Фитнес-муабет со Виктор Апостоловски: „За време на карантинот си дозволив да качам 20 килограми!“

Колку тој е задоволен од својот изглед?

Виктор Апостоловски ни раскажа за неговата најголема фитнес-трансформација

Македонскиот идол беше неговата отскочна штица, а оттогаш па наваму, Виктор Апостоловски неуморно работи на својата кариера. Многубројни композиции, успешни настапи на фестивали, посетени свирки, компонирање музика за театарски претстави – сето тоа сведочи за трудот што тој го вложува во она што најмногу сака да го работи.

Овој пат со Виктор не зборувавме за музиката, туку поразговаравме за убавината и здравјето. Колку е тој задоволен од својот изглед? Како успева да се врати во форма по малите „киксови“ што си ги дозволува повремено во однос на исхраната и вежбањето? Ви откриваме нешто повеќе за неговата фитнес-рутина…

Посветеноста е од клучно значење

„Моментално сум презадоволен од својот изглед! Особено кога ќе се сетам дека до пред некој месец т.е. за време на карантинот си дозволив да се опуштам и да качам точно 20 килограми!  Но бидејќи спортувам буквално цел живот, си го познавам метаболизмот, телото и менталниот склоп, па затоа и си дозволувам да се опуштам во одредени периоди. Се’ што треба да направам потоа е да се посветам на одреден режим на исхрана и одредена програма на вежби и брзо се враќам на прав пат! Иако, да бидам искрен, годинава некако тешко ми одеше со оглед на тоа што, поради околностите се навикнавме на помалку движење и дружење. Како и да е, успеав да стигнам до тие 94-5% од целосно фит тело… Останатите 5 никогаш и не сум ги постигнал поради нераскинливата љубов со благото!“

Проблематична зона: стомакот!

„Дефинитивно имало многу периоди кога не сум бил задоволен од својот изглед! Како што кажав, секоја година си дозволувам да се опуштам, арно ама годинава малку ја претерав! Но тоа и не е единствениот пат кога сум ги имал, па и сум ги надминал тие килограми! Најбрзо качување килограми имав пред околу 6-7 години, за новогодишните празници. Отидов дома на околу 20 дена, а се вратив со 16 килограми плус! Имам прилично чуден метаболизам! Брзо ставам масни наслаги, ама засега прилично брзо и ги симнувам! Но како што минуваат  годините, претпоставувам дека ќе треба да водам повеќе сметка понатаму. Инаку, кај мене, на почеток мастите се распоредуваат по цело тело, па потоа најмногу ми се познаваат на лицето, стомакот и страните на стомакот. И тој дел отсекогаш ми бил проблем! Дур не се исушам целосно, тоа не си оди! Тоа е… Генетика :)“

Балансираната исхрана е најважна!

„Сигурно сите веќе го прочитале ова, меѓутоа најбитна е балансираната исхрана! Не мора да мериш се’ до милиграмче, ама битно е да знаеш што отприлика внесуваш и потоа да имаш доволно активности за телото да го потроши тоа што не му треба и да го искористи тоа што му треба од исхраната!

Е сега нормално, секое живо суштество е различно! Тоа што функционира за мене, може за никој друг нема да функционира! Кај некого ќе оди побрзо, кај некого побавно, се’ зависи од метаболизмот, генетиката и на крајот посветеноста! Меѓутоа колку и да е тешко, нема нешто што не може да се постигне! И за тоа има многу примери низ цел свет! Не ти треба ништо посебно! Јас лично, претежно вежбам со своја тежина – склекови, вратило, велосипед, планинарење и слично… Но со текот на годините си набавив клупа и тегови и тоа е се’ што ми треба!

Плус, постојано некому му треба помош за утовар – растовар, рушење, ѕидање, преселување и слично, а јас како музичар важам за човек што нема попаметна работа, нели, па стално сум тука да помогнам! Ем ми должат, ем еден тренинг плус! Секогаш гледај на светлата страна на животот 🙂 “

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Искрено со Давид Мука за убавината и здравјето: „Физичкиот изглед е важен, бидејќи тој е одраз на нашата внатрешна состојба“
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.