Ексклузивно интервју на Куртхан Апајдин, генерален директор на Лимак Скопје, за Економист – Светот во 2025-та.
Бидејќи следната година веќе ќе бидат завршени сите поголеми градежни работи поврзани со комплексот Diamond of Skopje, ќе се фокусираме на обезбедување беспрекорно функционирање на поединечните компоненти што го сочинуваат. Поради тоа што Групацијата Лимак е присутна и во областа на технологијата, ќе продолжиме со дигитализацијата на процесите, притоа потпирајќи се на сопствените ресурси и капацитети за соодветните дигитални алатки.
Ќе имплементираме дигитални решенија за да ги унапредиме односите со клиентите и нивното искуство, бидејќи клиентите и нивното задоволство се исклучително важни за нас во Diamond, изјави Куртхан Апајдин.
Крајот на годината е период во кој се сублимираат постигнатите резултати и се поставуваат новите цели. Како ја оценувате 2024 година, дали ги исполнивте вашите таргети?
Задоволен сум од постигнатото, иако, несигурноста, глобалните закани и безбедносни прашања продолжуваат да лебдат над економијата и да влијаат на пазарите ширум светот и ние сме принудени да работиме во такви услови. Но, и покрај ваквите околности, тимот на Лимак заврши одлична работа и успеавме да ги постигнеме зацртаните цели за 2024 година.
Драго ми е што можам да кажам дека во однос на изградбата, сите клучни елементи од проектот Diamond of Skopje се завршени и за следната година преостануваат процедурите на примопредавање за четвртата и последна станбена кула. Исклучително сме горди од она што го постигнавме и од изгледот на целокупниот проект. Создадовме извонредна архитектонска градба, која се карактеризира и со визуелна привлечност и со структурен интегритет. Сигурни сме дека ќе му одолее на тестот на времето и во неа ќе уживаат многу идни генерации, како што е случајот со сите впечатливи дизајни и големи градежни проекти.
Одлични се и резултатите на Diamond Mall, кој во октомври 2024 ја одбележа првата годишнина од своето работење. Трговскиот центар постојано ја проширува понудата на шопинг-брендови и на дополнителни содржини и организира различни настани за посетителите, што резултираше со пораст на посетеноста од 50% во првата година. Така што, немаме причина за незадоволство од нашите достигнувања во 2024.
По успешната прва година од работењето на Diamond Mall, во кој правец ќе се развива понатаму овој трговски центар?
Во тек се активности за влез на нови ексклузивни брендови во молот, но иако шопинг-компонентата на трговскиот центар е исклучително важна и привлечна, сегментите што го одвојуваат Diamond Mall се дополнителните содржини, како Зоната на соништата и Гурманската авенија. Ние гледаме потенцијал во развој и на едното и на другото и тоа ќе се одвива истовремено, но имајќи ги предвид модерните трендови и преференциите на потрошувачите, особено внимание ќе посветиме во создавањето опции за посетителите на трговскиот центар да можат да уживаат во различни активности и да им обезбедиме што е можно повеќе причини за посета на Diamond Mall.
Огромна површина е одвоена за забавни содржини за деца. Ја имаме Зоната на соништата, која се простира на 3.500 м² и овозможува едукација и забава за деца од различни возрасти.
Се разбира, неопходно е да ја спомнеме Гурманската авенија, која моментално во Скопје е единствено место со толкава концентрација на модерни и тренди-угостителски објекти, ненадминлива со понудата на различни специјалитети. Тука има азиска, мексиканска, интернационална и локална кујна, како и опции за здрави оброци и различни пијалаци, од уникатни кафиња до смути и коктели. Внимателниот избор и комбинацијата на различните ресторани, барови и кафулиња што се присутни во Гурманската авенија ја прават совршено место за дневни и вечерни излегувања. Очекуваме и понатаму да го развиваме овој концепт со понуди кои овозможуваат дополнителна вредност за посетителите за да се враќаат повторно и повторно.
Групацијата Лимак е присутна на глобално ниво и имате искуство од различни пазари. Како ги оценувате моменталните трендови и потенцијали и каде се реализирани најголемите проекти?
Групацијата Лимак е присутна во 9 сектори, меѓу кои туризам, инфраструктура, храна и пијалаци, енергетика, технологија, градежништво и авијација. Секој од нив има огромен потенцијал и во перспектива игра витална улога за развој на модерните општества. Сепак, затоа што сум градежен инженер по професија, би ги издвоил проектите што Лимак ги реализира во градежништвото.
Така, покрај Diamond of Skopje, Лимак е исклучително горд на реконструкцијата на Камп Ноу, по што стадионот ќе има капацитет за 105.000 навивачи. Има два футуристички проекти во Саудиска Арабија, Аквелиум и проектот Волт, каде Лимак е дел од создавањето на ултра-модерно вертикално село и на подземна дигитализирана заедница на иднината. Исто така, има неколку големи инфраструктурни проекти во Кувајт, вклучувајќи и нов терминал и паркинг за возила на меѓународниот аеродром. Сите тие се прилично уникатни и нови и бараат голема експертиза и револуционерни методи и технологија за да се решат комплексни градежни предизвици. Со гордост можам да кажам дека Лимак е рангирана на 50-то место на листата на најдобри интернационални градежни компании за 2024 година од реномираното списание ENR (Engineering News Record).
Тековните проекти во Турција се исто така многу интересни. Еден од нив е седиштето на Централната банка на Турција, кое по завршувањето ќе биде највисока зграда во Европа, а друг е проектот за одржливи вили во Истанбул. Нашата компанија реализира вакви проекти затоа што имаме искуство и веќе воспоставена практика да размислуваме за одржливоста во секој сегмент од нашата работа. Енергетската ефикасност и употребата на одржливи градежни материјали редовно се применуваат во сите наши градежни проекти и се придржуваме кон највисоките меѓународни стандарди, затоа што работиме на глобално ниво.
Какви се вашите планови за 2025 година, на што ќе се фокусирате?
Бидејќи следната година веќе ќе бидат завршени сите поголеми градежни работи поврзани со комплексот Diamond of Skopje, ќе се фокусираме на обезбедување беспрекорно функционирање на поединечните компоненти што го сочинуваат. Поради тоа што Групацијата Лимак е присутна и во областа на технологијата, ќе продолжиме со дигитализацијата на процесите, притоа потпирајќи се на сопствените ресурси и капацитети за соодветните дигитални алатки. Ќе имплементираме дигитални решенија за да ги унапредиме односите со клиентите и нивното искуство, бидејќи клиентите и нивното задоволство се исклучително важни за нас во Diamond.
Ќе продолжиме да еволуираме, затоа што непредвидливите глобални политички и економски услови бараат компаниите постојано да се приспособуваат и овој бизнис модел е неопходен за да се обезбеди отпорноста на компаниите во денешниот деловен свет. За среќа, искуството на Групацијата Лимак е мултинационално и обемно, па можеме да го користиме и да обезбедиме низа поволности благодарение на трансферот на знаење и експертиза во различни области, вклучувајќи и менаџмент и оператива.
Се надевам дека меѓународните безбедносни прашања ќе бидат решени брзо и на начин што обезбедува мир и развој и дека економските текови ќе се стабилизираат и ќе бидат попредвидливи и поволни за исполнување на целите и плановите за 2025 година.
Текст: Економист – Светот во 2025-та
Фото: приватна архива