Бидете вити и здрави: Ви откриваме кои се најефикасните фитнес-реквизити!

Тренинзите со реквизити се ултраинтересни!

Мислење побаравме од Нина Лековска, инструкторка по пилатес и персонални тренинзи во фитнес-студиото „Тринити“

Пилатес-прстен, топка, ластик, топчиња за тонирање… Реквизитите за вежбање стануваат сè попопуларни и повеќето фитнес-сали нудат цела палета алатки за обликување на телото. Освен што го прават тренингот поразновиден и позабавен, секој реквизит има различна намена, па важно е да знаете кој е најдобриот за целите што вие си ги имате поставено. На нашите прашања на оваа тема ни одговори инструкторката по пилатес Нина Лековска (@ninahozelatina).

Тренинзите со реквизити се ултраинтересни!

Фитнес-студиото „Тринити“ изобилува со секакви реквизити: тегови со различни тежини, ластици, руски ѕвона, медицински топки, пилатес-топки, песочни топчиња, лизгачки дискови, степери, баланс-штица, рипстоли и разни справи за вежбање. Нина ни објасни дека сите тие служат за зајакнување и обликување различни делови од телото, во зависност од типот на часот што е предвиден за вежбање:

„Сметам дека не постои најефикасен реквизит. Од моето досегашно искуство, сите реквизити даваат одлични резултати доколку се користат соодветно. Реквизитите ни ги поместуваат креативните граници и таквите тренинзи секогаш се ултраинтересни и ефикасни, па вежбачите често знаат да кажат дека не забележале кога завршил часот“.

Сепак, иако реквизитите придонесуваат за разновидноста на часовите, можете и без нив да ги постигнете посакуваните резултатите.

„Веќе 7-8 месеци држиме часови онлајн, па видовме дека реквизитите не се неопходни. Вежбачите се среќни и задоволни, дури бараат да продолжиме со онлајн-тренинзи и кога ќе заврши целата оваа ситуација“, ни откри Нина.

НАШИ ФАВОРИТИ

Доколку имате можности и желба да ги збогатите вашите тренинзи со реквизити за вежбање, ние ви ги предлагаме нашите фаворити. П.С. Ќе ги обожавате!

1 ЛАСТИК. Ластикот создава отпор и е одличен начин да го подигнете тренингот на ново ниво. Доколку вежбите ви станале лесни и ви треба предизвик, само вклучете го ластикот и подгответе се за горење! Може да го користите за вежби за целото тело, но и за истегнување.

2 ПИЛАТЕС-ТОПКА. Не плашете се од големата топка, бидејќи таа нуди неверојатни придобивки! Поради нејзината нестабилна површина, пилатес-топката активира повеќе мускули и бара поголема координација и рамнотежа. Освен тоа, одлична е за оние што имаат проблеми со грбот и вратот, бидејќи служи како поддршка за телото и ги намалува болките во овие делови.

3 СТЕПЕР. Ако сте расположени за добар кардиотренинг и интензивно потење, воведете го степерот во вашата регуларна фитнес-рутина. Одличен е за тонирање (особено ако го комбинирате со тегчиња), за подобрување на координацијата и рамнотежата. Пуштете си ја вашата омилена песна и почнете со скокање!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

Кратка вежба за зајакнување на стомакот и отстранување на масни наслаги за работа од дома
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.