Водењето евиденција за тренинзите ќе ви овозможи следење на напредокот и ќе ви биде најдобар поттик да продолжите да тренирате и да бидете горди на себе.

ВИСТИНСКИ ИЗБОР

Ако сакате да се дружите, вклучете се во групен тренинг. Ако имате натпреварувачки дух, изберете тимски спорт. Ако сте насочени кон себе, тогаш јогата е најдобар избор.

СЛЕДЕТЕ ГО ПРАВИЛОТО „ТРИ ТРЕНИНЗИ“ КОГА ИЗБИРАТЕ АКТИВНОСТ

И ако сте апсолутен почетник во вежбањето и немате претстава за тоа што би сакале да правите, а што би сакале да прескокнете, фитнес-експертите советуваат да го утврдите тоа со одење на три последователни тренинзи.

На првиот ќе стекнете увид во вежбите, на вториот ќе ја поттикнете самодовербата, бидејќи ќе се запознаете и со форматот на тренингот.

До третиот тренинг ќе ви биде јасно дали уживате во вежбањето или не. Секогаш добра идеја е и да пронајдете партнер за тренингот. Ако станува збор за блиска пријателка, тогаш истовремено спојувате две важни нешта: физичка и социјална активност. Освен тоа, кога некој очекува да се појавите на заедничкиот тренинг е добар поттик, нели?

Степенот на мотивација што може да го дадат партнерот во вежбањето или инструкторот е од непроценливо значење.

СОВЕТ-ПЛУС: во текот на вежбањето важно е да го насочите вниманието и на дишењето. Без разлика дали сме анксиозни, нервозни, загрижени или возбудени, во физиолошка смисла сите реагираме на ист начин: доаѓа до забрзано дишење и срцева работа и до засилено потење.

Длабокото дишење ќе обезбеди поголем прилив на кислород во мускулите, ќе ја намали физичката слабост и ќе ни обезбеди повисок степен на контрола.

ТЕКСТ: БОЈАНА СТОЈМЕНОВИЌ

ФОТО: JACOBLUND/GETTYIMAGES VIA GULIVER

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.