Еве што НЕ мора да правите за да бидете фит!

Според најновите истражувања...

Не е тајна дека ако сакаме да ослабиме, мора да внесеме промени во досегашниот начин на живот. Како што вели старата поговорка, што ќе посееш, тоа и ќе жнееш. Слично е и со изгледот. Секој има свој начин на слабеење, но она што им е заедничко на многумина се грешките. И тоа токму следниве…

Не мора да ги следите трендовите во вежбањето. Тоа е сосема погрешна тактика доколку сакате да истраете во слабеењето. Без разлика на тоа што одреден фитнес-режим е моментално „во мода“, би требало да ги следите стратегиите за вежбање што се темелат на научно поддржани принципи на физичка активност, но кои најмногу му годат на вашето тело. На пример, ако сакате да се ослободите од вишокот масти, редовно мора да согорувате повеќе калории одошто внесувате за да го доведете организмот во дефицит од калории. Можеби за вас 30-минутни кардио-вежби се поефикасни од долготрајниот тренинг.

Не мора да држите рестриктивна диета. Во секој вид исхрана постојат состојки што се сметаат за „непријатели“ на витата става. Но интересно е тоа што одредени намирници што се „забранети“ во една диета се сметаат за пожелни во друга диета. Затоа ниедна популарна диета не успеа да стекне кредибилитет во научните кругови. Па, што функционира тогаш? Секогаш следете ги личните преференции кога станува збор за изборот на намирниците, затоа што исклучиво таквиот начин на исхрана е одржлив на подолги патеки. На пример, ако омилена намирница ви е сирењето, сигурно не би сакале да не изедете ниту едно парченце до крајот на животот. Клучот е во умереноста.

Не постои волшебна состојка од која се слабее брзо. Иако постојат научно потврдени супернамирници што придонесуваат за здравјето и за слабеењето, сепак не постои додаток во исхраната што ќе даде веднаш видливи резултати. Всушност, во исхраната треба да воведете зеленчук, овошје, висококвалитетни протеини, а преостанатата храна да ја консумирате умерено. Доволно е само да го читате нутритивниот семафор, односно информациите за количеството калории на одредениот производ и да имате основно математичко познавање. Ако препорачаната дневна доза калории е меѓу 2.000 и 2.200, со едноставно одземање 500 калории на ден ќе губите по килограм секои две недели. А во преостанатиот број калории имате доволно простор за парче колач или палачинка. Значи, нема потреба да се откажувате од ниедна намирница.

И не мора да одите во вежбалница секој ден. Редовната физичка активност е исклучително важна за здравјето, но многумина сметаат дека ако тренираат како професионалните спортисти и бодибилдери ќе загубат килограми. Тоа не е вистина. Студијата спроведена од страна на магазинот American College of Cardiology во 2014 година ги истражувала долгорочните ефекти на физичката активност врз здравјето. Откриено е дека трчањето, дури и ако го применувате 5-10 минути на ден и со многу мала брзина, е поврзано со значително помал ризик од кардиоваскуларни заболувања. Значи, најдете активност во која уживате и дозирајте ја според сопствените можности.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Pixabay

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.