Амбасадорот на Шведска со јасна визија: „2026 ќе биде година на можности за Северна Македонија“
Ола Сулстром, амбасадор на Кралството Шведска во Северна Македонија, за годишното издание Економист: Светот во 2026-та.
Пристигнав во Скопје во август 2025 година, по пет години во Стокхолм како заменик-шеф на Одделот за мултилатерални прашања. Пред тоа, служев на повеќе дипломатски позиции, вклучувајќи ги Брисел и Њујорк. Времето поминато во Њујорк беше еден од најзначајните периоди во мојата кариера. Уверен сум дека Скопје сериозно ќе му конкурира на Њујорк и му се радувам на периодот што претстои како амбасадор на Шведска во Северна Македонија – штитејќи ги и промовирајќи ги шведските интереси и зајакнувајќи го веќе стабилното и цврсто билатерално партнерство меѓу нашите земји.
Интензивни почетоци и големи прашања
Првите месеци во Скопје беа динамични – средби со министри, пратеници, шведски граѓани и компании, со граѓанското општество, студенти, партнери од ОН, новинари и културни дејци. Во секој разговор ме водеа три прашања:
Со какви предизвици и можности ќе се соочи Северна Македонија во, но и по 2026 година?
Како Шведска најдобро може да придонесе за справување со овие предизвици и искористување на можностите?
Како да ги решиме заедничките предизвици – закани по европската безбедност, нередовна миграција, климатски промени?
Одговорот е јасен: заедно – како партнери во Европа, како сојузници во НАТО и како долгорочни пријатели.
Поглед кон 2026 година
Кога размислувам за 2026 година, повеќе мислам на можности отколку на предизвици. Моите три желби за годината што следи се:
Политички пробив и напредок кон ЕУ
Се надевам дека политичкиот застој на патот кон ЕУ ќе може да се реши што побрзо и дека Владата ќе ја искористи можноста за амбициозни реформи во исполнување на Копенхашките критериуми и ќе продолжи на патот кон членство во ЕУ. Последниот извештај на Европската комисија нуди насоки. Шведска ќе продолжи да го поддржува овој реформски процес, како политички, така и финансиски. Како што истакна Џесика Розенкранц, министерката за европски прашања на Шведска, за време на нејзината посета на Скопје во ноември 2025 година, ние гледаме на проширувањето на ЕУ како инвестиција во сопствениот европски просперитет, безбедност и иднина. Северна Македонија е дел од европското семејство и треба да стане членка на Унијата. Патот кон тоа ќе бара напор и политичка храброст – но ќе вреди.
Економско обновување и реформа
Амбициозните реформи на поле на деловната клима, одржливоста и борбата против корупцијата се клучни за раст, создавање работни места и привлекување странски инвестиции – вклучително и од големи шведски компании во сектори како инфраструктура, дигитализација и зелена економија, каде Северна Македонија има потреби и каде шведските компании се подготвени да се вклучат. Денес, околу 20 шведски компании работат тука – јас сакам тој број да расте! А со задоволство би им помогнал и на претприемачите и компаниите од Северна Македонија да инвестираат, растат и напредуваат во Шведска – можеби во Стокхолм, една од светските стартап-престолнини (помислете на Spotify, Klarna, Minecraft и други).
Зајакнување на меѓучовечките врски
Динамичните размени меѓу луѓето и општествата се клучни за изградба на модерни, иновативни и успешни економии – особено важни за малите и средни земји. Македонската дијаспора во Шведска веќе игра голема улога во поврзувањето на нашите земји, но во наредните години би сакал да видиме уште повеќе поврзувања, повеќе шведски туристи во Северна Македонија и повеќе Македонци кои ја откриваат Шведска, вклучувајќи го и мојот роден град, Стокхолм. Со директните летови кои сега го поврзуваат Скопје со Стокхолм, Гетеборг и Малме, можностите се бескрајни. Подготовките на Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година ќе бидат дополнителни причини за Швеѓаните да ја посетат Северна Македонија, за викенд или подолго.
Нашата мисија и следни чекори
На сите овие полиња – политичко, економско и меѓучовечко – има предизвици, но и огромни можности во 2026 година и понатаму. Овие приоритети ќе ја водат мојата и работата на Амбасадата во соработка со партнерите, во подигање на односите меѓу Шведска и Северна Македонија на следното ниво – нешто што навистина го очекувам. Следете нè на Facebook (@SwedenInMK и @OlaSohlström), Instagram и X (@SwedenInMK и @sweambassadormk) за да дознаете за нашата работа на овие три приоритетни области, но и за сите новости. Нека годината што следи биде успешна!
Текст: Економист: Светот во 2026-та