Ако вежбањето ви е здодевно, можеби не ви се погодила песната: Пробајте СПИНИНГ!

Вити и здрави

Разговаравме со инструкторот по спининг Сале Ѓоргиевски

Ако возењето статичен велосипед отсекогаш ви било здодевно, можеби не ви се погодила песната! Дали сте чуле за спининг? Станува збор за возење велосипед во затворен простор, придружено со забавна музика, тренер и соодветна програма. Оваа групна активност е достапна и кај нас, во спортскиот центар Synergy Fitness & Spa, а инструкторот Сале Ѓоргиевски ни раскажа нешто повеќе за неа:

„Станува збор за социјална активност и за многу безбеден спорт. Не можете да се повредите ниту да паднете, не страдаат колената и зглобовите, а техниката се учи полека. Тренинзите се сеопфатни и вклучуваат аеробни и анаеробни вежби за целото тело“.

Како изгледа еден тренинг?

Сале ни објасни дека еден тренинг трае 55 минути, вежбите се менуваат и подразбираат вежби за издржливост, кардиовежби, интервални вежби, натпреварувачко возење и слободен стил:

„Доволно е да се вежба трипати неделно, но професионалните спортисти може да практикуваат спининг и 5-6 пати неделно. На тренинзите е препорачливо секој да си понесе вода, велосипедски дрес или драјфит-маица, ракавици и, по можност, велосипедски патики“.

НАЈЧЕСТИТЕ ПРАШАЊА

Доколку сѐ уште се двоумите дали да пробате, можеби одговорите на најчестите дилеми ќе ве убедат…

1. Може ли секој да проба? Не постои старосна граница за возење велосипед, секој може да проба. Единственото ограничување е тоа што висината на возачот не смее да биде помала од 140 см, бидејќи нема да може да одговори на геометријата на велосипедот. За бремените жени постојат посебни вежби, но други ограничувања нема.

2. Која е улогата на инструкторот по спининг? Инструкторот треба да ги мотивира вежбачите да бидат среќни за време на тренингот и да им помогне да ја остварат својата замислена цел, да ослабат или да ја зголемат мускулната маса.

3. Зошто треба да се проба? Оваа активност нуди многу брзи резултати, брзо се стекнува кондиција, го подобрува расположението, го менува животот во позитивна смисла, а не постојат ризици. Не е потребна претходна физичка подготвеност, спинингот е за секого. Има и почетници и професионалци што се задоволни од тренингот. Придобивките се чувствуваат веднаш и, што е најважно, многу е забавно!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, Bojan89/Estanis Banuelos/iStock via GETTY IMAGES

Фитнес-тренерот Филип Боцевски открива: Како да почнете со тренинзи во фитнес-центар?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.