Фитнес-тренерот Филип Боцевски открива: Како да почнете со тренинзи во фитнес-центар?

Вити и здрави

Разговаравме со фитнес-тренерот Филип Боцевски (@filip.bocevski)

Многумина мислат дека вежбалницата не е за нив и дека ќе им биде здодевно да вежбаат на справи. Но фитнес-тренерот Филип Боцевски ни потврди дека придобивките од редовното посетување фитнес-центар се огромни:

„Научно е докажано дека вежбањето ги ублажува симптомите на депресија и анксиозност, го намалува стресот и го спречува когнитивното опаѓање. Физичките придобивки се добро познати: ефикасно согорување калории, подобрување на кардиоваскуларниот систем, одржување на нивото на шеќер во крвта, зацврстување на коските, подобрување на флексибилноста на зглобовите, како и намалување на ризикот од хронични болести.“

Тренингот не мора да биде здодевен, туку може да се вметнат подинамични типови вежби што ќе придонесат за неговата ефективност, а истовремено ќе му додадат и забавен елемент. Сè уште не ве убедивме?

Кој е првиот чекор?

Почетниците во фитнесот најчесто се соочуваат со анксиозност при влегувањето во фитнес-центар. Филип смета дека најважниот чекор е да решите да вежбате и тој ни го сподели неговото искуство:

„За поединците што имаат вишок килограми и не се чувствуваат пријатно во група со други луѓе, тоа е најпроблематичниот момент што евентуално ќе мора да се надмине. Тргнувајќи од себе, и јас сум почнал да вежбам затоа што поголем дел од мојот живот сум имал прекумерна тежина и не ми било пријатно да почнам со вежбање, бидејќи сум мислел дека ќе бидам исмеан. Но доколку сте одлучни и сакате да направите позитивна промена кај себе, сето тоа се надминува“, порачува Филип.

Што треба да знаете?

Побаравме одговори на најчестите прашања што ги мачат почетниците кога станува збор за вежбање во фитнес-центар:

1. Колку треба да се чести тренинзите? Не постои универзално правило што ве ограничува колку пати во неделата треба да посетувате фитнес-центар, но ако сте почетници и не сте физички активни, доволно е да вежбате 3-4 пати неделно. За ефективен тренинг, доволно е да одвоите 40-45 минути дневно.

2. Како треба да изгледаат тренинзите? Тоа зависи од вашите цели и потреби. Ако сакате да ги намалите вишокот килограми и да го тонирате телото, тренингот треба да започне со тежински вежби што ќе ви помогнат максимално да го искористите гликогенот, кој е складиран во вашето тело. Потоа, вклучете кардиовежби со различен интензитет.

3. Колку време треба да траат паузите? Препорачливо е да траат 45-60 секунди помеѓу секој сет, но ако ви треба повеќе време, слободно дајте си поголем одмор. На мускулите им требаат од 24 до 72 часа целосно да закрепнат помеѓу тренинзите. Притоа, главен фактор е квалитетното спиење.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, Bojan89/golubovy/iStock via GETTY IMAGES

Разговор со фитнес-експерт: Кои се придобивките од вежбањето HIIT кардио?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.