АНКЕТА: Прашавме наши момци колку ТИЕ се задоволни од својот изглед?

Во нивна кожа

И мажите понекогаш се несигурни во себе! Девет момци ни открија како се чувствуваат во својата кожа…

Најчесто се зборува за женското незадоволство од сопствениот изглед, се споделуваат совети за зацврстување на женската самодоверба и се поттикнуваат жените да се сакаат себеси и своето тело. Мажите како да се изоставени од целата оваа приказна, но и тие имаат свои несигурности.

Ние направивме мала анкета и дознавме како момците се чувствуваат во своја кожа и колку тие се задоволни од својот изглед…

1. Не постои човек што не бил задоволен од своето тело

„Доста сум задоволен од мојот изглед. Доколку би требало да го оценам на скала од 1 – 10, би си дал солидна осмица. Мислам дека нема човек на планетава, вклучувајќи ме и мене, што некој период не бил задоволен од изгледот на своето тело. Главниот виновник за тоа е мојот стомак, кој често знае да се истакне кога најмалку треба. Се занимавам со спорт и спортски активности од кога знам за себе. Моментално активно вежбам кросфит во Ultimatefit Alebras. Исто така, активно возам точак и longboard, и до скоро време(пред ковид-19) многу често ги посетував базените во Скопје како долгогодишен пливач и ватерполо играч.“

Мартин Климовски, софтверски тестер

2. Најважно е да се прават работите со љубов

„Задоволен сум со тоа како изгледам, особено со оглед на тоа што професијата од која заработувам и живеам како музички композитор и продуцент. е сосема поинаква и е тотално неповрзана со физичкото вежбање, активности и спорт. Јас верувам сум успешен и во двете полиња. Најбитно е што и двете работи ги правам од срце и со љубов. А кога тоа го има, се’ е полесно понатаму.

Најчесто имам 5 тренинзи неделно во вежбалница, во комбинација со дополнителни 2 кардиотренинзи (трчање, пливање, возење велосипед во вежбалница). Најважно е да се внимава на исхраната, истрајноста во работата и спиењето. За мене, вежбањето и физичката активност се дел од моето секојдневие и начин на живот. Тој час и половина што го употребувам во денот на физички активности ми е еден вид медитација т.е. време посветено на себе, и за мене тоа е совршен начин на регулирање на стресот и брзиот начин на живот.“

Мартин Данчев, музички композитор и продуцент

3. Нема тајни, само напорна работа

„Во моментов сум многу задоволен од мојот изглед, но не бев задоволен во тинејџерските години, особено не ми се допаѓаше тоа што бев преслаб во горниот дел, па оттаму и почнав да работам на себе. Изгледот го одржувам со константни тренинзи. Нема тајни, само напорна работа. Важно е да си го научиш телото, да го тестираш, да ја стекнеш дисциплината. Резултатите ќе се појават, а вие ќе бидете презадоволни. Физички и психички.“

Владан Исмановски, администратор за осигурувања

4. Лошиот избор на храна си го прави своето

„Екстремно сум задоволен од мојот изглед бидејки сум во најдобра форма до сега. Имало доста периоди кога не сум бил задоволен од телото, килограмите често знаеле да ми варираат. Во средно училиште на систематски преглед ми измерија 76кг на 188 см  и оттогаш имав доста промени во килограмите, најчесто помеѓу 92 и 100 кг)

Кога се дебелеам, прво се дебелеам во стомакот па најчесто не бев задоволен од изгледот на тој дел. Во 2012 кога се вратив од САД, каде што бев на Work&Travel, бев најдебел со 124 кг! Повеќе од пола година немав никаква вежбачка активност. Работев во кујна и лошиот избор на храна си го направи своето. Не изгледав многу дебел бидејки сум висок, но тежината ми пречеше на колената. Почнав повторно да вежбам и да се одржувам и брзо симнав добар дел од тежината.

Цел живот рекреативно спортувам. Како дете вежбав гимнастика, фудбал, потоа долго време кошарка, повеќе од 15 години одам во вежбалници и така го одржувам моето тело… Веќе 2 години практикувам програма што мислам дека најмногу одговара на мојата замисла за моето тело. Престанав само рекреативно да се одржувам и решив да се посветам малку посериозно на здравјето и изгледот на телото. Најчесто вежбам 2 пати на ден и не јадам нездрава храна. HIIT (High Intensity Interval Training) правам наутро и овој тренинг претставува кардио за мене. Гледам да имам барем 5 до 6 тренинга неделно. А попладне или навечер, во зависност кога ќе ги завршам дневните обврски, тренирам со тежини (најчесто во вежбалница).

Внимателно одбирам што јадам и што пијам. Многу од секојдневните брзи и лесно достапни храни и пијалаци ги одбегнувам и ги заменувам со квалитетни високонутритивни јадења во мали количини. Моментално спремам онлајн платформа за правилно вежбање и исхрана која би била достапна за сите заинтересирани.“

Димитар Мишев, сопственик на танцовиот фитнес-клуб „Сонриса“

5. Посветеност и добар режим

„За време на карантинот се опуштив и качив точно 20 килограми! Вишокот најмногу ми се познава на лицето и на стомакот, кој не се намалува додека не се исушам целосно! Се посветив на одреден режим на исхрана и вежбање, па успеав да постигнам 95 отсто од целосно фит-тело. Преостанатите 5 отсто никогаш не сум ги постигнал поради мојата нераскинлива љубов со благото.“

Виктор Апостоловски, музичар (целото интервју прочитајте го ТУКА)

6. Телото треба да е свежо и подготвено да ги изврши сите обврски

„Растргнат помеѓу критериумите на општеството за тоа како треба да изгледа убавото и здраво тело и начинот на живот на кој е принуден од истото тоа општество, модерниот човек се наоѓа во една ситуација чие решавање може да биде многу фрустрирачко. Прво, имаме погрешна перцепција за тоа како треба да изгледаме, а второ достигнувањето на таа перцепција е честопати невозможно. Ова многу ми пречеше додека бев помлад и тогаш постојан бев незадоволен од сопственото тело, особено од абдоминалниот дел.

Денес, точно знам кога се чувствувам најудобно во сопствената кожа, а кога не, и точно знам што е најдобро за мене. Овошјето ми е златен стандард за појадок, а свежите салати задолжителен дел од секој нареден оброк. Енергетски јога буст наутро, енергетски зумба буст во попладневните часови и велосипед наместо автобус или автомобил, секогаш кога дозволуваат условите. Тоа е мојот концепт за убаво и здраво тело. Можеби нема да одговара на сите критериуми, но ќе биде свежо и подготвено да им послужи на сите мои обврски.“

Филип Трпчески, општ доктор

7. Само човек задоволен од себе е спремен безрезервно да дава

„Сметам дека е крајно време да се престане со релативизирање на моќта на надворешната убавина. Како и со она апсурдното ‘Што повеќе сакаш? Убав/а или паметен/а?’ Двете! Еве тргнете од себе. Дали сте целосно рамнодушни пред физички убав човек и дали чувствувате некаква слабост поради неговото присуство, макар станува збор и за апсолутен странец.

Влогот во едукација и физички изглед се две различни полиња, независни едно од друго и се темел при градење на личниот идентитет. А само исполнет човек, човек задоволен од себе е спремен безрезервно да дава, затоа што не се плаши и не го гледа светот како своја закана. Напротив, сам си е свој свет.

Иницијалното прашање беше ‘Дали си задоволен од својот изглед?’ Мхм, баш да!“

Борјан Ристовски, модел

8. Вежбањето го подобрува расположението

„Имам 28 години и откога знам за себе, немам поминато 3-4 дена во животот без некаква спортска активност.  Преферирам тимски спортови (кошарка, фудбал, одбојка), но тренирав и тенис. На лето пливам, во зима скијам. Од сето ова телото ми беше дефинирано, но сепак мислев дека сум премногу слаб. Почнав со фитнес заради зголемување на мускулната маса, а потоа се префрлив на кросфит. Спортувам рекреативно и не сум се надевал на некакви достигнувања. Најважно ми е тоа што вежбањето ме прави здрав, исполнет и среќен.“

Ненад Вржалски, софтверски инженер

9. Режим, естетика, свест

„Имало периоди кога идеалот што сум си го поставил за себе и неговата реализација не се пресретнувале, па веројатно тогаш сум изгледал полошо одошто сум сакал. Меѓутоа, никогаш не ме обесхрабрувал конкретен дел од телото. Мојот сегашен изглед е резултат на режим, естетика и свест. Се хранам најчесто здраво (иако крадам чоколади навечер), вежбам, а кардиото го оставам за на сцена.“

Давид Мука Димовски, музичар и артист (целото интервју прочитајте го ТУКА)

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.